Три години по масовните убиства, кои припадниците на Исламската држава (ИД) ги извршиле врз Јазидите во Ирак, жртвите настојуваат да го следат примерот на жените од Сребреница и бараат масакрите да се прогласат за акт на геноцид, а на убијците да им се суди.
Пишува: Игор Спаиќ, Сараево
Членовите на заедницата Јазиди, во четвртокот во Ирак ја одбележаа годишнината од масакрот, кој во северната провинција Ниневија во 2014 го извршија припадниците на ИД, при што се обврзаа дека ќе бараат правда за убиените жртви.
Од овој настан, кој се случи кога припадниците на ИД ја освоија планинската област Синџар, каде што живеат претежно Јазиди, поминаа три години.
Ова крвопролевање, во јуни 2016 година, Обединетите нации го окарактеризираа како геноцид.
Денес, преживеаните членови на оваа заедница, бараат и правно признавање дека овој настан претставува геноцид, но и да бидат пронајдени останките на нивните сакани.
Тие го сакаат она што го постигнале преживеаните од Сребреница.
Затоа, на 11 јули оваа година, делегација на Јазидите, присуствуваше на одбележувањето на 22-годишнина од геноцидот во Сребреница, кога силите на босанските Срби, кои на крајот на војната во Босна и Херцеговина, 1992-1995, го зазеле овој град, систематски извршиле масакр над околу 8.000 бошњачки мажи и момчиња.
Дилбар Омер, член на делегацијата на Јазидите, за БИРН изјави дека посетата на БиХ била инспиративна и продуктивна.
„За време на нашата средба со преживеаните од Сребреница, се фокусиравме на размена на искуствата и работата. Тие нè потсетија дека треба да се потпреме на законот, а не да бидеме повлечени од омраза и одмазда“, вели Омер.
Нагласува оти научил дека „документацијата има битно значење”. „Треба да користиме различни алатки и ресурси, кога ги бараме своите права”, додава тој.
Групата сега планира да ги охрабри и да им даде сила на преживеаните членови на нивната заедница, за да станат нејзини активни работници, но, исто така, да ги охрабри локалните заедници да ги документираат сите злосторства против човештвото што биле извршени.
Пронаоѓањето на масовните гробници е приоритет, вели Омар. Преживеаните членови на Јазиди заедницата изразија желба меѓународната заедница да се вклучи во потрагата по овие локации, но, исто така, да иницира и судски случаи, како што тоа го направи во БиХ.
Групата, исто така, ќе се обиде да ја зајакне социјалната кохезија и да го обнови доверието меѓу различните етнички групи.
„Заедно ќе работиме на образованието, културата, простувањето и обновувањето на локалните организации на граѓанското општество, кои ќе стремат кон посветла и помирна иднина”, вели Омер.
Преземање на акција
„Ирачките Јазиди беа импресионирани од работата на жртвите во Сребреница”, вели Сем ван Вилет, виш програмски офицер за Ирак на холандската мировна организација ПАКС, која минатиот месец, ја организираше нивната посета на комеморацијата во Сребреница.
Она што ја импресионирало шестчлената делегација на Јазидите, е начинот на кој Бошњаците успеале да излобираат идентификација на масовните гробници, а подоцна и да се вклучат во процесот на правда и материјализација“, вели ван Вилет.
Тие сфатија „колку е важно жртвите сами да се организираат како група на граѓанското општество, заради поефикасно лобирање”, додаде тој.
Лицата што го преживеале масакрот во Сребреница, а се работи главно за жени, успеале да ги убедат странските влади да формираат Меѓународна комисија за исчезнати лица (МКИЛ) и да помогнат во создавањето на досега најсофистицираниот процес на масовна ДНК идентификација.
Вршеле притисок врз експертите по судска медицина да трагаат по скриените масовни гробници, да вршат ексхумации, да ги составуваат скелетите како сложувалка и да им ги вратат останките на жртвите на нивните семејства, кои секоја година на 11 јули, ги закопуваат своите најблиски во меморијалниот центар во Поточари, погреб на кој присуствуваат светски лидери.
Од друга страна, голем број на сторители на воени злосторства, но, исто така, и лица кои ги планирале овие злосторства, беа судени пред Хашкиот трибунал.
Никој претходно не сторил вакво нешто.
Када Хотиќ, една од најистакнатите членки на здружението „Мајки на Сребреница“, во масакрот извршен во Сребреница во 1995 година, изгубила син, сопруг и двајца браќа. Таа има неколку совети за Јазидите.
„Треба да инсистираат на формирање на независен суд, да извршат притисок врз локалните и меѓународните институции да се најдат докази”, изјави таа за БИРН.
„Тогаш кога ќе ги добијат сите докази, ќе можат и да ги презентираат на суд”, нагласува таа.
Најважниот дел од процесот на признавање на геноцидот, вели Хотиќ, е пресудата на судот.
„Пред официјалната судска пресуда, никој во медиумите дури и не го користеше зборот ‘геноцид’, за да го опише она што ни се случи”, објаснува таа.
Хотиќ се сеќава како жените од Сребреница, веднаш по војната, правеле сѐ што можеле, за да ги најдат своите синови, сопрузи, браќа и татковци.
Регистрирале здружение и почнале да лобираат, да тропаат по врати, да инсистираат, да маршираат во знак на протест и да даваат интервјуа по медиумите.
Но, никој не сакал да им помогне, вели Хотиќ. Официјалните лица им ги затворале вратите или воопшто не им ги отворале.
Властите на Република Српска, ентитетот во кој се наоѓа Сребреница, по војната се обиделе да ги спречат жените да го посетат овој град и не сториле многу во потрагата по останките на нивните најблиски или во обезбедувањето на нивното враќање.
Но, мајките, сестрите и вдовците немале што повеќе да изгубат и затоа никогаш не се откажале.
„Фрлавме камења по Црвениот крст, по полицијата. Моравме да бидеме груби. Бевме очајни“, признава Хотиќ.
Мобилизирање на поддршка
Жените од Сребреница упорно и неуморно им се обраќале на локални и на меѓународни претставници, на државници и на невладини организации, на членови на Конгресот на САД и на адвокати.
Во 1996 година, била формирана МКИЛ. Таа била задолжена за пронаоѓање и идентификување на жртвите од војната во БиХ. Оваа иницијатива ја поддржа и тогашниот американски претседател, Бил Клинтон.
Кога експертите по судска медицина почнале една по друга да ги ископуваат масовните гробници, жените стоеле над јамите и го следеле секој нивен потег.
Тие дадоа крв и ги мобилизираа бегалците од Сребреница од целиот свет да го сторат истото, за да се создаде база на податоци на ДНК од 100.000 крвни примероци, кои ќе можат да се споредуваат со ДНК на секоја ископана коска.
Жените тужеле секого кого можеле да го тужат, пред кој било суд кој се занимавал со нивните случаи, и во БиХ и на меѓународно ниво. Тие дури ја тужеа и Холандија поради тоа што нејзините војници, кои биле мировници на ООН во Сребреница, не ги заштитиле бошњачки мажи, а се обиделе да ја тужат и самата ООН.
Некои случаи ги изгубиле, некои ги добиле, но резултатот бил успех што историјата ќе го памти.
МКИЛ денес е меѓународно тело во Хаг, кое помага во лоцирање и идентификација на жртвите од конфликтите и природните катастрофи низ светот, од жртвите на генералот Пиноче во Чиле, до жртвите на цунамито во Азија во 2004 година.
Собраните докази за масовните гробници во Сребреница, сведоците во судските предмети и документите до кои дошле во текот на судењето, им помогнале на обвинителите во Хаг, во докажувањето дека злосторствата што обвинетите ги извршиле биле „намерно и систематско уништување на расна, политичка и културна група“ или дел од група – што е дел од дефиницијата за геноцид.
Ова подоцна им помогнало на судиите на Меѓународниот суд на правдата да донесат одлука дека она што се случило во Сребреница е чин на геноцид.
Во меѓувреме, жртвите успеале да излобираат и пари, но и политичка поддршка за изградба на меморијалниот центар во Сребреница – огромни гробишта каде што вечно престојувалиште најшле повеќето од нивните најблиски.
Докажување на геноцидот
Јазидите велат дека сакаат да постигнат нешто слично на она што го постигнале жените од Сребреница.
„Заедницата на Јазидите активно е вклучена во изградбата на правичниот процес со меѓународната заедница”, вели Тања Доми, вонреден професор по меѓународни и јавни прашања на Универзитетот Колумбија, која повеќе од две децении го следи сребреничкиот процес.
Тие сега „учат од мудроста и искуството на заедницата во Сребреница, која по геноцидот водеше бесконечна кампања за одговорност”, додава Доми.
„Според бројни наоди, сѐ повеќе се наметнува заклучокот дека борците на ИД извршиле геноцид врз Јазидите во Ирак”, вели таа.
Во минатогодишниот извештај на Независниот меѓународен комитет за истраги на ООН, злосторствата извршени над Јазидите се опишуваат како „незамисливи ужаси”, при што се заклучува дека тие во целина претставуваат геноцид.
Извештајот ги опишува убиствата, сексуалното ропство, поробувањето, тортурата и нечовечното и понижувачко постапување со Јазидите.
Во извештајот се спомнува и „наметнување на мерки за спречување на раѓање на деца меѓу Јазидите, вклучувајќи и присилна конверзија со возрасните, поделба на жените и мажите Јазиди, ментални трауми, како и давањето на деца од семејства на Јазидите, на борци на ИД, со што им ги скратиле врските со верувањата и практиките на нивните верски заедници“.
„Исламската држава сакаше и сè уште се обидува да ги уништи Јазидите на неколку начини, што се гледа и во Конвенцијата за геноцид од 1948 година”, се заклучува во извештајот.
Доми истакна дека гледа многу сличности помеѓу настаните со Јазидите и со Бошњаците од Сребреница.
Таа, според нејзина проценка, како дел од најлошите злосторства извршени врз Јазидите ги истакна – пријавените киднапирања и сексуалното ропство на жените Јазиди, во кое ги држеле борците на ИД, кои во исто време ги убивале мажите Јазиди.
„Овие злосторства се споредливи со искуството што, претежно Бошњаците, го имале во војната 1992-1995 година”, рече Доми.
Правна разрешница
Според ПАКС, во Ирак живееле вкупно 550.000 членови на заедницата Јазиди.
Како резултат на нападот што припадниците на ИД го извршија во 2014 година, 360.000 Јазиди внатрешно се раселиле, а 90.000 ја напуштиле земјата, соопшти оваа организација.
Од 3.547 киднапирани жени и девојки, досега се вратиле само 1.911. Многу од нив, во заробеништво преживеале тешка сексуална злоупотреба.
Како што вели за БИРН ван Вилет, од 2.870 киднапирани момчиња, досега се вратиле 1.137.
„Досега, убиени се вкупно 1.293 Јазиди и се пронајдени 43 масовни гробници”, информира тој.
„Од суштинско значење е овие форензички докази да бидат собрани во најкраток можен рок … а преживеаните и жртвите да го дочекаат ‘својот ден’ пред судот”, нагласува Доми.
Во соопштението објавено по повод третата годишнина од масакрот, правниот советник на преживеаните Јазиди, Амал Клуни, повторно го истакна нивното инсистирање на правна разрешница.
„Срамно е што три години по геноцидот, ниту еден член на ИД не одговарал пред суд. Со нетрпение го очекувам денот кога Јазидите и другите жртви на ИД ќе се соочат со своите злостатвувачи пред судот во Хаг“, додаде Клуни.
Комеморацијата одржана за жртвите Јазиди, е чекор напред на патот по кој веќе поминале преживеаните од Сребреница.
Следниот чекор за Јазидите ќе биде тежок и ќе трае со години, но Хотиќ нагласува дека се исплаќа тој да се направи.
„Не можете да ги вратите мртвите, но можете да ја почувствувате правдата”, нагласи таа.
„Тоа им дава одредена сатисфакција на жртвите, а што се однесува до остатокот од човештвото, им дава лекции на идните генерации”, заклучи Хотиќ.