Регион

Југословенската шпионска сага ги актуелизира убиствата на емигрантите

Пишува: Свен Милекиќ – Загреб

Случајот против поранешните шефови на југословенската разузнавачка служба, Здравко Мустач и Јосип Перковиќ, кој во средата беа осудени во Минхен, за поддршка на убиство на хрватски емигрант извршено во 1983 година, се најде во фокусот на многу шпекулации, уште пред да стане судски случај.

Здравко Мустач (лево) и Јосип Перковиќ (десно) на судењето во Минхен. Фото: Бета; Петер Кнефел

Здравко Мустач (лево) и Јосип Перковиќ (десно) на судењето во Минхен. Фото: Бета; Петер Кнефел

Имено, во пресрет на пристапувањето на Хрватска во ЕУ на 1 јули 2013 година, Германија најави дека Перковиќ и Мустач ќе ги изведе пред суд со помош на Европскиот налог за апсење, кој секоја земја членка ја обврзува да ги уапси и екстрадира лицата осомничените за кривични дела, на земјата која ги бара.

Но, на 28 јуни 2013 година, неколку дена пред да влеѕе во ЕУ, хрватскиот парламент, по иницијатива на централно левичарската Владата и на премиерот Зоран Милановиќ, донесе закон според кој Европскиот налог за апсење ќе важи само за кривичните дела извршени по 2002 година.

Ова би ја спречило екстрадицијата на Мустач и на Перковиќ, поради што медиумите овој закон го нарекоа „Лекс Перковиќ“.

Владата тврдеше дека одлучила да го донесе законот за да ја спречи екстрадицијата на хрватските бранители, но се појавија неосновани шпекулации дека поранешниот шефовите на разузнавачката служба, пред судот можат да откријат тајни кои би биле незгодни за земјата.

Донесувањето на законот предизвика реакции од Берлин и од Брисел.

Во септември 2013 година, Мина Андреева, портпарол на комесарот за правосудство на ЕУ, Вивиен Рединг, ја предупреди Хрватска дека мора „брзо и безусловно“ да го измени законот, или Европската комисија ќе преземе „соодветни мерки“.

Подоцна, истиот месец, еден ден откако Демохристијанската партија победи на парламентарните избори во Германија, канцеларката Ангела Меркел изјави оти се надева дека Хрватска ќе ги хармонизира своите закони за екстрадиција со европското законодавство, „како што е договорено со ЕУ“.

Само неколку дена подоцна, хрватската влада им потклекна на притисоците и соопшти дека ќе го смени законот. Со ова, во почетокот на јануари 2014 година, кога законот стапи во сила, екстрадицијата на Перковиќ и Мустач беше овозможена.

Налогот за нивно апсење беше доставен во почетокот на јануари, а Окружниот суд во Загреб и хрватскиот Врховен суд, брзо го потврдија налогот за Перковиќ, кој истиот месец беше екстрадиран во Минхен, додека Мустач ѝ беше предаден на Германија кон крајот на април.

Овој случај, во кој за прв пат им се судеше на поранешни разузнавачи на хрватскиот огранок на Службата за државна безбедност (СДБ, позната како УДБА), го покрена прашањето за убиствата на југословенските дисиденти во странство.

Според обвинителството, од 1960 до распадот на Југославија во почетокот на 90-тите, во Западна Германија биле извршени повеќе од 60 убиства на југословенски емигранти, кои, најверојатно, ги спровела УДБА. Во дваесет и два случаи се работело за хрватски емигранти, кои биле убиени во периодот меѓу 1970 и 1989 година.

Југославија, дел од овие убиства ги оправдала како антитерористички операции, бидејќи емигрантите навистина користеле терористички методи во борбата против комунистичката држава.

Откако во 90-тите стекна независност, Хрватска не го реши прашањето со убиствата и ги ангажираше поранешните функционери на СДБ. Перковиќ во 1991 година беше вработен во Министерството за одбрана, каде што до 1992 година беше помошник на министерот за одбрана, а потоа стана виш советник на министерот.

Перковиќ тврдеше дека емигрантот Стјепан Ѓурековиќ го убиле југословенските сојузни разузнавачки агенции и оти тој работел само за хрватскиот оддел на СДБ, но судот во Минхен го отфрли овој аргумент.

Овластени атентати

Во времето на убиството на емигрантот Стјепан Ѓурековиќ во Минхен во 1983 година, Мустач бил на чело на хрватскиот огранок на СДБ, , а Перковиќ шеф на одделот задолжен за емиграција на СДБ.

„Здравко Мустач кон крајот на 1982 или на почетокот на 1983 година, го овластил Перковиќ да започне подготовки за ликвидација на Стјепан Ѓурековиќ“, рече во среда претседателот на судскиот совет, Манфред Даустер, образложувајќи ја пресудата.

Судот заклучи дека Мустач и Перковиќ го организирале убиството за да го замолчат Ѓурековиќ, кој имал информации за наводни криминални активности на Вања Шпиљак, син на Мика Шпиљак, член на југословенското претседателство, во државната компанија ИНА.

Ѓурековиќ, пред да избега во Германија во 1982 година, работел за ИНА како директор на маркетинг службата.

Тој бил убиен во својата гаража во Волфсратхаусен во близина на Минхен, каде што се печател антијугословенски пропаганден материјал.

„Мотивот за отстранување на Ѓурековиќ се базирал на неговото непријателско делување и вмешаноста во малверзации во Ина“, рече судијата.

„Се сметало дека со елиминација на Ѓурековиќ би бил отстранет и проблемот со ИНА, кој заради истрагата за проневера во висина од неколку милиони долари, стана огромен товар за републичкото раководство“, додаде Даустер.

Клучна фигура во убиството на Ѓурековиќ бил поткажувачот на СДБ, Крунослав Пратес, кого германскиот суд во 2008 година го осуди на доживотен затвор за негова вмешаност во убиството.

На денот кога е убиен, Пратес го повикал Ѓурековиќ на состанок во гаражата. Убијците веќе го чекале во неа, а внатре влегле со клуч што им го дал Пратес.

Како шеф на одделот за емиграција на СДБ, Перковиќ му бил надреден на Пратес, рече судијата.

Сепак, Пратес пред судот изјави дека наводите за клучот се „измислена приказна“, враќајќи им се на своите претходни изјави дадени за германските истражители.

Друг важен сведок беше поранешниот агент на СДБ, Винко Синдичиќ, кој во Велика Британија издржуваше казна затвор за обид за убиство на хрватскиот емигрант Никола Штедул во Шкотска во 1988 година.

Синдичиќ пред судот во јули именува лица за кои тврдеше дека го убиле Ѓурековиќ.

За време на судењето, одбраната изнесе претпоставки дека Ѓурековиќ можеби бил убиен, бидејќи ѝ ги откривал југословенските воени и државни тајни на германската Сојузна разузнавачка служба, БНД.

Одбраната, исто така, тврдеше дека намерата била Ѓурековиќ да биде киднапиран и дека СДБ не го исплнирала однапред неговото убиство.

Според податоците од БНП, Ѓурековиќ за оваа служба работел од 1975. до 1983. Поранешниот агент на БНД, Рудолф Волверт, пред судот потврди дека агенцијата „добро му плаќала на Ѓурековиќ“.

Сепак, судот го отфрли ова тврдење и ги прогласи Мустач и Перковиќ за виновни.

Нивните адвокати веќе најавија жалба.

Текстот е објавен на Балканска транзициска правда