Регион

Кафе за исчезнатите од Сребреница послужено во Чикаго

Со поставување на илјадници филџани кафе на еден од плоштадите во Чикаго, беше одбележана годишнината од геноцидот во Сребреница, извршен во 1995 година. Ова е уникатен споменик на уметникот Аида Шеховиќ, родум од Босна и Херцеговина, кој на јавноста ѝ кажува како жртвите ги загубиле своите животи.

Секоја година на 11 јули, Аида Шеховиќ и нејзиниот тим на волонтери, по градските плоштади низ светот, во илјадници мали филџани, послужуваат кафе.

Но, оние кому кафето им е сварено, никогаш нема да го испијат.

Некои од нив, истиот ден беа погребани во Меморијалниот центар во Поточари, во близина на Сребреница, откако нивните останки беа ексхумирани од масовни гробници и идентификувани од експертите по судска медицина.

Cincopa WordPress plugin

Повеќето од нив се закопани во претходните години, а околу 1.000 сѐ уште се сметаат за исчезнати.

Името на овој споменик на Шеховиќ, кој нема постојано место на поставката, е „Што те нема“, а намерата е да се подигне свеста на луѓето за егзекуцијата на илјадниците бошњачки мажи и момчиња од Сребреница, извршена пред 22 години, која, според пресудите на меѓународните судови, претставува геноцид. Досега, од нив се именувани 8.372 жртви.

Оваа година, кафето се служеше на Дејли Плаза во центарот на Чикаго.

„Намерно не поставивме никакви знаци, знамиња или транспаренти на местото на настанот, па луѓето што поминуваа, немаа поим што правиме и зошто”, вели Шеховиќ за БИРН.

„Елиминирањето на сите симболи кои можат да не одвојат, едноставно им овозможува на луѓето да ни пристапат и да поставуваат прашања”, додава таа.

Во БиХ, пиењето на кафе од филџан е обичај, ритуал кој ги обединува семејствата, соседите и пријателите.

Филџаните на Аида, полни си црната течност, ги тера луѓето да застанат и да прашаат во што е работата. Тогаш им се пренесуваат информации за геноцидот и зошто е важно да се запамети и да се зборува за илјадниците жртви од Сребреница.

„Кога работам со заедниците кои се домаќини на поставката во кој било град, особено со тимот на волонтери кои се присутни на самото место на настанот на 11 јули, доста зборуваме за тоа како да направиме еден инклузивен и пријатен простор, во кој сите би се чувствувале како да му припаѓаат, и тоа може да биде дел од оваа комеморација, без оглед на нивната лична поврзаност или историјата на Сребреница и на Босна“, објаснува овој уметник.

Шеховиќ, како бегалец од војната во БиХ, 1992-1995, прво живеела во Германија и во Турција, а потоа, во 1997 година, се преселила во САД, каде што завршила студии по уметност.

Истакнува дека првичната идеја за овој проект ѝ произлегла од фрустрацијата дека не може ништо да направи во врска со случувањата во Сребреница. Таа сакала за себе и за другите да создаде простор во кој ќе можат да направат нешто, „без разлика колку би бил мал или симболичен тој гест ”.

„Никогаш не можев да замислам дека нешто што пред 12 години почна како перформанс замислен да се прикаже само првата година, ќе прерасне во партиципативен номадски споменик што ќе патува низ светот, ќе свртува внимание, ќе буди сочувство и солидарност поради геноцидот во Сребреница”, вели таа.

Шеховиќ со оваа поставка настапила во босанските градови Сараево и Тузла, во неколку градови низ САД, вклучително и во седиштето на ООН, Њујорк, потоа во Женева (Швајцарија), Торонто (Канада), Истанбул (Турција), Стокхолм (Шведска) и Хаг (Холандија).

За подготовка на традиционалното босанско кафе и негово послужување во филџани, на неа и на нејзиниот тим волонтери, им е потребен цел ден. А секоја година има сѐ повеќе филџани, кои ѝ ги донираат Босанците кои живеат низ целиот свет.

Помош никогаш не ѝ недостасувала.

„Секоја година ме изненадува, колку нашата дијаспора, како и сите други кои ќе се сретнат со ‘Што те нема’, сакаат да бидат дел од овој перформанс, кога ќе видат за што станува збор и дека има простор да се вклучат”, вели Шеховиќ.

Оваа година, под водство на координаторот на проектот, Асја Диздаревиќ, во организацијата на настанот учествуваа бројни организации на дијаспората на БиХ, како што се БХ клубот Чикаго, Босанско-американскиот институт за геноцид, Здружението на босанските жени од Северна Америка, Босанскиот исламски културен центар, Исламскиот културен центар од Чикаго, Културното здружение на Бошњаците, „Препород“, и Здружението на преживеани од Сребреница.

„Со обединување на преживеаните и на сите оние на кои директно или индиректно влијаел геноцидот во Сребреница, „Што те нема“ истакнува дека секој геноцид е злосторство против човештвото, а оттука и злосторство против сите нас”, заклучува Шеховиќ.