Четврточниот инцидент во Парламентот е најмирољубивиот насилен влез во некое Собрание во историјата, пратениците на „СДС“ без „М“ самите се виновни за тоа што им се случи, тие се насилниците, направија државен удар и треба да одговараат.
Со пародичниот избор на Талат Џафери за спикер се откри целиот план за разнебитување на Македонија, формирање на Голема Албанија преку тиранската платформа под палката на Еди Рама и на Хашим Тачи, плус отворањето коридор за некаков африкански бран на мигранти и опасност од СИДА и од ебола, по сценарио на американските дипломати во заминување како амбасадорот Џес Бејли и Хојт Брајан Ји, кои само што не ги расчистил Доналд Трамп, како и одредени бриселски бирократи и нормално Сорос.
Во нередите повредени се девет граѓани, додека човек од обезбедувањето на Оливер Спасовски или на Зоран Заев, кој којзнае како внел оружје во Парламентот и пукал, па ја разбеснел толпата и затоа народот го направил сето она што публиката и не можеше баш да го види на екранот.
Ова е накратко впечатокот што обичен гледач ќе го добиеше ако во четвртокот навечер ја следел исклучиво програмата на ТВ Нова во сопственост на бизнисменот Сеад Кочан.
Во периодот од 18 и 50 минути, откако во живо ТВ Нова го емитуваше влезот на луѓето во Собрание, па се до доцна во ноќта телевизијата известуваше исклучиво она што се случува надвор во Собранието, бегло спомнувајќи за нападот врз пратениците повикувајќи се на порталите како „Република“. Во тие неколку часа во студиото дефилираа гости кои требаше да им објаснат на граѓаните што се случува.
Каракамишева „ѕвезда“ на вечерта
Најголем дел од вечерта беше одвоен за анализите на професорите Тања Каракамишева и Александар Климовски.
Иако драмата во Парламентот сѐ уште не беше завршена професорката веќе аргументираше дека е индикативно тоа што изборот на Талат Џафери се случил баш кога граѓаните од Заедничка Македонија биле пред Собранието.
„Со умисла влегоа во целава игра, да кажат еве ги насилниците од ВМРО. Тоа е расипано и подмолно сценарио да испадне дека граѓаните се виновни… Предавничко и кукавичко сценарио граѓаните да бидат наречени насилници“.
За време на целиот настап опозициската партија ја нарекуваше СДС без М, а упадот во Собранието го опиша како финале на странското сценарио во кое наши политичари се ставиле во улога на поданици и на измеќари, кои биле само реализатори на платформата по диктат на Еди Рама и на Хашим Тачи.
„Граѓаните ја видоа крајната цел, целосно разнебитување на Македонија како независна држава“.
За неа изборот на Талат Џафери е класичен државен удар, на кој му претходел терористички чин со пеењето на албанската химна од собраниската говорница. Граѓаните, објаснуваше таа, реагирале на адекватен начин, на потегот на СДСМ неуставно да избере претседател на Собранието.
„Ако господата од Брисел рекоа дека народот направил насилство, јас ќе кажам дека господата и Заев направија супернасилство кое не само што треба да се санкционира, треба да бидат ставени и под надзор“, рече професорката и спомна дека се направени палета од кривични дела.
Зборуваше дека за такви дела им се одзема имунитетот и мандатот на пратениците доколку бидат осудени.
Анализираше оти не се случил некој обичен инцидент, дека сме биле во кризна состојба и институциите на системот треба да прогласат кризна состојба и да се делува „согласно акциониот план на кризниот менаџмент“.
Го спомна и Сорос, до душа само еднаш и како сето ова е по негова заслуга, негова и на апаратчиците кои сѐ уште не стигнал да ги расчисти новиот американски претседател Доналд Трамп и кои се платеници со кој знае колкави сметки, додека глобалната меѓународна заедница, сепак, е пријател на Македонија.
Каракамишева во живо го замоли Заев да не ги уценува „пратениците на СДС“, имала информации дека најголемиот дел од нив се уценети, имал материјали за нив, ги нарече социјалдиктатори коишто сакаат да воведат елитистичка диктатура и поентираше:
„Ако имаш проблем со умот, треба да се тргнеш од политиката, политиката е сериозна работа“.
Сето ова траеше доцна во ноќта со други теории дека странскиот фактор сакал поданичка Влада во Македонија за да може, меѓу другото, да ги користи и природните богатства во Македонија како рудите, водите и шумите.
800.000 поддржувачи на Заедничка Македонија?
Анализата, пак, на професорот Александар Климовски почна од со тоа дека инцидентот се случил зашто пратениците на СДСМ биле глуви за граѓаните што протестирале повеќе од 60 дена, а кои во целиот период вкупно биле „можеби и до 500-600.000 или 800.000“.
„Да не бидете свесен дека ова ќе се случи, значи вие сте малоумен човек, ова е малоумна реакција на една пратеничка група која нема политички и државен сенс…За ова што се случи во Собранието пратениците на СДСМ се самите криви, беа предупредени. И сега треба нив да ги третираме како жртви?“.
За него пратениците на СДСМ се 40 марионети во рацете на една криминална врхушка која ја толчи државава и тоа сѐ се толерира, на нивно место тој по инцидентот не би се вратил во Собранието за да ја спроведува тиранската платформа.
Малку подоцна во програмата и Климовски одлучи да ја нарекува партијата СДС без М.
Изборот на Талат Џафери е бурлеска на меѓународната заедница, Хојт Ји, кој во тој момент беше најавен дека ќе дојде во понеделник, е последниот Мохиканец на американската администрација во заминување, а Заев е политичар аматер со изместена диоптрија.
„Одредена дијагноза и терапија за тој човек,“ рече Климовски за Заев.
И Климовски сметаше дека треба со ситуацијата да се занимава јавниот обвинител, бидејќи се прекршени нормите на Уставот.
Пред овие двајца, баш во моментот кога влезе толпата во Собранието, гостинка во емисијата беше нивната академска колешка Иванка Додовска, која е автор на мислата на вечерта – дека она што се случува е „е најмирољубивиот насилен влез во некое Собрание во историјата “.
Таа чувствуваше потреба да потсети дека Талат Џафери бил воен дезертер и дека убивал Македонци во 2001 година, оти премногу се дозволило и кога бил избран за министер за одбрана, а камо ли сега кога ќе биде втор човек на државава и некако сето тоа има врска со фактот дека истиот ден судот во Франција го ослободи косовскиот политички лидер Рамуш Харадинај.
Анализата на Додовска за изборите е дека опозицијата на изборите добила 70.000 вештачки гласови и дека треба да се види дали одредени партии може да бидат регистрирани, односно да бидат повикани во МВР претставниците на албанските партии и да им се каже дека ќе бидат избришани како партии ако се спроведе дел од платформата.
И во нејзиниот обид да објасни дека албанската платформа е дел од некоја поглобална игра ја спомна и наводната опасност од СИДА и од ебола.
„Народот си го врати Собранието по обидот за државен удар“
ТВ Нова во текот на четирите часа додека траеше кризата ниту еднаш не извести за она што се случува од Собранието, иако, според зборовите на нивната новинарка во студиото, имаа репортер во Парламентот. На кајронот цела вечер пораката дека „Народот си го врати Собранието по обидот за државен удар“, а вклучувањата во живо беа главно од пред собраниската зграда или од Градската болница од каде се известуваше за повредените граѓани, на кои беше ставен акцентот, иако во еден момент беше вклучена камерата во прес салата од каде можеше да се види раскрвавениот Заев.
Сепак иако од реториката на водителите на ТВ Нова, а и на нивните гости можеше да се насети дека имало насилство врз пратениците, немаше информација дека пратениците и новинарите се држат во заложништво. Информираа дека Села бил повреден, повикувајќи се на портали, меѓутоа освен кратка снимка од она што се случувало во прес-салата на Собранието, каде се случи инцидентот, сликата од Собранието главно беше од ходниците полни со демонстранти и од пленарната сала.
Објавена беше и фотографијата на полицаецот од обезбедувањето на Оливер Спасовски како поранешен министер за внатрешни, со пиштолот во рака, меѓутоа тој кадар беше проследен со информација, која и новинарката ја окарактеризира како непотврдена, дека „оружјето го потегнале членовите на личното обезбедување на Оливер Спасовски или на Зоран Заев“, наратив што подоцна беше мултиплициран и на други медиуми и портали.
Дури некаде околу 23:00 имаше информација дека биле евакуирани пратениците, a токму на снимките на ТВ Нова вклучително и оние снимени со дрон, може да е види дека речиси два часа луѓе непречено влегуваа и излегуваа од Собранието.