Актуелно

Ќе се проширува листата на лица со дипломатски пасоши

Со законските измени се проширува долгата листа на лица кои можат да добијат привилегиран пасош, во која ќе влезат идните директори на културно-информативните центри и на други преставништва во странство. Синдикалците предупредуваат дека со ова се отвора можност за создавање паралелна дипломатска структура.

Директорите на претставништвата ќе се испраќаат преку спогодба меѓу институциите од чии редови се испраќаат и МНР, нешто што за Синдикатот е неприфатливо поради можноста за создавање „паралелна дипломатија“ | Фото: shutterstock.com

Директорите на претставништвата ќе се испраќаат преку спогодба меѓу институциите од чии редови се испраќаат и МНР, нешто што за Синдикатот е неприфатливо поради можноста за создавање „паралелна дипломатија“ | Фото: shutterstock.com

Ќе се проширува листата на лица кои ќе можат да добијат дипломатски пасоши. Според измените на Законот за надворешни работи, кој денеска беше изгласан во Собранието, ќе се отвораат нови македонски преставништва во странство, а синдикалците од МНР предупредуваат дека со ова се отвора можност да се создаде нова паралелна дипломатска структура.

На собраниската Комисија за надворешна политика беа прифатени четири од 13 амандмани на опозицијата за исфрлање на можноста амбасадори да бидат спортисти и претставници од деловната заедница, да не се именуваат амбасадори и конзули кои се кривично осудени, како и за уредување на финансирањето на дипломатите во културно-информативните центри и другите дипломатски преставништва. Пратениците од опозициската СДСМ која гласаше против законските измени донесени по брза постапка, реагираа дека се прифатиле амандмани кои не се суштински.

Синдикатот на македонската дипломатска служба побара министерот за надворешни работи итно да ги повлече измените.

Со законските измени се предвидува да се отворат „културно информативни-центри на економски и други преставништва“ што ќе ги водат директори кои имаат дипломатско звање „советник“. Директорите на претставништвата ќе се испраќаат преку спогодба меѓу институциите од чии редови се испраќаат и МНР, нешто што за Синдикатот е неприфатливо поради можноста за создавање „паралелна дипломатија“.

„Идните директори на овие центри влегуваат во реколтата и ќе се снабдуваат со дипломатски пасоши“, вели првиот човек на Синдикатот на македонската дипломатија, Сашко Тодоровски.

Од МНР, пак, не откриваат колку вакви центри ќе се отворат, во кои држави и кој ќе ги раководи, па оттаму тешко е да се знае за колку може да се зголеми бројката на македонски претставници во странство кои би можеле да добијат син пасош.

Бројот на дипломатски пасоши не е јавен податок

ЕУ и САД постојано нè критикуваат за високата бројка на издадени дипломатски пасоши, која официјално не се открива“, вели Тодоровски

ЕУ и САД постојано нè критикуваат за високата бројка на издадени дипломатски пасоши, која официјално не се открива“, вели Тодоровски

Колкав е бројот на иматели на дипломатски пасоши во Македонија е прашање кое МНР го со години го третира како да е државна тајна. БИРН преку барање за пристап до информации од јавен карактер праша колку луѓе вкупно имаат дипломатски пасоши, но од Министерството ни одговорија дека „тоа не е информација од јавен карактер“ без да ни објаснат зошто се крие овој податок.

Тодоровски, претседател на Синдикатот на дипломатската служба, проценува дека во моментов околу 2.000 лица имаат дипломатски пасоши.

„ЕУ и САД постојано нè критикуваат за високата бројка на издадени дипломатски пасоши, која официјално не се открива“, вели тој за БИРН.

Официјално, од Делегацијата на ЕУ велат дека не испратиле допис преку кој се забележува за бројот на издадени дипломатски пасоши. Оттаму велат дека не постои ограничување за бројот на дипломатски пасоши за Македонија како држава-кандидат за чии граѓани е овозможено безвизно патување.

Со измените на правилникот се зголемува листата

Правилникот со кој се регулира постапката за издавање на дипломатски пасоши е донесен во 2007 година, а досега два пати е менуван, при што постојано се проширува списокот со функционери кои добиваат право на син пасош.

Според правилникот од 2007 година, право на дипломатска патна исправа, освен претседателот, премиерот и собранискиот спикер заедно со брачните другари, имаат и претседателите на Врховниот и на Уставниот суд, претседателот на Судскиот совет, како и јавниот обвинител, народниот правобранител, потпретседателите на Собранието, вицепремиерите, министрите, гувернерот на Народната банка, јавниот правобранител, замениците на министрите и пратениците.

Носители на дипломатски пасош во случај на патување или служба во странство се и директорите на самостојните органи во државната управа, судиите на Уставниот суд, генералните секретари, секретарот на Секретаријат за законодавство, но и оние кои не се на највисоките функции, како државните секретари во министерствата. Со превилегиран пасош можат да патуваат и воените претставници во странство, како и македонските претставници кои Владата ги упатува на работа во меѓународни организации.

Право да добијат дипломатски пасош, имаат и оние на кои им завршила функцијата. Така, дипломатски пасош може да побараат поранешните претседатели на државата, екс премиерите, собраниските спикери и нивните брачни другари, екс министрите за надворешни работи поранешни амбасадори и конзули со дипломатско искуство над 20 години. Истата привилегија им стои на располагање и на вработените во министерството, од директорот, па се до помладиот соработник, но и на претставниците во дипломатско-конзуларните преставништва, од амбасадорот до звањето трет секретар.

Дилемите околу сините патни исправи

Дилемата дали се злоупотребува правото на издавање на дипломатски пасош и кој сè ја има привилегијата, во последниов период се отвори откако во јавноста се откри дека МНР му дало дипломатски пасош на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и тоа во период кога веќе не беше на функција. Претходно, пак, медиумите обелоденија дека дипломатски пасош добила дадилката на една наша дипломатка во странство, но и претставници на верските заедници, кои немаат право да добијат ваква патна исправа. Пред неколку години медиумите пишуваа дека поранешниот премиер Владо Бучковски го искористил дипломатскиот пасош во Белград за да се спаси од казна за премногу брзо возење.

Преку измените на правилникот од 2012 година, со потпис на Никола Попоски, шеф на дипломатијата и на Гордана Јанкулоска, како тогашен министер за внатрешни работи, ваква привилегија добиваат началникот на армијата, директорите на УЈП и на Царинската управа, главниот државен ревозор, но и амбасадорите на културата.Право да добијат дипломатски пасош, имаат и оние на кои им завршила функцијата. Така, дипломатски пасош може да побараат поранешните претседатели на државата, екс премиерите, собраниските спикери и нивните брачни другари, екс министрите за надворешни работи поранешни амбасадори и конзули со дипломатско искуство над 20 години. Истата привилегија им стои на располагање и на вработените во министерството, од директорот, па се до помладиот соработник, но и на претставниците во дипломатско-конзуларните преставништва, од амбасадорот до звањето трет секретар.

Но, се чини дека најинтересна е измената преку која се остава можност шефот на дипломатијата по своја проценка да му издаде дипломатски пасош на „лице кое со оглед на карактерот и улогата на неговата дејност е значајно за унапредување на дипломатските, политичките, економските и културните односи на Република Македонија и за претставувањето на државата во странство, како и на лице ако тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Република Македонија“.

И конзуларните агенти добиваат право да добијат дипломатски пасош со последните измени на правилникот направени во 2014 година.

Според Законот за патни исправи, дипломатскиот пасош има рок на важност од пет години.