Извештај

„Клинички“ е најдоходовниот паркинг во Скопје

Министерот Таравари вели дека договорот со „Ѓока“ треба да помине и на влада

Паркингот кај клиничкиот центар „Мајка Тереза“, со години е најпрофитабилното паркиралиште на јавното претпријатие „Градски паркинг“. Овој простор, сега би можел да му биде одземен на претпријатието и со него да управува албанската фирма „Ѓока констракшн“, сo која Министерството за здравство планира јавно-приватно партнерство.

Сепак, како што рече денеска министерот за здравство, Арбен Таравари, „договорот треба да помине уште неколку филтри“, но може и да не се потпише, ако не помине на влада или ако има големи реакции во јавноста.

„Градски паркинг“ стопанисува со десет затворени јавни паркиралишта и со две катни гаражи, а управува и со зонското паркирање. Приходи прави и од наплатата на пајак-службата. Претпријатието, според извештајот за 2023 година, имало вкупно приходи од речиси 4, 2 милиони евра.

Таа година, паркингот кај Клинички, пак, му донел една петтина од приходот, односно 750.000 евра.

Овој приход е остварен со билет од 30 денари на час, колку што чини во моментов услугата, но Таравари најави дека ако се склучи договорот со „Ѓока констракшн“, паркингот ќе поскапи на 50 денари.

Идејата за јавно-приватно партнерство за тој паркинг е стара. Физибилити студијата е изработена пред десетина години, кога министер за здравство беше Никола Тодоров.

Министерството за здравство, на 15 ноември минатата година го објави огласот со кој бара приватен партнер. На него се јави само една фирма, а Таравари, на 24 февруари рече дека е избрана компанијата и дека договорот „ќе биде потпишан деновиве.“

Вчера, пак, за БИРН откри дека се работи за албанската „Ѓока констракшн“.

Таравари, денеска вели дека, иако по физибилити студијата е предвидено паркингот да биде под концесија 20 години, на влада одлучиле дека тој ќе може да се користи додека Клиничкиот центар е на тоа место.

„Јас, лично, мислам дека Клиничкиот центар нема да биде тука повеќе од 7-8 години“, рече Таравари.

Порталот 360 Степени претходно објави дека планот предвидува приватниот партнер да инвестира и да изгради две катни монтажни гаражи, едната кај Гинекологија, а другата кај Ургентниот центар.

Со нив би се зголемил капацитетот на паркингот за околу 800 до 900 места.  Проценката на Министерството за здравство е дека инвестицијата би чинела над 10 милиони евра, кои би требало да ги обезбеди фирмата „Ѓока констракшн“.

Компанијата од Албанија има над триесетгодишно искуство, но многу тендери почнува да добива по доаѓањето на Еди Рама на власт во 2013 година. Најголем проект на кој работи е изградбата на патот меѓу Тирана и Дебар, чие пуштање постојано се одложува.

„Ѓока констракшн“ е и подизведувач во изградба на тунел во јужна Албанија и во многу други проекти. Минатата година оствари и најголем приход од тендери, односно 80 милиони евра.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска нагласи дека договорот сè уште не е потпишан и дека ќе го разгледувале на влада.

„А што ќе земеме предвид? Предвид ја земаме тендерската спецификација и, се разбира, фирма што нема кредибилитет, нема бонитет, ниту технички карактеристики, нема да биде избрана и тука сето тоа завршува“, рече Мицкоски.