Кој е интересот на Oбвинителството за организиран криминал и корупција да води судска постапка против Зоран Божиновски и да не го предаде предметот на СЈО, кога сите сведоци и докази се наоѓаат во предметот „Шпион“ преземен од СЈО?
Ова прашање се отвори деновиве откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција одби да го предаде предметот против новинарот Божиновски во Обвинителството што го раководи Катица Јанева, во чија надлежност премина основниот предмет „Шпион“ во кој има 18 обвинети и осудени.
Во овој предмет, во кој им се суди за злосторничко здружување, шпионажа и уцена, опфатени се поранешни и сегашни разузнавачи од цивилното и военото разузнавање, екс полициски службеници, екс директорот на Управата за борба против перење пари, екс шефот на Претседателот на Собранието на Република Македонија.
Меѓу нив е и новинарот Зоран Божиновски кој се товари за три дела, но неговата постапка беше во прекин, затоа што српските власти кои го уапсија во 2013 година, не ѝ го испорачуваа на Македонија, сѐ до март годинава, кога во „брза“ постапка, за само еден ден, беше екстрадиран.
Катица Јанева пред две седмици го побара предметот како продолжение на „Шпион“, но Обвинителството за организиран криминал соопшти дека „тие ќе ја почитуваат одлуката на Советот на јавни обвинители кој претходно одлучи дека надлежно за Божиновски не е СЈО туку организиран криминал“.
Судот пак, на обвинувањата дека намерно не го контактира СЈО за овој предмет, соопшти дека „нив не им е важно кој обвинител е надлежен, сѐ додека на закажаните рочишта и во истрага имаат легитимен обвинител кој доаѓа и ја води постапката“.
Што се крие зад отпорот случајот да се предаде во СЈО
Извори од Обвинителството за БИРН тврдат дека јавниот обвинител Марко Зврлевски по секоја цена барал „Шпион“да го задржи Вишото обвинителство, но кога второстепениот суд му го предаде на СЈО, морал да се повлече.
Затоа, сега истото го прават и со Божиновски, плашејќи се од можноста обвинителката Лиле Стефанова која сега е во СЈО, а го водеше предметот „Шпион“, на предлог на одбраната да не сведочи во постапката откривајќи информации кои би можеле да им дадат сосема друга насока и на случајот „Шпион“ и на претходниот случај „Ликвидација“.
Првиот случај за шпионажа во Македонија во кој беа обвинети 18 луѓе, поранешни разузнавачи, вработени во Собранието на Република Македонија, во дирекции и бизнисмени, заврши на почетокот на октомври 2014 година, со објавување на пресудата
Имено, Стефанова која сега е дел од Специјалното јавно обвинителство, според неофицијални информации ги има не само сите списи од „Шпион“ кои се дел од пресудата туку и десетиците други кои биле дел од предметот, а кои биле изведени како докази, но не се цитирани во пресудата или воопшто не се појавиле во јавност.
Меѓу тие докази кои не се целосно познати во јавност се споменуваат материјали за „соработка“ на сегашни пратеници, поранешни министри и други функционери кои соработувале со разузнавачите и им давале информации кои потоа служеле за изработка на извештаи кои биле доставувани до грчката и унгарската тајна служба.
Првиот случај за шпионажа во Македонија во кој беа обвинети 18 луѓе, поранешни разузнавачи, вработени во Собранието на Република Македонија, во дирекции и бизнисмени, заврши на почетокот на октомври 2014 година, со објавување на пресудата.
Првообвинетиот Марјан Ефремов беше осуден на казна затвор во траење од 15 години затвор за кривичните дела: шпионажа, злосторничко здружување, измама, уцена и прикривање. Другите обвинети беа осудени на казни од една до девет години.
Во меѓувреме, еден од обвинетите почина. Дел од групата се во притвор, а тие кои имаа затворски казни до 3 години до правосилност на пресудата се на слобода.
Предметот повеќе од две години е пред Апелацискиот суд, но не е пресуден поради недоаѓање на мал дел од обвинетите, како што е екс шефот на кабинетот на Трајко Вељаноски, Марјан Маџоски, и немање обвинител на последните рочишта.
Судењата против Божиновски и за „Шпион“ во ист ден
По екстрадирањето на Божиновски од Србија пред повеќе од 4 месеци, се отвори прашањето кое обвинителство е надлежно да постапува сега, дали Обвинителството за организиран криминал кое ја водело постапката на старт или новоформираното Специјално, кое пред Апелацискиот суд воспостави надлежност над предметот.
СЈО досега во неколку наврати ги одложи јавните седници за предметот „Шпион“ пред Апелацискиот суд, известувајќи го судот дека им треба време да ги разгледаат доказите и да заземат став.
Она што е интересно е податокот дека на 1 септември се закажани двете судења и за „Шпион“и по обвинението за Зоран Божиновски кое пред Кривичниот суд го покрена Обвинителството за гонење организиран криминал.
За „Шпион“ пред Апелацискиот суд на 1 септември се очекува да се појави обвинител од СЈО и да даде предлог што со предметот понатаму. Законот му дозволува на обвинителот да предложи: пресудата да се укине и предметот да се врати на повторно судење, да се потврди или да се интервенира во висината на казните.
На истиот ден по обвинението против Божиновски закажано е судење и во Кривичниот суд. Доколку почне судењето, како сведоци треба да се појават првообвинетите во случајот „Шпион“ – Марјан Ефремов и Мичо Насковски, Ване Цветанов, Марјан Маџовски и други како сведоци за да се утврди дали со нив ги сторил трите дела за кои се обвинува. Како сведок, меѓу другите, треба да се појави и бизнисменот Минчо Јорданов.
За што, всушност, е обвинет Божиновски
Обвинителството за организиран криминал тврди дека Зоран Божиновски заедно со екс разузнавачите и другите обвинети во „Шпион“ создал злосторничко здружение кое понатаму уценувало разни личности преку објавување документи на порталот „Буре весник“, сопственост на Божиновски.
Тој е обвинет и дека располагал со доверливи информации и дека лично уценувал бизнисмени за да не објави компромитирачки информации за нив.
Во обвинението, како и во пресудата за „Шпион“,понудени се транскрипти од разговори меѓу Марјан Ефремов, Мичо Насковски и други лица, кои се однесуваат на тоа како да ги извлечат во кеш парите кои Фондацијата на Сорос во Македонија му ги доделила на Божиновски како грант за функционирање на порталот „Буре весник“.
Грантот бил добиен преку невладина организација од Велес, а за потребите на порталот, покрај Божиновски, биле ангажирани уште двајца новинари и компјутерџија. Првообвинетите во „Шпион“, Марјан Ефремов и Мичо Насковски, според понудените транскрипти од прислушуваните телефони, прават план како да ги земат во кеш дел од парите, бидејќи сметаат дека тие биле заслужни и лобирале да се добие грантот во висина од 20 илјади долари.
Со Зоран Божиновски се сретнавме и разговаравме во Нови Сад каде што живееше кратко време пред неговото апсење и испорачување во Македонија.
Тој во разговорот не негира дека добил грант од ФООМ во Скопје, а парите кои обвинетите во „Шпион“ сакале да ги земат од грантот, како што тврди, биле хонорарите планирани за него, со кои требало да си ги покријат претходните приватни позајмици што ги имале меѓу себе.
Сепак, во подолгиот разговор што го водевме Божиновски тврди дека неговото апсење и вклучување во „Шпион“ е само обид да го замолчат, бидејќи објавувал компромитирачки коруптивни материјали за луѓе од највисоките структури на владејачката ВМРО ДПМНЕ, но и на ДУИ.
Според него, дури и пиштолот што беше откриен во чантата на екс директорот на УБК Сашо Мијалков на белградскиот аеродром бил наменет за негова ликвидација.
„Добив информации дека со тој пиштол што го откри српската полиција требало да бидам ликвидиран јас, а ликвидацијата да ја изврши некоја белградска група. На тој начин, убиството би било извршено со оружје кое не е регистрирано во Србија. Јас се видов со луѓето од Земунскиот клан кои рекоа дека не би се впуштиле во моја ликвидација и ги расчистивме работите“, тврдеше Божиновски при нашиот разговор во Нови Сад.
За обвинувањето дека добил доверливи материјали од екс директорот на Управата за борба против перењето пари и ги објавил, што е второ дело во обвинението, Божиновски вели дека тој добил само неколку случаи кои како материјали во целост ги имаат речиси систе странски амбасади и неколку личности во Македонија.
„Ми се јави Ване Цветанов кратко време по неговото разрешување и ми кажа дека има многу коруптивни случаи на кои работела Управата, кои тој му ги однел и на Јавниот обвинител, но никој не сака да се зафати да ги истражи, ниту институционално, ниту новинарски. Се договоривме да се видиме во Софија, каде што од низата случаи, јас одбрав само 5 меѓу кои беа сториите за ‘Еколог’ за затајувањето пари околу екипата која ја менаџираше кариерата на покојниот Тоше Проески и уште три други и се договоривме, ако ги објавам да добијам и други“, вели Божиновски.
На втората средба која се случила во Врање, Србија и која, како што вели Божиновски, тој му го платил и патот на Цветанов за да се сретнат, не добил други материјали, бидејќи екс директорот на Управата дошол без лаптоп, а ден по неговото враќање од Србија бил уапсен.
Во предметот Божиновски се товари и за уцени кон Минчо Јорданов. Според обвинението тој добивал документи од Мичо Насковски кој бил еден од директорите во „Бетон“, компанија на Јорданов и со тие документи го уценувал сопственикот. На ова, Божиновски тврди дека добивал пари од Минчо Јорданов, но за негов ангажман за пишување во весникот „Нова Македонија“.
Во своето сведочење пред судот, Минчо Јорданов за Зоран Божиновски тврди дека го ангажирал по сугестија на лица од оваа група за да му истражува одредени состојби на пазарот околу неговите бизниси и економски активности, но за кратко време, како што рекол пред судот, наместо информации од истражување, добивал извештаи од кафеански седенки.
Пресудата како сликовница на околу 1.100 страници
Во пресудата што ја донесе судијата Ѓоко Ристов во случајот „Шпион“, покрај транскрипти од разговори поместени се и серија фајлови, документи и кореспонденција која била најдена во компјутерите на другите обвинети и на неколку сведоци, меѓу нив и лице од Струмица, кое било техничка поддршка за веб-страницата „Буре весник“. Во неговото сведочење тој тврди дека од Божиновски добивал текстови и документи кои тој само технички ги уредувал и ги поставувал на порталот.
Пресудата е прва во Македонија во која како составен дел се наоѓаат и фотографии најдени како доказ во компјутерите на обвинетите.
Здружението на новинарите на Македонија побара да се повлече обвинението против Божиновски кој повеќе од 4 месеци е во притвор.