Продолжувањето на практиката преговорите да бидат ограничени на главните политички партии, на сметка на исклучување на останатите актери во општеството, само уште повеќе го зацврстува дискредитираното политичко раководство во време кога толку очајно се потребни нови лица неизвалкани со багаж од минатото.
Уште една година, уште еден договор. Оваа влада, со владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, на власт од 2006 година, ги урна сите рекорди во бројот на меѓународно посредувани договори само за да се задржи земјата на нозе.
Последниот договор беше склучен на 20 јули меѓу четирите главни политички партии во присуство на амбасадорот на САД и претставникот на Делегацијата на ЕУ. Овој договор доаѓа само една година по последниот т.н. Договор од Пржино со кој се одреди календар за исполнување обврски во насока на воспоставување на владеењето на правото во Република Македонија, по сериозните обвинувања за криминални активности и злоупотреба на власта од страна на високи владини службеници и функционери од владејачката партија откриени во скандалот со прислушувањето.
По овој договор, политичките партии потфрлија во почитувањето на временските рамки за спроведувањето на реформите и имаше несмасен обид од страна на претседателот да се избегне владеењето на правото со помилувањата (кои подоцна беа повлечени) за неколку десетици лица, вклучувајќи ги и оние високи владини претставници кои беа предмет на истраги, што доведе до дополнително влошување на политичката клима.
Она што уште повеќе загрижува во овој и во претходните договори меѓу политичките партии е неуспехот да се адресира континуираниот и сеприсутен проблем на заплашување на јавните службеници и бизниси од страна на владејачката партија
Овој најнов договор може да донесе одредена пауза за земјата исцрпена од бескрајни политички пресметки и месеци на протести. Но, на колку долго, тоа останува отворено прашање.
Позитивниот елемент на најновиот договор се однесува на редоследот на настаните што доведоа до предвремени избори. За разлика од она што беше предвидено во Договорот од Пржино, датум за овие избори овојпат не е закажан. Лидерите на четирите политички партии имаат рок до 31 август да утврдат дали, според нив, се исполнети сите услови за одржување на изборите.
Иако договорот не предвидува што ќе се случи ако нема консензус меѓу партиите до тој датум, барем го става како приоритет фокусот на реформите потребни за слободни и фер избори, едно од клучните барања поставени од страна на граѓанското општество.
Жално е што, во тој поглед, се чини дека беа направени многу малку напори да се вклучи граѓанското општество пред да се потпише последниот договор. Ова се случува и покрај фактот што голема група претставници на граѓанското општество се здружија во досега невидена демонстрација на колективна определба за придонес кон преговорите.
„Нацртот за итни демократски реформи”, претставен на 8 јули, утврдува стратегија за реформи со која би се гордеела секоја политичка партија. И покрај тоа, договорот постигнат на 20 јули едвај го спомнува граѓанското општество. Ова уште еднаш покажува дека лекциите од претходните конфликтни ситуации, каде што вклученоста на граѓанското општество обезбедила поголемо чувство на сопственост при конечното решение, но и зголемена одговорност – не се научени.
Продолжувањето на практиката преговорите да бидат ограничени на главните политички партии, на сметка на исклучување на останатите актери во општеството, само уште повеќе го зацврстува дискредитираното политичко раководство во време кога толку очајно се потребни нови лица неизвалкани со багаж од минатото.
Тоа што не се формира Специјално судско одделение во Кривичниот суд кое би постапувало по предметите покренати од Специјалната обвинителка значи дека има многу малку надеж за правичен процес за нејзините истраги, бидејќи судскиот систем останува во цврстите стеги на владејачката партија
Што се однесува до реформата на медиумите, тешко е да се смета дека овој договор нуди нешто ново. Напротив, тој само ги зајакнува партиските влијанија во едно напнато медиумско опкружување, каде што професионални новинари се борат за опстанок и нивниот глас да биде слушнат. Уште едно тело формирано со цел да „го следи почитувањето на одредбите за медиумите во изборниот законик”, како што е наведено во договорот, не е гаранција за промена во однесувањето и за почитување на основните стандарди за независни медиуми. Конечниот извештај на Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ / ОДИХР, објавен на 8 јули , зборува за крајно партизирано медиумско опкружување и за загриженост „во врска со влошувањето на слободата на медиумите поради политички притисок и поради мешањето на сопствениците во работата на новинарите “.
Она што уште повеќе загрижува во овој и во претходните договори меѓу политичките партии е неуспехот да се адресира континуираниот и сеприсутен проблем на заплашување на јавните службеници и бизниси од страна на владејачката партија, што сѐ поинтензивно се наведува во извештаите на ОБСЕ / ОДИХР .
Во писмото до премиерот испратено на 21 февруари во кое се потенцира дека во тој момент не се исполнети условите неопходни за организирање кредибилни избори на 24 април, амбасадорите на САД и на ЕУ изразуваат загриженост за „првичните извештаи за вршење притисок и заплашување гласачи и на други лица”. Ова беше ехо на она што веќе беше многу јасно потенцирано во т.н. Извештај на Прибе од 8 јуни 2015 година: “Очигледната директна вмешаност на високи владини и партиски службеници во нелегални активности, вклучувајќи изборни измами, корупција, злоупотреба на моќ и власт, конфликт на интереси, уцена, изнуда (вршење притисок врз државни службеници да гласаат за одредена партија под закана дека ќе бидат отпуштени од работа)….”
Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР, исто така, на 8 јули, посочува на клима на заплашување и на „веродостојни наводи за вршење притисок врз вработени во јавниот сектор да одат на контра-протести, вклучувајќи и закани за прекинување на договори за работа. Ова го покренува прашањето за правото на гласачите да гласаат ослободени од стравот од одмазда, како што е предвидено со став 7.7. од Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990 година”.
Покрај вакви негативни извештаи, каква гаранција имате дека нема пак да се користи истата тактика? Владејачката партија има на располагање армија на даночни инспектори која без сомнеж ќе ја пушти да заплашува бизнис интереси, како што правеше и на минатите избори. Мора да се воспостават цврсти механизми за следење, поддржани од меѓународната заедница, за да се спречат ваквите и секакви други практики на заплашување во иднина.
Што се однесува до Специјалната јавна обвинителка, која е единствена надеж за враќањето на владеењето на правото во земјата, договорот нуди многу малку, па дури и никакво уверување дека таа веќе нема да се соочува со постојани обиди за поткопување на нејзината работа, без разлика на тоа што ќе одлучи Уставниот суд во врска со уставноста на законот за основање на нејзиното обвинителство.
Тоа што не се формира Специјално судско одделение во Кривичниот суд кое би постапувало по предметите покренати од Специјалната обвинителка значи дека има многу малку надеж за правичен процес за нејзините истраги, бидејќи судскиот систем останува во цврстите стеги на владејачката партија.
Дури и ако последниот договор донесе одредена пауза, агонијата на Македонија е за жал, далеку од завршена, а враќањето на владеењето на правото недостижно како никогаш досега.