Ајде Милке да бегàме

Колумна на Сашо Кокаланов

Не лути ѝ се на неправдата што ја поразила правдата туку на правдата што дозволила да биде поразена од неправда

Рудолф фон Јеринг, „Борба за право“, 1872 

 

Кога бил младо момче, Бранислав Нушиќ бил лудо заљубен во извесна Милка Терзибашиќ. Таман кога сакал да ја побара за жена, Милка се разболела. Нејзиното здравје толку се влошило, што Бранислав решил да батали и свадба и планови и да се посвети целосно на нејзиното лекување. Среќа во несреќа, барем така мислел тогаш Нушиќ, еден од неговите најдобри другари бил лекар.

Веќе следната година стасала поканата за свадба. За жал, наместо неговото име, на поканата било името на неговиот другар. Милка побегнала со младиот лекар, се земале, а Бранислав решил дека никогаш веќе нема да се вљуби само во една жена.

Кога дошло време и тој да се жени, на својата идна сопруга Даринка Ѓорѓевиќ ѝ понудил брачен договор со кој таа самата ќе избере кој од трите пороци да задржи: коцка, алкохол или жени. Даринка вака размислувала: со коцка ќе отиде куќата, со алкохол – и куќата и здравјето, а со жени – кога-тогаш ќе му помине меракот, ќе се покае и потоа ќе биде бајче до крајот на животот.

Не е познато дали успеал планот на Даринка. Да, Нушиќ во својата автобиографија напишал: „Мојата автобиографија почнува со раѓањето а, како и на секој маж, завршува со женењето“. Тие што го познавале добро велат дека комичарот се шегувал и во автобиографијата, никогаш не се откажал од ниеден порок.

Предбрачниот договор на Нушиќ неодоливо ме потсеќа на бракоразводниот договор што Груевски ѝ го понуди на Македонија. Добро, нема веќе да бидам премиер, ама Македонија да одбере кој од трите пороци да ги задржам: да ми го остави капиталот; да ми ја остави слободата, да ми ја остави партијата. Македонија не смее да се согласи на ваков бракоразводен договор. Зашто ако ние му прифатиме еден, Груевски ќе ги задржи сите пороци.

Груевски треба да се деинсталира комплетно, со сите помошни фајлови. Или со други зборови, Груевски треба да се деинсталира од државата, од партијата и од нашите глави

Груевски треба да се деинсталира комплетно, со сите помошни фајлови. Или со други зборови, Груевски треба да се деинсталира од државата, од партијата и од нашите глави.

Јас прв знаев дека ќе има убиство. Рече убиецот. Се сетив на ова откако по подолго време в раце ми падна двобројот на билтенот на злосторничкото здружение, поранешниот дневен весник „Дневник“. Замислете, „Дневник“ се фали дека „уште во декември први објавиле дека СЈО ќе поведе истрага“. Со оглед на тоа што „Дневник“ го објавува тоа што Никола Груевски го мисли, не ме чуди што знаеле. Дури, би рекол, и прилично доцна разбрале.

Се разбира, тоа што партијата на која ѝ слугуваат е осомничена за криминал и перење пари, морале да го објаснат со теорија на странски заговори. Веќе не се ни толку креативни како Груевски на времето со жолтите комбиња. Странски амбасадор наредил да има истрага против ВМРО-ДПМНЕ.

Човекот кого целата македонска јавност го слушна како преку „Миле ми текна“ договара процент од Кинезите, и тоа за кредит за автопат што ќе го враќаат сите македонски граѓани, а веројатно и тие што допрва ќе се родат, сега тврди дека целиот тој партиски имот, проценет на 60 милиони евра, е изграден и купен со членарина. ВМРО-ДПМНЕ веројатно без да се пофали, има зачленето неколку села во Кина, со неколку милиони жители. Па, членарината вака нагло порасна откако се на власт.

Единствен начин да се разведеме од Груевски и од неговата криминализирана партија е преку право и правда. Сѐ е бесмислено и привремено ако правдата не ја победи неправдата на суд. Тоа е таа борба за право на Рудолф фон Јеринг. Џабе и минимална плата, џабе и 500 евра просечна врата, џабе се вратил животот, ако СДСМ не го реализира програмското ветување за реизбор во судството. Без правна држава и одговорност за криминалот, животот нема да се задржи долго, ќе си ги спакува куферите и ќе си замине од кај што дошол.

Нушиќ добар дел од животот поминал во Македонија, која тогаш била дел од Србија. Денес, и Македонија и Србија се како во неговите политички сатирични драми.

Режимските приказни на Македонија и на Србија се како онаа вечна дилема дали е постаро јајцето или кокошката. Дали груевизмот неодоливо потсеќа на милошевизмот, или пак, Вучиќ е напредна копија на наш Грујо.

Некои сатиричари на прашањето дали е постара кокошката или јајцето, одговараат дека најстар е петелот што ѝ го направил јајцето на кокошката. Во конкретниов случај, петелот што ни го подметна кукавичиното јајце и нам и на Србите е истиот – фашизмот во нас! И подготвеноста да ја поддржиме секоја будала што ќе ни понуди крупна националистичка приказна поткрепена со задоволување на некои наши ситни лукративни интереси.

Последниов месец, особено од мандатот наваму, го слушам коментаров: ние некако се спасивме од деспотот Груевски, сега Србите нека му ја мислат со Вучиќ. Некои аналитичари одат подалеку во временското позиционирање на Србија на тајмлајнот на „македонското сценарио“, па ќе ги слушнете како велат оти Србија денес е, всушност, Македонија во 2011 година.

Искрено, не знам дали ова е точно (ако е – издржите, браќо Срби, само још шест година до слободе), ама знам дека Македонија многу наликува на она што беше Србија 2007 година. Еве, пресудете сами. Избори во јануари. По изборите, радикалите на Шешељ (иако овој тогаш е во ќелија во Хаг) имаат повеќе пратеници од демократите на Тадиќ. Тврдат дека се победничка партија и дека им следува власта. Го блокираат собранието со уцена да добијат негов претседател. Го добиваат Тома Николиќ. Но, се формира демократско мнозинство во кое главни партии се ДС на Тадиќ и ДСС на Коштуница. Дури во мај продолжува конститутивната седница. Новото парламентарно мнозинство избира влада дури во мај, пет месеци по изборите. Новата влада не влегува храбро во реформи што ќе ја променат свеста кај луѓето, не воспоставува принципи и правна држава. Денес си го имаат Вучиќ. Јајцето или кокошката на Груевски, сеедно.

Џабе и минимална плата, џабе и 500 евра просечна врата, џабе се вратил животот, ако СДСМ не го реализира програмското ветување за реизбор во судството. Без правна држава и одговорност за криминалот, животот нема да се задржи долго, ќе си ги спакува куферите и ќе си замине од кај што дошол

Во мај, додека траат најголемите тензии околу формирањето нова влада, се случува антифашистички марш во Нови Сад. Граѓани мирно маршираат по улиците. Банда насилници на чело со Горан Давидовиќ – Фирерот, водач на групата „Национални строј“, под слоганот „Србија на Србите“, со боксови, тврди предмети и димни бомби ги напаѓа антифашистите и тешко повредува повеќе од дваесет граѓани.

Ова се случува во мај 2007. Денес сме мај 2017 година. Ве интересира како заврши судскиот процес против Фирерот? Не заврши. Уште трае. Фирерот е во бегство, или преведено на македонски – на службен пат. Му се суди во отсуство. Последното рочиште беше на 9 мај. Судијата повторно го одложи за уште неколку месеци. Причината е бизарна – адвокатот имал камен во бубрегот. Додуша, пред некое време го одложил судењето зашто го вадел каменот од бубрегот и веќе го нема, ама го подболнува сѐ уште и не може да го следи со полна концентрација судењето. Преведено на македонски – каменот од бубрегот доаѓа.

Весникот „Блиц“ на 9 мај го стави овој наднаслов: Најцрна комедија. Тоа е понапреден стадиум од општествениот неморал во драмите на Нушиќ кои беа само црна комедија.

Десет години поминаа, демократите истераа нецел мандат и толку им беше. Не ја демократизираа Србија и сега некои нови демократски сили во оваа земја водат уште потешка битка да ја тргнат режимската чизма од нивната земја.

Нашите насилници од Собранието и нивните адвокати не мора да измочаат камен од бубрег за да ја добијат својата (не)правда. Напротив, тие ѝ се измочаа на темето на државата, и тоа од ќерамиди. Со насмев под мустаќот, се извинија и рекоа дека многу се каеле и добија условни казни. Нивната хероина е судијката Милка Ангеловска Васовска, најновиот кристал во македонското сваровски судство.

Милка им поверува, играјќи ја улогата на наивната невеста Милка од народната песна, која ја прелажаа оти во наше село Малешево од три страни сонце грее, од четврта -месечина. Не мора од три страни, доволно е од една страна да ја огрее сонце оваа Македонија, за да се пее рефренот од песнава пак по судските ходници. За потсетување, рефренот е: Ајде Милке да бегàме!