Сѐ уште немам направено ајвар. Чекам и официјално да започне предизборната кампања, па да можам со задоволство да излупам куртовска капија во количества што ќе ги задоволат моите потреби за ајвар до следниот изборен циклус.
Имено, една од најздодевните работи на светот е лупење пиперки за ајвар. Здодевна е рерчиси колку и вадење семки од калинка. За да можат полесно да се совладаат овие обврски, експертите препорачуваат ваквите здодевни активности да се практикуваат со уште поздодевни. На пример, со следење телевизиски политички дебати. Каде што учествуваат истите тие експерти. А има ли нешто поздодевно од – предизборна кампања.
За волја на вистината, не дека оние што веќе направиле ајвар згрешиле. Напротив. И досега се изнагледавме илјадници глупости, па затоа очекувањата од директната кампања се уште поголеми. Се изнаслушавме за тирански платформи, кантонизација на државата, продажба на националните интереси со договорот со Бугарија, за локални референдуми против мигрантите итн.
ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш ималe некој проблем со мерење на времето. Се сеќавате на поплавите што се случуваат еднаш во илјада години и на земјотресите што нѐ погаѓаат еднаш на петстотини години? Зошто тогаш и една ера да не биде три месеци?
Но, со најавата на изборната кампања и со изборните слогани очекувањата од предизборната кампања и натаму растат. Социјалните мрежи се фатија за слоганот на СДСМ за Општина Бутел „Живот за сите во Бутел“, се разбира алудирајќи на Градските гробишта „Бутел“. И се разбира дека слоганот е, најблаго речено, несмасно смислен. Без оглед на подоцнежните релативизирања за животот во Општината, нејзиното значење итн. Дури имаше и толкувања дека со овој слоган СДСМ сакала да каже дека животот е неселективен за сите, па дури и за мртвите. Не знам, можеби и СДСМ очекува гласачи од Градските гробишта, како што тоа беше обичај во претходните изборни циклуси.
Со други зборови, автоматското префрлање на овој слоган на локално ниво нуди илјада можности за таканаречено „тролање“. На прва топка ќе се сетиме на неколку. „Живот за сите во Чашка“, би бил примамлив слоган не за жителите на Чашка, туку за една друга група граѓани кои евентуално имаат проблеми да втасаат до својот омилен начин на самоубиство. „Живот за сите на Аеродром“ би вил добар наслов за продолжение на филмот на Спилберг „Терминал“, каде што Том Хенкс поминува добар дел од својот живот на аеродром. Натаму „Живот за сите во Идризово“, „Живот за сите во Прдејца“ и уште безброј глупави изведенки од глупавиот слоган.
Не е проблем ниту во Бутел, ниту во Градските гробишта. Проблемот е во слоганот: „Живот за сите!“. Глупав е! Ако веќе дојде живот за сите со изборот на актуелната Влада, како тоа да не е втасан и во општините?
И таман мислите дека добро сте ја исполниле дозата на сеирџиство за наредната половина декада, кога еве ги овие што 11 години беа на власт со својот предизборен слоган „Новата ера почнува“. Јас мислам дека подобар комплимент на Заев и екипата никој досега не му дал. Тоа значи дека овие три месеци колку што се на власт СДСМ и коалицијата за ВМРО-ДПМНЕ се цела ера, па сега на овие избори ќе започне новата ера, се разбира со ВМРО-ДПМНЕ на власт во општините. Каде што и сега се на власт. И каде што во најголем број се кандидирани истите луѓе кои беа на власт последните осум години. Добро, ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш имал некој проблем со мерење на времето. Се сеќавате на поплавите што се случуваат еднаш во илјада години и на земјотресите што нѐ погаѓаат еднаш на петстотини години? Зошто тогаш и една ера да не биде три месеци?
Она што е почудно е говорот на Никола Груевски на предизборната конвенција, каде што најавува дека на овие избори ВМРО-ДПМНЕ од народна партија (да не кажеме движење) ќе се претвори во граѓанска десница. Како? Со кого? Со Јохан Тарчуловски? И што значи тоа? Дека нема повеќе да биде „Народот ќе одлучи!“ туку „Граѓаните ќе одлучат“. Дали ова значи дека ВМРО-ДПМНЕ сака да се приближи до граѓанското општество и ќе заборави на националната реторика со референдумите против мигрантите. Или, на пример, сака да се додвори до Отвореното општество на Сорос. Со Никола Груевски на чело?
Да, да… Престојниов период нѐ очекува сериозно лупење на куртовската капија. Чувствувам дека во случај сезоната на пиперки за ајвар да заврши, ќе направам голема залиха од оние здодевни семки од калинки.