Денеска е ден на наставниците, па се сети другар ми Перо вмровецот на еден пригоден виц. Само за мој ќеф ќе го раскажел, користејќи го речникот на Најче. Се враќа, ми вели, кецарош дома порано од училиште, па мајка му го прашува што толку рано, а тој ѝ одговара – ѝ ставив динамит на учителката в џеб. Мајката изнервирано: Веднаш да се вратиш во школо и да се извиниш. Кецарошот: Кое школо?
Не дека вицов не соодветствува на денот, односно на тоа што кецарошите му го направија на нашето школство, ама, нека ми простат наставниците, некој злобник би го прераскажал и вака.
Одат Груевски и Мијалков со вреќи пари кај Хилари Клинтон.
– Што барате вие овде? – ги прашува Хилари изненадена.
– Еве, ги здипливме сите пари, па да видиме ако може да поделиме и колку може да се спасиме.
– Како мислите сите!? Ништо ли не оставивте во Македонија?
– Оставивме, како не. Во Македонија оставивме темпирана бомба.
– Темпирана бомба!? – извикала Клинтоница. – Веднаш да се вратите и да му се извините на народот во Македонија!
– Која Македонија? – прашале двајцата братучеди.
Динамит или темпирана бомба, сеедно, кецарошите ги прават последните обиди да нѐ стават пред свршен чин – амнестија или експлозија. Всушност, нивната парола е иста како нашата, само со мала инверзија. Како што дознаваме од извори блиски до Рашче, тие деновиве пред странците на цел глас извикувале: Има правда, нема мир!
Но, тоа е нивната последна карта и веројатно беше очекувано дека ќе ја одиграат. Не велам дека не треба да нѐ загрижува, зашто досега покажаа оти имаат капацитет да ја дестабилизираат земјата, но од друга страна, и странците покажаа завиден капацитет да ги возат во трамвајот Центар-Идризово, а машиновозач да им е самиот лидер.
Целиов процес од Пржино наваму е таков – тие ќе се обидат да фатат кривина, ќе добијат неколку заушки, па како попчиња ќе си се вратат на шините што им се поставени. Ќе биде така и за продолжувањето на мандатот на СЈО и за заштитените сведоци, ич да не берете гајле. Но, кога веќе спомнав попчиња, мене друго нешто ме загрижува. Некако, сѐ почесто слушам луѓе на темава како од наука полека клонат кон веронаука.
Господ ќе ги казни. Ќе горат во пеколот. Кај ќе им оди душата. Гром да ги отепа. Земја да ги проголта. Коските пци да им ги јадат…
Сѐ почесто ги слушам овие клетви на луѓе како казна што ги очекува криминалците од власта и тоа не ми се допаѓа. Не знам, мене овие реченици не ми звучат како казна. Повеќе ми зучат како ослободителна пресуда, барем за на овој свет. Ќе одговарале на оној.
Извинете, не се согласувам. Како СЈО да не го формиравме овде на земјата, како да е тоа некаков орган на Св. Петар. Боже ме опрости ако грешам, ама од снимките чувме безброј докази за сторен криминал, а ниту еден дека Господ постои, или барем дека ги чул материјалите од прислушувањето.
Еве дури и да се согласам дека има некаква шанса душите да им горат во пеколот, ние имаме реална основа да се сомневаме дека тие ќе го фалсификуваат и списокот за во пеколот. Затоа, што е сигурно – сугурно е, нека одговараат прво овде на Земјата, па потоа, кој не стасал да одлежи до крај, може да си го продолжи мандатот на грешник и горе, немам ништо против.
Сепак, веројатно не треба премногу да нѐ чуди фактот дека луѓево сѐ почесто прибегнуваат кон клетви како санкција за криминалци. Таков е духот на времето. Еве, го имате овде на Призма истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за бројот на запишани студенти, кое покажува пад на бројот на студенти и на државните и на приватните универзитети, а пораст единствено на верските студии.
Исусе Боже, дали е ова можно! Тоа во превод значи дека младиве помалку студираат право, а повеќе ѝ се посветуваат на веронауката. Веруваат во судот божји, а се сомневаат во судот Основен 1, на пример (додуша, не баш без основа). Да, веруваат повеќето дека криминалците ќе одговараат, ама не овде туку на вечните ловишта. Додека не отидат таму, на ловиштево земско ние ќе им бидеме плен. Браво млади! Господ нека ни е напомош со ваквите уписи. Туку, ајде, па со Господ напред, може и ќе успеете некои од вас да му побегнете на ловецот чија мета ќе станете еден ден. Никогаш не се знае. Господ е голем.
Јас, сепак, си држам до моето – да одговараат на земјата. Ако се одложи за пеколот, океј, ама може да им зафалат казани. Иако можам да ја разберам потребата, кога веќе на Земјава станавме светски познати по разни пивтијади, пастрмајлијади, калинкијади, ракијади, вариме гравои за Гинис и слично, зошто во адот да не организираме една криминалцијада. За Гинис. А и ќе го оправдаме топонимот од насловот на Договорот од Пржино. Плус, има големи шанси Ѓорге Иванов, наместо да ги аболира криминалците, таму долу да се јави како покровител на настанот, досега нема промашено ништо што завршува на „јада“ јадниот.
Дур’ сме уште кај световниве работи, не знаев дека и избирачките книги се третираат како свети книги. Од интервјуто на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за „360 степени“ на Алсат, доста елоквентно, ако смеам да забележам, разбравме дека „СЈО не може да провери дали 35.000 лични карти, изработени, но не и подигнати на шалтерите на МВР, биле употребени на изборите, зашто ги нема избирачките списоци од претходните циклуси“.
Како ги нема? Па, каде се, побогу! Да не ги зеде Миле Јанакиески како чеиз за во брак? Чувме, да, како Миле со Сашо договараат да ги здиплат спакувани во „она пластичното, како со ортома“, ама мислевме дека потоа ги вратиле. Или да не добила Горде избирачки циклус? Па, списоциве одлетале како влошка со крилца.
Што би рекол Муса Џафери, да не му дадеш на вмровец работа; толку се вредни што веднаш натфрлуваат норма – ти му викаш едно ливче, тој милион и пол ги снемал
Се согласувам, ја чувме сите легендарната наредба на поранешната министерка „ливче нека снема“. Ама, алоооо, ливче, не цел список!
Што би рекол Муса Џафери, да не му дадеш на вмровец работа; толку се вредни што веднаш натфрлуваат норма – ти му викаш едно ливче, тој милион и пол ги снемал.
И потоа зошто оние смешни фигури, таканаречени пратеници, ја малтретираа Катица во Собранието. Не беше тоа мобинг, Катице, беше тоа една широка лепеза разни фигури, дури и стилски фигури. На пример, бделигма (изразување одвратност – Владанка Авировиќ), екфонеза (користење емоционални извици – Роза и Солза), хипокриза (потсмевање на противникот со претерување во говорот и со гестикулации – Иле Димовски), па дури и хилофора (беседникот сам себе си дава забелешки, кои потоа ги побива – Влатко Ѓорчев, кој како претседател на комисијата си даде себеси збор процедурално и потоа успешно си се поби), но ако треба сево ова со СЈО да се подведе под една стилска фигура, јас би се определил за катаплекса.
Катаплекса да ти било користење закана за казна и несреќа во спорењето со соговорникот. Доаѓа од грчките зборови κατά (ката) што значи долу и πλῆξις (плексис) што значи удар. Или во буквален превод низок удар, удар под појас. Груевски како боксер знае што значи удар под појас. Нејсе, читајќи си го зборов на глас, од некаде ми пролета мислата: Ако, вие катаплекса во Собрание, а Ката ќе ве плеска во суд. Не знам зошто ми дојде мислава. Веројатно е некаква божја промисла.
Нејсе, сфативме, ВМРО-ДрПавМНЕ е против СЈО. Не сака продолжен мандат, не сака заштитени сведоци. Инаку, чисти се, само СЈО било продолжена рака на СДСМ. Хахаха, добра фора. Некој стилист би рекол хилофора – смислуваш заканувачка теза дека долга е раката на ВМРО, а потоа сам си ја побиваш.
Мене сепак поинтересни ми беа брачниве партнерки на ДрПнавМНЕ. Киднаа од час, бе срцки. Не сакам да сум вулгарен, ниту да сум сексист, ама некако вчера на човек му доаѓаше да запали кола за Мала Речица, да влезе во седиштето на ДУИ и да се развика на цел глас: „Где сте пичке, стигла плата!“ Ама пред плата, ќе треба да приложат сметка на Кале. Само, за да не отрча Силвана пред нив, да појаснам, не такви сметки, Боне, од тие другите.
Откако ќе го примат на Кале, укорот, се разбира, ќе се вратат во Собрание. А таму нема да може веќе да бидат нежни кон партнерот. Ќе мора да бидат малку погруби. Дури и Артан ќе мора да е Груби. Јебига, Пиги, морално ќе е.