Во борбата за опстанок во природата, тоа се нарекува камуфлажа. А не се нарекува поинаку, ниту во политиката. Тоа е ситуација кога за да се заштити и да ги прелаже грабливците, животинката „се облекува“ во боите и текстурата на опкружувањето.
Така што непотребно се крева толку врева околу стајлингот и облеката на Амди Бајрам. Кога е меѓу овци и смртно уплашен за својата кожичка, како поинаку да се камуфлира, што друго да облече, ако не – бунда од скапоцено јагнешко кадраво крзно астраган. И нормално дека ќе се обиде да биде поголем ВМРО-вец од ВМРО-вците за сосема да се претопи со околината. Тоа е ситна работа за Амди, па, човекот едно време и во Васил Тупурковски проба да се камуфлира пуштајќи мустаќи, не пак, сега, кога има полесна задача да се престори во општа именка, односно да се претопи во безлично стадо.
Тоа е забавно за публиката и ќе падне многу смеење на и околу бините, но кога си камуфлиран во јагнешка кожа, лошото е што лесно можеш да отидеш курбан. Во политиката, за тоа не мора ниту да се чека Курбан Бајрам, курбан, а и Бајрам, се дава и за други празници, па и во делници. Факт што Амди го осетил и на своја кожа. Патот од бунда до пругасти пижами е краток, иако во спотовите ни покажуваат божем имало многу да се трча од едното до другото.
Така што непотребно се крева толку врева околу стајлингот и облеката на Амди Бајрам. Кога е меѓу овци и смртно уплашен за својата кожичка, како поинаку да се камуфлира, што друго да облече, ако не – бунда од скапоцено јагнешко кадраво крзно астраган
Нејсе, стравот во една од своите ескалации предизвикува хистерично смеење. Врвот на партијата на Никола Груевски толку хистерично се смее справувајќи се со своите стравови, што човек гледајќи ги отстрана може само да искоментира – да не си им во бундата.
Тоа не значи дека хуморот на Бајрам е лош, само сакам да кажам дека има и подобар. Еве, облечете му на Ѓорге Иванов бунда од астраган и дајте му микрофон и ви тврдам дека ќе го симне од сите топ-листи Амди Бајрам. Добро, го може тоа Хорхе и без бунда, само дајте му да зборува. Имам чувство дека, за сметка на Бајрам, сосема го запоставивме Хорхета. И тој имал, се чини, такво чувство, па реши да настапува надвор од нашите граници. Бугарите, кои тукушто избраа нов претседател за кого допрва ќе проверуваат каква смисла за хумор носи во себе, одиграа на сигурно и го викнаа наш Ѓорге. А тој на нивото на задачата. Во интервјуто за Агенцијата БГНЕС, им вели: „Македонија покажа храброст да се соочи со своето минато, со фактите, а не со митовите и легендите за него“. Човекот кој верува дека Македонија сѐ уште се протега до кралството на Хунзите и би менувал веднаш уште 600.000 отселени Македонци за информација каде се наоѓа гробот на Александар Македонски да ви зборува за справување со митови е „спрдачина“ пар екселанс. Посериозен народ одамна би го прогласил за персона „нонсо грата“, а кај нас не само што е „грата“ туку му даваме и претседателска плата.
И со право, зашто во земја во која Амди Бајрам е единица мерка за хумор, а Оливер Андонов за интелигенција, Ѓорге Иванов е Џон Оливер.
Притоа, најсмешно е што мислат дека со Амди и неговите бунди од јагнешко крзо и со нивните фројдовски спотови во кои разголениот мистер трча од плажите на Халкидики право меѓу стадата овци во пустелијата Македонија, успеваат да ги камуфлираат вистинските теми и да ги скријат од јавноста. Една таква тема е, на пример, дека државниот пензиски фонд е клинички мртов и дека наскоро државата ќе мора да ги исклучи апаратите што го одржуваат во живот и да изврши еутаназија на целиот пензиски систем. Нормално, нема власта да го убие гласачкото тело од кое црпи значаен контигент гласови пред изборите, но да не дозволиме и преку своите „курирци“ да го убие курирот што ни ја носи лошата вест.
Не многу одамна, во рубриките за црн хумор во некој од весниците прочитав виц за тоа како ќе се решела дупката на државниот пензиски фонд. Соочена со недостиг на економски решенија за покривање на бунарот без дно наречен ПИОМ, државата смислила сообраќајно решение, односно на сите постари од 58 години им се дозволува да поминуваат улица на црвено. Откако тоа дало само делумни резултати, за сите над 63 години се воведува задолжително поминување пешачки премин на црвено. Додуша, некои телохранители на наши политичари не сфатија дека ова е црн хумор, па тргнаа со своите мотори сами да го решаваат проблемот на ПИОМ, така што вицот, како и секој друг виц кога ќе стане вистина, престана да биде смешен.
Вчера на темава се огласи и озлогласениот ММФ, па ептен престана да биде смешно. Меѓународниот монетарен фонд, имено, препорачува да се разгледа опцијата Владата да ја зголеми старосната граница за пензионирање. Во најновиот извештај за Македонија, Фондот предупредува дека актуелниот пензиски систем во Македонија се соочува значителна финансиска нерамнотежа поради стареењето на популацијата и намалување на придонесите. Пензискиот дефицит ќе ни стане 10 отсто од БДП ако до 2030 година не се спроведат сериозни реформи.
Притоа, под сериозни реформи мислам дека не се подразбира енормното загадување, иако во земја во која невработеноста се решава преку иселување на младите, не би ме зачудило ако црната дупка во ПИОМ се решава преку загадување.
Ако тврдењето на Хорхе дека се справил со митовите од минатото е перверзија, споредбата со мирољубивиот Ганди на човекот кој нарачуваше насилство за политичките противници, апсења со пиштол в уста, уривање со динамит е тотална травестија
Но, зошто баш сега ваквата панична загриженост на ММФ? Мислам дека одговорот и на ова прашање се крие во охридскиот митинг на власта со кој ја отвори изборната кампања. Но, не зад бундата на Амди Бајрам. Алармите за опстанокот на ПИОМ во ММФ ги вклучи друг политичар, кој има толку дебела кожа што не мора да носи бунди и во најсурови временски прилики. Љубисав Иванов – Ѕинго.
Иако не се знае точно дали е роден во 1736, 1836 или 1936 година, последните релевантни историски сознанија се дека Ѕинго на овој свет е дојден пред само 80 години во с. Трновац, Кратовско. (Отприлика од тоа време датира и неговото директорување со комбинатот „Силекс“ и со целото Кратово.) Овој човек покажува јасни намери сам да го рикне ПИОМ. Вети дека за четири години пак ќе зборува на митингот во Охрид. Имајќи го предвид чистиот воздух во Кратово, изворите со питка вода што ги има под концесија и тендерите што ги добива од Владата, нема зошто да не му веруваме.
И додека Амди со истиот говор настапува секои избори (и претходните, ако не се лажам, кажуваше штосови за Зајко Кукурајко), Ѕинго сѐ уште добро се држи, па настапи со нова нумера. Овојпат направи генијална паралела, споредувајќи го Никола Груевски со Махатма Ганди. Ако тврдењето на Хорхе дека се справил со митовите од минатото е перверзија, споредбата со мирољубивиот Ганди на човекот кој нарачуваше насилство за политичките противници, апсења со пиштол в уста, уривање со динамит е тотална травестија. Една од најпознатите мудрости на Ганди е дека сиромаштијата е најлоша форма на насилство, а Македонија во времето на Груевски стана лидер по мизерија во Европа. Не, Ѕинго не е сенилен, не е ниту глупав. Тој верува дека народот е глупав и сенилен. Тој верува дека и оваа травестија ќе помине. Тој не ги тестира само границите на издржливост на ПИОМ туку и границите на нашата глупавост.
Не знам за вас, луѓе, ама мене ваквите навреди ме вадат од кожа. Бунда, фала богу, немам.