Балада за едно обвинителство

Дали крајот вака мириса? – овој стих од еден македонски шлагер никако не ми избива од глава, додека ламентирам над судбината на Специјалното јавно обвинителство. Не знам што сакал авторот да каже со него, ама  знам дека (најавениот) крај на СЈО не мириса, туку испушта неподнослива реа околу себе.

Да, СЈО беше политички конструкт, резултат на мачните пржински преговори меѓу тогашната власт и тогашната опозиција. Да, беше ад хок тело за кое се знаеше дека во еден одреден момент ќе мора да се трансформира или, едноставно, да прекине да работи. И, да, беше нужност предизвикана, пред сѐ, од состојбата на заробена држава, криминалната власт и речиси неверојатната злоупотреба на позициите на моќта.

Тоа беше тело направено првенствено под меѓународен, но и внатрешен притисок. Резултат беше на наталоженото незадоволство од состојбите во земјата, особено од правосудниот систем, кој работеше по системот: „кадија те тужи, кадија те суди“.

Всушност, од самиот негов почеток се виде дека СЈО е несакано копиле за овдешните политички елити. Иако, наводно, консензуално прифатено во македонскиот законодавен дом, тоа се сретнуваше со низа узурпации, пречки и сопки, првенствено од сите делови на власта (извршната, законодавната и судската).

Сите се сеќаваме на аболицијата на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, потоа на она славно ноќно „Отвори, отвори…“ на Катица Јанева, но и на еден куп бирократски и процедурални, но сепак наметнати пречки, почнувајќи од просторните проблеми, па сѐ до заглавувањето во судските лавиринти.

Крајот, ете, е познат: најголемиот број од осомничените се на слобода или во егзил, а некои од нив сега се и „големи“ жртви. А главната специјална обвинителка Катица Јанева е во притвор. Некој на ова би рекол дека судбината е кучка, иако во овој случај оваа изрека може да се модифицира во констатацијата дека политиката е кучка.

 Едноставно, без оглед на наводните гревови на Јанева и на нејзината објективна одговорност, не можеме да се ослободиме од впечатокот дека аферата „Рекет“ е всушност една мошне сериозна политичка операција токму за елиминирање на Специјалното јавно обвинителство.

Ако веќе не е организирана од главните политички партии, таа е реализирана со нивно премолчено одобрување, па дури и со соучесништво. Тука, се разбира, мислам, не само на опозицијата, туку и на власта.

Од самиот негов почеток се виде дека СЈО е несакано копиле за овдешните политички елити. Иако, наводно, консензуално прифатено во македонскиот законодавен дом, тоа се сретнуваше со низа узурпации, пречки и сопки, првенствено од сите делови на власта (извршната, законодавната и судската)

Имено, цело време е познато дека мандатот на главната обвинителка Јанева истекува на 15 септември. Цело време се знае дека нејзиниот наследник треба да биде избран во Собранието. И што направи власта во однос на континуитетот на СЈО? Иницираше некаква седница? Предложи кандидати за нејзин наследник? Предложи да се реизбере Јанева? Се консултираше со струката околу овие прашања? Или со граѓанскиот сектор, во кого толку се колне? Се разбира дека овие прашања се реторички и се разбира дека ништо не е направено во овој поглед.

Наместо тоа, во оптек е уште една бескрајна серија наречена „Преговори за новиот закон за Јавно обвинителство“. И повторно за законот преговараат партиите. Апсурдот е во тоа што еден од главните играчи во преговорите, ВМРО-ДПМНЕ, е организација која е под сериозни обвинувања за нелегално и криминално финансирање, токму од СЈО.

 За нејзините челници, против кои има покренато истраги, но и судски процеси, нема потреба ни да се потсетуваме. Тоа е апсурдот, а иронијата е во тоа што владејачката партија, СДСМ, тоа секако го знаеше, односно знаеше дека со потезите што ги влече нема да направи ништо друго, освен да ги седне осомничените на преговарачка маса.

Зошто тогаш овој гамбит е одигран вака? За да се добијат политички поени, се разбира! Власта ќе зборува за неконструктивноста на опозицијата и за нивното кочење на евроатлантските интеграции, делејќи ја за себе улогата на „добри момци“, а опозицијата ќе реди реторики за криминална власт итн.

Луѓето велат: за мртвите сѐ најдобро. Но, без оглед на ова, треба да се потсетиме уште еднаш дека СЈО за обичниот човек беше оној зрак надеж, она мало светло на крајот на тунелот, кое нѐ уверуваше дека и ние еден ден можеме да бидеме нормална држава

Она што мене лично ме изненадува е гласното молчење на струката и нејзиното исто толку гласно игнорирање. Кога веќе станува збор за закон за обвинителство, логично би било оние силни експерти, обвинители, граѓански организации, адвокати и адвокатски комори, судски и обвинителски совети, универзитетски професори да поднесат некој своја варијанта на законот за јавно обвинителство и тие, со сопствениот авторитет, знаење и искуство, да бидат фактор во преговорите, а не партиските бирократи и осомничените за сериозни злоупотреби на сопствените функции.

Со други зборови, партиите, ако воопшто се договорат, ќе ги штитат сопствените интереси, а не интересите на професијата, односно нема да го штитат јавниот интерес. И повторно како резултат ќе добиеме некој политички конструкт, кој ќе зависи од дневно-политичките односи и од количеството евентуални сомничења и обвинувања против актуелните политичари. Односно нема да добиеме ништо.

Како и да е, се чини дека Специјалното јавно обвинителство, во оваа форма во која го знаеме, независно и автохтоно, најверојатно е мртво. Луѓето велат: за мртвите сѐ најдобро. Но, без оглед на ова, треба да се потсетиме уште еднаш дека СЈО за обичниот човек беше оној зрак надеж, она мало светло на крајот на тунелот, кое нѐ уверуваше дека и ние еден ден можеме да бидеме нормална држава. Тоа беше институција, која воведе нови правила во јавниот говор, нов начин на транспарентност на судските органи, конечно и нова визија за еднаквоста пред законот.

Ако крајот вака мириса, не ми останува ништо друго, туку да го повторам слоганот на таканаречената Шарена револуција: Нема правда – нема мир!