Балансот како договорен инцидент

Со решение несоодветно за состојбите, опозицијата и дава клучно алиби на власта претпладне да тврди дека ги поддржува медиумските реформи, а попладне во prime time непречено да царува на фреквенциите на старите медиумски барикади.

Не знам кој е тој што ќе се мотивира да конкурира за уредник на информативната програма на МТВ (ако е навистина професионален новинар), само за да биде меѓупартиски скретничар 100 дена пред избори, а со цел да се обезбеди балансирано медиумско известување?

Не го потценувам Јавниот радиодифузен сервис. Напротив, го сметам за исклучително важен, но за жал, со целосно неостварена функција во изминативе години. Не ја потценувам ни важноста на функцијата што сега е ставена на барабан. Го проблематизирам нејзиниот рок на траење, како и стандардите што нејзиниот носител треба да ги обезбеди во исто такoв лимитиран рок, што нему му дава белег на привременост, инцидентност, обезмоќеност од оперативност и професионален континуитет.

Зошто професионалноста и балансот да се битни само три месеци? На граѓаните им треба професионален јавен сервис во континуитет, без оглед дали има избори или не, а не партиски договорен „инцидент“ во траење од 100 дена.

И точно знам кој ќе биде контра-аргументот на ова. Дека сега нема време за темелни реформи во МРТВ, дека е битно да се обезбеди барем балансирано известување, како елементарен минимум за фер-избори.

Зошто професионалноста и балансот да се битни само три месеци? На граѓаните им треба професионален јавен сервис во континуитет, без оглед дали има избори или не, а не партиски договорен „инцидент“ во траење од 100 дена

Да, сега навистина нема време. А кога има време – нема волја. Ако опозицијата во изминативе 10 години, дневно ставаше макар и по една реченица во досието „Предлог за реформи во МРТВ“, уште во почетокот на кризата ќе имаше обемен документ подобен за јавна расправа, на хартија „повисок“ и од зградата за која е наменет, а на преговарачката маса дебели аргументи за потребата на многу повеќе од 100 дена баланс.

Но, по годините одбележени со отсуство на каков било интерес и ангажман за реформи, очекувано е дека маневарскиот простор сега ќе се сведе на еден ваков договор, кој во себе не содржи потенцијал за да го наречеме решение.

Еве и зошто. Прво, како ќе биде перципиран и третиран тој уредник од страна на армијата извршители на партиски налози, ако на функцијата доаѓа со партиски договорена привременост. Ќе го третираат како некој што ќе треба да се издржи/игнорира 100 дена. Па дури и да станува збор за најавторитетна личност, со највисок професионален и личен интегритет, очекуваните опструкции од приврзаниците на пропагандистичко новинарство, како и опкруженоста со кадровски и програмски полуфабрикати, ќе ја направат невозможна неговата мисија од аспект на очекуваниот квалитет. Но, ако работите се сведат само на квантитет, нешто можеби и ќе се „реализира“. А претпоставувам дека тежиштето на „идеалот“ е ставено токму на тој тас од вагата: квантитетот!

Јасно ми е дека на партиите им е многу важна минутажата. Ако ВМРО-ДПМНЕ добие три минути од посетата на Подмочани, и СДСМ да добие три минути од посетата на Прдејци. Дури и да биде најидеално поделена минутажата до милисекунди, тоа во суштина повторно е нерамноправна битка. Тоа е фер-плеј само за последните сто метри од трката, бидејќи власта е во кампања не 100, туку 365 дена. Таа веќе книжи камати од покриеноста на настаните што ги произведувала само за да го апсорбира целото медиумско внимание 24/7. Денеска во едно село, утре во друго, ваму пет метри асфалт, таму три, овде лактација кај кравите, онде фитнес -центри. Без оглед колку се килави проектите, неспорна е акумулираната медиумска предност и ефектите што ги очекува од неа.

Власта на пример, одамна докажа дека не им треба професионално новинарство, затоа што пропагандното сосема добро и ја обезбедува лажната перцепција за нејзините успеси и така и помага да се одржува на власт

Таа диспропорција со медиумската (не)покриеност на другите партии, никако не може да се реши преку привремен уредник во МРТВ, туку со сериозни реформи за одвојување на партијата од државата и со постојан и релевантен мониторинг врз стандардите на медиумите. Не се решава ни со привремено петчлено ад-хок тело за медиумски мониторинг, чии членови повеќе од сигурно ќе се однесуваат како рогови во вреќа, односно исто како членовите на ДИК, и ќе се надгласуваат штитејќи партиски, а не интереси на јавноста. Оваа шесторка, (петте члена плус уредникот во МТВ), поради нивниот привремен мандат, неизвесните оперативни можности и ривалитетите што ќе ги понесат како чеиз од партиските бази што ги предложиле, повеќе навестуваат кочници во процесот, отколку нивна ефикасност во тие 100 дена. Најмалку пак може да бидат корективен супститут за деформациите натрупани во изминатите 3.650 денови.

Дури и непоправливи оптимисти во овој модел не може да препознаат можност за квалитативен чекор напред. Поради тоа, оние што сакаат професионалноста и балансот да бидат присутни трајно и континуирано во медиумската сфера, треба да бараат решенија соодветни на таа потреба. Прашањето е дали тоа навистина го сакаат. Власта на пример, одамна докажа дека не им треба професионално новинарство, затоа што пропагандното сосема добро и ја обезбедува лажната перцепција за нејзините успеси и така и помага да се одржува на власт. Опозицијата ќе мора да покаже дали нејзиниот став е целосно спротивен на тоа, или разликата е горе-долу во нијанси.

Особено, што со ваквото решение несоодветно за состојбите, и самата и дава клучно алиби на власта претпладне да тврди дека ги поддржува медиумските реформи, а попладне во prime time непречено да царува на фреквенциите на старите медиумски барикади, побројни и погледани од информативната програма на МРТ.

Практично, преку привремените промени во МРТ и АВМУ, кои се на пат да станат лоша симулација на реформи, власта само ќе си обезбеди демократска легитимација дека нив ги поддржала. А како и не би поддржала толку редуцирана промена, кога на останатиот медиумски терен непречено ќе си продолжи со анестезирање на јавноста, спинување на реалноста и капарисување на вниманието. Методите се познати – микрофонче на реверот и напред во производство на нови псевдо настани и фиктивни успеси, низ разни партиски спектакли наменети за изградената партиска конзументска култура.

Тие консументи, кои веќе се предозирани од еднопартиска пропаганда, ниту знаат што е баланс, ниту ќе забележат дали го има на јавниот сервис. Ако секој ден голтаат по една пропагандна торта, нема да им е важно дали малото колаче на масата на МТВ ќе биде поделено подеднакво за сите дегустатори. Ни власта нема да го третира како важно, бидејќи очекуваниот баланс на МТВ нема автоматски да ги „зарази“ другите телевизии. Тоа само ќе биде одлично покритие власта во заднина да ги продолжи стратегиите за комуникациско маскирање на нејзината контрола во другите медиуми.

Ете, тоа ќе биде ефектот од привремените „реформи“. Изразено во „бројки“, малку повеќе од едно големо ништо.