Ставањето на „црната листа“ на САД на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и бизнисменот Јордан Камчев повторно го актуелизира овој начин на санкционирање од страна на најмоќната сила на светот.
Американските санкции врз поединци од Балканот (сега би рекле Западниот Балкан, бидејќи со листата се опфатени само граѓани од овој регион) се врзуваат со 2001 година и со решението на претседателот Џорџ Буш јуниор да ги санкционира сите оние за кои американската администрација ќе процени дека ги загрозуваат нивните напори за одржување на стабилноста во земјите на регионот.
Интересно е да се спомене дека забрзувачки мотив за воведување на „црната листа“, за која се размислувало подолго време, е токму тогашниот воен конфликт во Македонија, па на првиот список (кој е сѐ уште на сила) ќе се најдат видни припадници и раководители на ОНА и АНА, а од регионот главно хашките осуденици со пошироките и потесните семејства.
Во моментов, американската „црна листа“ подразбира три пакети санкции: „Balkans“, „BalkanEO14033“ и „Glomag“.
„Balkans“ ги претставува санкциите, спроведени според указот на Џорџ Буш од 2001 година. „BalkanEO14033“ е врзана за одлуката на претседателот Џо Бајден од 2021 година, со која ги проширува критериумите за „влез“ во „црната листа“ со учество во тешки коруптивни дејствија. („ЕО 14033“ е ознаката со која е заведена одлуката на Бајден). „Glomag“, пак, се санкции наменети главно за фирми што се занимаваат со коруптивни и сомнителни бизниси.
Пораката на Американците со проширувањето на критериумите за санкционирање е јасна. Ако веќе ние не можеме да се избориме со нашите канцери, тогаш тие ќе ги маркираат
Мерко и Камчев се санкционирани токму според „ЕО 14033“, но и некогашниот премиер Никола Груевски, како и неговиот братучед, некогашниот прв разузнавач Сашо Мијалков. Во пакетот „Glomag“ сега е означена фирмата „Сајтрокс“, обвинета за развивање и продажба на малициозен софтвер, наменет за нелегално шпионирање.
Разликата меѓу „ЕО 14033“ и „Glomag“ е во тоа што во пакетот „Glomag“ се ограничува работењето на фирмата, но (сѐ уште) не се санкционират нејзиниот сопственик или прв човек. Велиме „сѐ уште“, затоа што, на пример, познатиот српски (пре)продавач на оружје Слободан Тешиќ се наоѓа на истата таа листа. Заедно со неговите фирми.
Според достапните податоци, освен споменатите, на „црната листа“ на САД, во моментов од Македонија се наоѓаат уште и Љубе Бошковски, Кастриот Хаџиреџа, Мендух Тачи, Џевад Адеми, Невзат Халили, Гафур Адили, Џавид Хасани, Нури Беџети, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени.
Општ впечаток во јавноста е дека американската „црна листа“ не може (премногу) да им наштети на засегнатите, освен со неможноста за нивна посета на САД.
Со оглед на фактот дека патувањето во САД за најголемиот број македонски граѓани е мисловна именка, а отворање тамошни бизниси уште повеќе, американската „црна листа“ не се смета за соодветна санкција. Дури и македонската држава (власта во сите нејзини варијанти) има некаков релативизирачки став кон мерките на американската администрација.
Убеден сум дека Американците нема да застанат на Мерко и Камчев. Напротив. Ќе детектираат политичари, бизнисмени, судии, обвинители…
Не само што ретко се истражуваат, а уште поретко се процесираат „црнолисташите“ („случајот Мерко“), туку партиите на двајца од „црната листа“, оние на Бошковски и Тачи, и официјално се дел од владејачката коалиција. Конечно, на овој или оној начин, во некои периоди тие беа дел на владејачката екипа и од спротивниот политички табор.
Од друга страна, на американската „црна листа“ во регионот се наоѓаат и активни високи политичари и функционери (шефот на српската разузнавачка агенција БИА Александар Вулин, претседателот на Република Српска Милорад Додик...), па човек лесно може да каже дека не им фали ни „влакно од главата“.
Но, дали е баш така? Факт е дека политичкото влијание на некогаш важните играчи на македонската политичка сцена (Невзат Халили, некогашниот лидер на Партијата за демократски просперитет, потоа Мендух Тачи, Љубе Бошковски…, па, ако сакате и Никола Груевски), откога се на „црната листа“, е минорно, ако воопшто и постои на македонската политичка сцена.
Што се однесува до бизнис-релациите, мислам дека треба многу сериозно да се сфатат зборовите на американската амбасадорка Анџела Агелар дека последици нема да имаат само бизнисите на луѓето од „црната листа“, туку и оние што соработуваат со нив. Затоа сега ќе биде интересно да се следи што ќе се случува со „Аџибадем Систина“, односно дали турскиот партнер ќе инсистира да се докапитализира и да ги откупи акциите на Камчев и така сосема да го елиминира од овој бизнис.
Пораката на Американците со проширувањето на критериумите за санкционирање е јасна. Ако веќе ние не можеме да се избориме со нашите канцери, тогаш тие ќе ги маркираат. И, убеден сум, дека нема да застанат на Мерко и Камчев. Напротив. Ќе детектираат политичари, бизнисмени, судии, обвинители… Наше ќе биде или да ги следиме или повторно самите да си го уриваме патот кон ЕУ.
Наспроти „црните листи“, постојат и „бели книги“. Тоа се документи каде што се набројуваат главно политички, уметнички, научни… дела и дејствија што треба да се забранат. Се разбира, заедно со нивните творци. Лично бев сведок на неколку „бели книги“, а во помнењето најмногу ми е врзана таканаречената „Бела книга на Стипе Шувар“ некаде од средината на 80-тите години на минатиот век, каде што беа обележени низа дела на југословенски интелектуалци како „девијантни“ и „опасни“ за „општествениот поредок“. „Белите книги“ го добиваат своето име затоа што главно станува збор за интерни документи (со дебелина на книга) на партиски или државни врхушки, кои случајно или намерно ќе „протечат“ во јавноста. И бидејќи документите се на бела хартија, тие се нарекуваат „бели книги“.
За разлика од „белите книги“, „црните листи“, се разбира, се од многу постар датум. Изворите велат дека терминот „црна листа“ за првпат го спомнал средновековниот англиски драматург Филип Месинџер во неговата трагедија од 1639 година „The Unnatural Combat“ (Неприродната борба).
Самиот термин во драмата се однесува на списокот што го направил кралот Чарлс II, по реставрацијата на монархијата, обележувајќи ги така луѓето за егзекуција, републиканците што под водство на Оливер Кромвел го убија неговиот татко, Кралот Чарлс I.
Оние, што се спасија од егзекуција, избегаа и ја колонизираа Америка. И, еве, сега, колонизаторите, тогаш познати под терминот „пуританци“, ни праќаат „бела книга, црна листа“ (ако смеам да го парафразирам народниот гениј). Наше е да покажеме дали сме функционално писмени или не сме.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија