„Нелојална“ конкуренција

„Како да ја тераме работата по свое, а да изгледа дека ги негуваме сите демократски механизми и алатки?“ Го слушнал владетелот ова прашање на неговиот помошник, и му дал многу краток совет.

„За секоја институција ќе измислиш уште по една што неа ја контролира. После ќе измислиш и контрола за контролните  институции. Брзо ќе се создаде една деликатна мрежа во која сите ќе се занимаваат едни со други, ќе вреват, ќе си ги вадат очите. А ние настрана, во тишина, ќе си ја тераме главната работа“, објаснил владетелот.

Секоја домашна сличност со вакви практики на владетели со цврста рака низ историјата, не е случајна. Намерна е.

Кај нас критиките обично се движат по три линии – или дека одредена институција е западната во летаргија и ништо не работи, или дека е заглавена во поделена надлежност со други, па на крајот не се знае која што работи, или дека „работи“ ама на туркање на работите под тепих.

И покрај недоволните капацитети со кои располага, ДКСК сепак направи разлика, покажувајќи дека и мал тим може да покрене едно тешко тркало

Но, сега сме сведоци на досега невидена пресметка кај „ОК коралот“ – на кавга заради извршена работа, која се доживува како „мешање во штипки“ на другиот. Низ нишанот се гледаат Јавното обвинителство и ДКСК.

На 17 јули државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на своја иницијатива оствари средба со членовите на ДКСК, на која, со цел да се зајакне националниот фронт за борба против корупцијата, ги разгледале можностите за дополнително унапредување на меѓусебната соработка. За ова Јавното обвинителство објави соопштение и фотографија од средбата.  

Само три дена подоцна, на 20 јули, ЈО во ново соопштение објави дека ги замрзнува сите активности предвидени во меморандумот за соработка со ДКСК. Причина за ваквиот пресврт стана иницијативата на ДКСК во врска со конфискацијата на имотот во предметот „Труст“.

Од ДКСК објавија дека имотот што требало да биде конфискуван во случајот „Труст“ бил преземен од фирми и банки, со што ѝ била направена штета на државата од над 12 милиони евра. Постоела цела шема со која се обезвреднил имотот, а биле вклучени нотари, обвинители, правобранителството, проценители, приватни фирми.

Од ДКСК побараа преиспитување на работата на дел од институциите, вклучувајќи ги Агенцијата за управување со одземен имот, Државното правобранителство, судовите и обвинителствата.

И, бојот започна. Јавното обвинителство оваа иницијатива ја оцени како целосно беспредметна и непотребна, бидејќи било нецелисходно ДКСК да поднесува иницијативи за кривично гонење за предмети во кои Обвинителството веќе постапува. А за тој предмет веќе била обезбедена целокупната документација – вербални и материјални докази и надлежниот јавен обвинител бил пред донесување на јавнообвинителска одлука.

Паднаа и тешки зборови, ако се има предвид дека само три дена претходно ќе ја унапредуваа соработката.

„Апелираме ДКСК да се држи до своите законски надлежности и да не нанесува штета на постапките кои се во тек. Јавното обвинителство како единствен орган надлежен за кривичен прогон нема да дозволи и остро ќе се спротивстави на секој обид да се влијае врз постапките“, порача ЈО.

Чуден апел, ако се има предвид дека ДКСК е самостојна и независна во вршењето на работите утврдени со закон и има својство на правно лице. Согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, меѓу триесетина конкретно наведени надлежности, ДКСК има и и надлежност да постапува по пријави од физички и правни лица за сомнежи за корупција и судир на интереси; и да покренува иницијатива пред надлежните органи за поведување постапка за утврдување на одговорност на службени лица.

Патем, симболички кажано, зарем „четири очи“ не гледаат подобро од „две“? Од ЈО реагираат дека е неодговорно ДКСК да поднесува иницијатива за кривично гонење во оваа фаза од постапката и врз основа на нецелосно проверени факти, кои не соодветствуваат на доказите обезбедени во предметот.

Но, ако тие соодветствуваат со доказите обезбедени во предметот на ДКСК, значи ли дека 2 + 2 кај некого не се 4? Не постои ли ни трошка професионална љубопитност, покрај законската обврска, да се види до какви сознанија дошла ДКСК, наместо однапред нејзните наводи да се опишуваат како „нецелосно обработени и неточни факти“, а таа да се третира како некој што упаѓа во надлежноста на истражните и на судските органи.

Сепак, изгледа дека нетрпеливоста кон ДКСК не е иницирана само од нејзиниот учинок за „Труст“, со оглед на следниот став на ЈО.

„И покрај сите напори на ЈО да остварува коректна соработка со ДКСК и да ја вклучи во активностите за борба против корупцијата, членовите на ова тело, наместо да ја насочат енергијата кон сопствените обврски, постојано се конфронтираат со другите институции, предизвикувајќи огромна штета на напорите за справување со корупцијата“, порача Обвинителството.

Прво, од каде тоа дека ЈО треба да ја вклучи ДКСК во активностите за борба против корупцијата, кога тоа е основна задача и причина за постоење на оваа Комисија.

Второ, од каде оценката дека од ДКСК постојано се конфронтираат со другите институции, предизвикувајќи огромна штета на напорите за справување со корупцијата? Дали оценката за конфронтација произлегува од тоа што тие потсетуваат колку пријави поднеле и колку од нив (нула) се процесирани? Ама за истото потсетуваат и европски институции.

Просто е: ако има работа и соработка, има резултати. Ако има само симулакрум за работа и соработка, не само што ќе нема резултати, брзо ќе се покаже дека таму нема ни држава

И покрај недоволните капацитети со кои располага, ДКСК сепак направи разлика, покажувајќи дека и мал тим може да покрене едно тешко тркало. Иако изгледа дека тоа тешко се поместува, ако сите со соодветна надлежност го потурнат барем со една рака, ќе може да заврти цел круг. И тоа нема да биде во корист на ДКСК, или на ЈО, туку на целото општество, на довербата во правосудниот систем и антикоруциската битка. 

Оваа епизода, како и онаа со изманипулираните членови на Владата (во врска со концесиите за Иловица) го треска од земја и минималниот легитмитет на нашите институции. Од Владата никогаш не се прашале како се чувствуваат граѓанините кога гледаат дека коалициските партнери на Илинденска број 2 функционираат како рогови во вреќа?

Сигурно не се чувствуваат правно сигурно и безбедно. Она што останува помеѓу нив и таа оперативна адреса- е огромна недоверба.  Истото се случува и кога слушаат дека ЈО ги замрзнува сите активности за соработка со ДКСК. Со кое право? ЈО не е приватна фирма. Така, лека полека, од нашиот мозаик отпаѓаат ѝ последните камчиња за кои се очекуваше дека еден ден ќе  дадат тон на големата реформска слика. Ништо од таа приказна.

Супстратот, основата на секоја легитимна власт (извршна, законодавна или судска) е во довербата што ја црпи од граѓаните. Еден политички поредок е легитимен ако граѓаните имаат доверба во оние кои владеат, и ако веруваат во законитоста на поредокот (владеење на правото).

Кога ќе го снема едното или другото, не е битно колку институции постојат како демократски декор, и колку празни соопштенија дневно ќе се штанцаат. Просто е: ако има работа и соработка, има резултати. Ако има само симулакрум за работа и соработка, не само што ќе нема резултати, брзо ќе се покаже дека таму нема ни држава.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија