Чак Бери и македонското национално прашање

Има смисла да се побара и да се извлече поука во фактот дека буквално целиот свет ја одбележа смртта на 90-годишниот американски гитарист и пејач Чак Бери. Од Алјаска до Брегот на Слоновата Коска, од Сибир до Патагонија, од Сирија до Венецуела, од Македонија до Мадагаскар, буквално на сите меридијани, без оглед на народите и малцинствата, јазиците и парите, војната и мирот, верата и расата, потрошени се часови и часови телевизиска и радио програма, испишани се страници и страници по сериозни весници и жолти портали, илјадници и илјадници пати во етерот се пуштани неговите песни, објавени се безброј фотографии од сите периоди на неговиот живот…

Со што го заслужи ова глобално внимание повеќекратниот затвореник, осудуван за дела од вооружена кражба, па до даночна евазија? Со што го задолжи светот овој некогашен бербер и чувар на автомобилски плац за да добие такви почести? Дали за ова се залужни неговите гитарски рифови? Неговото шоуменство? Неговото вешто распоредување на оние фамозни три акорди? Тоа што го измисли таканаречениот „пајкин ôд“?

Ние уште живееме во она време „пред“, не пред Чак Бери туку пред Гоце Делчев. Ние уште зборуваме дека „државата ни е нападната“, уште се расправаме за национални идентитети, уште говориме за изумирање на македонскиот народ…

Да, но и многу, многу повеќе? Овој црнец од Сент Луис, Мисури, односно Афро-американец како што денес би се рекло, со своето творештво, со својата музика и со својата изведба успеа да ја укине сегрегацијата од секаков вид, токму да ја крене почитта кон неговата раса и, внимавајте, да ги промовира човековите права на голема врата.

„Таткото на рокенролот“, како што со право го нарекуваат Чак Бери, успеа со уште неколку пионери на оваа музика (пред сѐ Ајк Тарнер, Литл Ричард, Фетс Домино, Гори…) дотогаш исклучиво создавана од црни автори и наменета само за црни гледачи, изведувана во клубови наменети за црнци, да ја приближи до белата првенствено млада публика и да ја направи, како што денес би рекле „двојазична“. Врз „ритамот и блузот“, односно „расната музика“, како што на почетокот се нарекуваше она што подоцна ќе прерасне во глобален културен феномен, се надоградуваа низа бели автори, а врз нивната музика, низа други од сите нации, религии и раси.

Рокенролот повеќе не беше само музика туку начин на живот и, секако, политички став. Од него произлезе хипи-движењето, односно „децата на цвеќето“, а од нив севкупниот граѓански сектор каков што го познаваме денес. Конечно, славната максима на Гоце Делчев: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, по појавата на Чак Бери можеше да се преведе во „Водете љубов, а не војна“. Народите, ете, повеќе не беа важни. Светот беше еден во целата своја различност и со целото свое шаренило. Отворено општество, ако смееме да го употребиме денес кај нас овој толку шиканиран поим.

Ете, затоа Чак Бери беше човек-меѓник, столб според кој се дели времето на „пред“ и „по“, великан од рангот на Коперник, Ајнштајн, Волтер… Човек кој со своето дело го промени начинот на размислување на сеопштата популација. И, се разбира, како што тоа обично се случува, промените што ги најавува Бери не поминуваат без жестоки реакции. Тие предизвикуваат бурни и бројни протести за зачувување на „белата“ Америка и белата раса воопшто, го реактивираат озлогласениот Кју Кјус Клан, естаблишментот не попушта на менувањето на веќе воспоставениот систем… Но, новото време и новите односи веќе не можат да се запрат. Ниту во Америка, а богами не ни во Источниот лагер, односно во комунистичките земји.

Само живата култура и живото творештво создаваат здраво општество и ги промовираат човековите права

Која е поуката за Македонија од смртта на Чак Бери? Поуката е дека не сме ја научиле поуката! Македонија, која своевремено сериозно партиципираше во една од најсилните рок-сцени во Европа, денес нема дури ни турбо-фолк сцена туку во изобилие ги користи „достигнувањата“ на соседите.

Дента кога телевизиите ја објавија веста за смртта на Чак Бери, објавија и дека во учебниците за основно образование пишува оти „само почитуваните жени и здрави мајки можат да обезбедат здрави семејства, од што зависи понатамошниот развој на општеството“; дека од РЕК Битола се растура радиоактивна пепел; дека овчарски кучиња до смрт изгризале дете… Истиот тој ден, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го повикува народот да ја брани Македонија од партиите и нивните приврзаници, кои имаат легитимно мнозинство во Парламентот.

Што се однесува до нас, Чак Бери не умре залудно туку живееше залудно. Ние уште живееме во она време „пред“, не пред Чак Бери туку пред Гоце Делчев. Ние уште зборуваме дека „државата ни е нападната“, уште се расправаме за национални идентитети, уште говориме за изумирање на македонскиот народ…

А она што требаше да биде поука е повеќе од едноставно: само живата култура и живото творештво создаваат здраво општество и ги промовираат човековите права. А живата култура не е ништо друго туку надоврзување и мешање идеи (ако сакате и јазици) од разни луѓе што тие идеи ги имаат, без оглед дали се тоа афро-американски бивши затвореници, како што е тоа случајот со Чак Бери или потекнуваат од сиромашни, нефункционални семејства, како што е случајот со Џон Ленон, на пример. Значи, без оглед на јазикот, верата, расата,.. а особено без оглед на националноста и јазикот што се говори.