Ракопис

„Виетнамска“

Раскази: Улиците што ги нема

 

 

 

 

 

– Рале, што е калиум перманганат?

– Де, бе, хиперманган.

– Се користи за дезинфекција на копитата на коњите?

– И за тоа, да. Темновиолетови кристали. Многу евтин лек. Од пред Христа. Коњите страдаат од копитната маса која кога ќе почне да се распаѓа, влегуваат бактерии во копитото.Тоа многу ги боли коњите…

– И?

– Во самото копито има богата мрежа од мали вени, кога оди коњот, копитото се шири и се собира, испумпувајќи ја крвта од венскиот сплет кон срцето.

– Што има врска сега срцето?

– Има. Копитото е второ срце на коњот. А зошто те интересираат коњи?

– Не ме интересираат коњи. Ни копита, ни срца. Ме интересира калиум перманганат.

– Хиперманган, писателке, хиперманган.

– Тоа, де, ветеринару.

 

Никој, најникој на цела „Виетнамска“ не знаеше дека младата невеста на Трчалови е истата 17-годишна девојка од Чегране за која на 16 ноември 2009 пишуваше во „Вест“. Ништо специјално, само дека „се обидела да си го одземе животот, пиејќи хемиски препарат калиум перманганат, наречен коњски камен, кој се употребува за дезинфекција на копитата на коњите“. Друга мана на девојката-невеста не можеше да ѝ се најде. А оваа мана и не беше некоја мана, зашто ем никој не ја знаеше, ем не ѝ се ни наѕираше во малото усте кое, ете, голтало и крупни нешта. Затоа, пак, на непотпишаниот новинар на „Вест“ можат да му се најдат многу мани. Зошто воопшто пишал калиум перманганат кога сите го знаeме тоа како хиперманган, зошто „за дезинфекција на копитата на коњите“, кога тој евтин лек од пред Христа се користи и за бањање бебиња, за црви в саксија,.. за толку многу други, обични нешта.  Весник како весник, живот како живот, улица како улица. Еднаш „Виетнамска“, другпат „Хаџи Јован Шишков“. Некој постои само за да ги преименува нештата што сите ги знаат. Друг – за да ги запише нештата што никој не ги ни изговорил.

Никој, најникој на цела „Виетнамска“ не знаеше ни дека младата невеста на Трчалови од тој 16 ноември 2009 сонува ист сон. Дека дојде во Скопје сосе него. Дека секое утро се буди папсана и снеможена. Физички премалена. Дека околу усните ѝ се слева тенка темновиолетова лига додека бревта местејќи го моминскиот, а потоа и брачниот кревет. Различни димензии на исто чувство недотруено со калиум перманганат: чаршафи 90 на 200 сантиметри пред мажење и 200 на 200 по мажење. Некое кристалче ѝ беше застанало во срцето засекогаш, боејќи ѝ го утринскиот умор од налудничавото трчање в сон во темна и тешка темновиолетова боја.

Речиси цело ергеле коњи со развеани гриви во галоп трча зад неа. Се крева прав, коњите, кој од кој поубав, се допираат еден со друг при тркот, фучат низ носниците, пареа се крева првин околу нивните глави, сетне се меша со правот и станува густ облак кој четириножно трча заедно со нив, опасно близу, речиси врзан за нејзините петици. Со сиџим од страв. Таа бега спрепнувајќи се, паѓајќи и станувајќи, сето време со главата наназад, не би ли видела уште колку, па ќе ја прегазат, ќе ја спрпелкаат меѓу своите многубројни нозе…  Ужасно ѝ е страв, сиџимот се тенчи и разресува, тргнал да се кине; се чувствува виновна што ја бркаат, тие, кротките, прекрасни животни од стварноста. Ќе се спаси ли, не знае, ќе им побегне ли или ова ќе биде последниот нејзин спомен за животу. Преморена е, ѝ секнува сила во нозете, мислата за бегство ѝ снеможува пред мускулите, срцето ѝ тупоти ко споулавено, сака да ѝ излета од градите и да продолжи само. Небаре само побрзо ќе се спаси. Ја боли под ребрата, го губи здивот, се спрепнува сѐ повеќе, паѓа-станува, паѓа-станува,.. ниедна клетка веќе не ја слуша, коњите се на чекор зад неа, им ја слуша намерата како топот…   

Фото: MaxPixel

Труењето како и да не беше било никогаш. Малкутемина што читаат црни хроники во весниците ги помнат сѐ до наредната, уште поцрна вест. А по „коњскиот камен“ во Чегране сешто се имаше изнапишано и испослучено низ земјава… Понекој, сепак, помни. Ако не засекогаш, барем со години и години…

Ја однесоа на лекар, ѝ го испраа желудникот, ја задржаа два дена и ја пуштија дома. Нејзините родители не престанаа да чуваат коњи, таа не престана да гледа спас во хиперманганот што го раствораа за измивање на коњските копита. Поголем од нејзината мажачка, што надве-натри ѝ ја приредија родителите за да се мавне од селото. Ја дадоа за еден вдовец на „Виетнамска“ во Скопје.  Скопје си е Скопје. Не е Чегране. 17-годишната девојка-невеста потпикна и кутиче хиперманган во чеизот, не знаејќи дека веќе го има во сонот.

Двете ноќи што ги помина во болницата ѝ беа мошне тешки. Имаше болки во стомакот, постојан нагон за повраќање и чудна неподнослива празнотија во желудникот. Заспиваше и се будеше на пет минути, или така барем ѝ се чинеше. Сонуваше како ја бркаат коњи. Како речиси цело ергеле коњи со развеани гриви во галоп трча зад неа… Кога се врати дома во Чегране, желудникот ѝ се смири, нагонот за повраќање стивна, труењето како и да не беше било. Но, продолжи секоја ноќ, без исклучок, да го сонува истиот сон. Се будеше папсана и снеможена, физички премалена. Тоа си продолжи и по мажачката. Како коњите од сонот во Чегране да си дотрчаа на „Виетнамска“ заедно со неа. Зад неа. Врзани со сиџим…

 

– Рале, а може ли воопшто да се умре од хиперманган?

– Не, бе! Силно повраќање евентуално… Зависи од количината, ама, мислам дека никој, најникој не може да се отруе вистински со тоа. Зошто?

– Онака.

 

Една ноќ, сепак, сонот не дојде ни на „Виетнамска“, ни на „Хаџи Јован Шишков“, ни на која било улица што (не) постои на светов и во веков. Сѐ уште младата невеста, иако одамна немаше 17 години, се разбуди одморена и орна. Со кротко, сонливо и неизмачено срце. Го намести брачниот кревет. Само што го измазни со рака јорганскиот чаршаф 200 на 200 сантиметри, наслушна некаков топот и веднаш излезе на терасата да види што се случува во дворот толку рано.

Мајка ѝ и татко ѝ, првпат по 2009, беа дошле да ја видат. Со чеза со два впрегнати коња од Чегране право во Скопје, на улицата „Виетнамска“ што веќе ја нема во општината Шуто Оризари.

Фото: MaxPixel