Не успеаја да дојдат до шише вода, кеса брашно, конзерви со храна. Дали биле покосени во стампедо и во меѓусебно туркање или биле жртви на израелски оган – треба да покаже независната истрага. Но, резултатите од неа нема да ги вратат животите на повеќе од 100 жители, убиени во северниот дел на Газа. Над 750 се повредени.
Сликите и снимките што го обиколија светот се страотно неприфатливи за векот во кој живееме. Објаснувањето на израелски претставници – дека жителите на Газа ги опколиле камионите и ги пљачкале пристигнатите залихи – не е аргумент. Особено не кога станува збор за прва пратка помош по повеќе од еден месец, што само открива какви тажни димензии достигнала блокадата и недостапноста на хуманитарната помош.
Додека гледаме слики од Украина и од Газа, никогаш не сме разговарале за „цената“ на мирот како најважната „храна“
Според друго објаснување, една група луѓе се приближила до израелските војници, кои поради тоа прво предупредувачки пукале во воздухот, а кога групата продолжила да им се приближува – израелските војници отвориле оган. Израелските медиуми, кои се повикуваат на извори од војската, пишуваат дека на групата ѝ било пукано во нозете. Но, според палестинскиот амбасадор во ООН, десетици од нив биле убиени со куршум во главата.
Начинот на кој егзистираа цивилите и пред овај масакр беше далеку од она што може да се нарече живот. Пред очите на светот, меѓу бројните апели за хуманитарна помош, Палестинци секојдневно умираа од глад и од дехидрација.
Само минатата недела, од потхранетост починале седум бебиња. Голем дел од нив без родители, донесени во болниците од прифатилишта, кои не можат ништо да им пружат. Проблемот е што ни во болниците за нив нема доволно млеко, лекови, често ни струја…
Возрасните што до вчера не ги убил гладот, ги убија куршуми при обидот да дојдат до храна. Со тие куршуми и Израел си пукаше во нога. Убиството на цивилите во северниот дел на Газа, каде што Израел тврдеше дека постигнал севкупна контрола, ќе ја продлабочи загриженоста кај неговите сојузници, а последиците од овој случај ќе бидат и сложени и далекусежни и за состојбите во регионот.
Тоа може да доведе и до отежнување или неуспех на тековните разговори, кои имаа за цел да се издејствува ослободување на 130 заложници, кои Хамас ги држи од 7 октомври, како и за шестнеделен прекин на огнот. Но, ќе ја отежне и целта на Израел за целосно растурање на Хамас. Особено планот за копнена офанзива во последното упориште на Хамас, Рафа, каде што живеат 1,4 милион луѓе, од кои најголем дел раселени лица, меѓу кои најмалку 600 деца.
Ние сме сиромашна земја, со многу свои проблеми, со низок стандард, со невработени, со голем процент сиромаштија, со потценети плати и професии. Дали на сето тоа ни недостига уште да се храниме со реторики на поделби
Додека го пишувам ова, не можам, а да не забележам дека ние како општество се однесуваме како да немаме чувство за светот околу нас. Додека гледаме слики од Украина и од Газа, никогаш не сме разговарале за „цената“ на мирот како најважната „храна“. Не сме се прашале што треба да правиме за да го одржиме и одбраниме. Како да не го цениме доволно тоа што го имаме…
Ме плаши тоа што нема повидливо општествено сочувство за тие што го изгубиле и мирот, и домот, за децата што умираат од глад, што не учиме колку е страшно да се доживее тоа. Ме плаши што се вртиме само околу себе, што станавме сиромашни во промислувањето, во општественото поведение, во духовноста. А не живееме под стаклено ѕвоно, туку во еден поврзан и меѓусебно зависен свет, во кој една искра може да предизвика домино ефект и целиот живот да го сврти наопаку.
Да, ние сме сиромашна земја, со многу свои проблеми, со низок стандард, со невработени, со голем процент сиромаштија, со потценети плати и професии. Дали на сето тоа ни недостига уште да се храниме со реторики на поделби, што дополнително го оптоваруваат животот на измрцварените граѓани, кои овде ги разграбуваат единствено „дијазепамите“ од аптеките?
Се ближат избори, кога многу вербални искри ќе се разгоруваат и многу партиски менија ќе им се нудат на граѓаните. Затоа треба да се внимава на понудите – „висококалоричните“ најчесто не се најздрави.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија