Далаверџии

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Вчера и денес, српскиот и албанскиот претседател се расшетуваа низ центарот на Скопје и разговараа со обични луѓе. Ние, пак, сонуваме за некаква бугаризација, одмазда за изгубените војни и битки, и Албанците да ни дадат дел од Македонија. Јасно е дека сме аут оф гејм и така ќе остане“.

Точно вака гласи еден од коментарите под текст во бугарски медиум, посветен на усвоената Резолуција за македонските црвени линии.

Го издвојувам зашто најдиректно и без ракавици ги објаснува очекувањата на обичниот бугарски граѓанин од политиката што во моментов ја води официјална Софија кон Скопје, а се рекламира како политика на европски критериуми и вредности.

Коментарот воопшто не се осврнува на македонските црвени линии, туку на настан што се совпадна во ист ден со усвојувањето на Резолуцијата – Економскиот форум во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“. Што е тука проблемот? Се разбира, Србија.

Постојаното ламентирање за десрбизирање на Македонија, а во корист на бугаризирање (од меко кон темелно), не е оставено без конкретни активности. Иако Бугарија јавно изјавува дека има одлични односи со Србија, кога е Македонија во прашање, тогаш Белград се третира како бугарски „архинепријател“, исто како и кај дел од Албанците, но не без причина.

Политичарите се минливи и менливи , но комуникацијата меѓу граѓаните на двете земји не смее да биде нарушена заради политичките елити, без оглед колку „национални“ причини ќе смислат тие за да ги прикријат нивните далавери

Заради тоа, подолг период во јавниот дискурс во Бугарија е видлив обидот преку тој „заеднички именител“ (архинепријателот) да се инсталира бугарски мост кон Албанци интелектуалци од Македонија, кои ќе произведуваат музика посакувана за бугарското уво. Вчерашната објава на Ким Мехмети, по повод иницијативата „Отворен Балкан“, ја гледам токму во тој контекст. И не е прва. Само во БГНЕС има неколку наслови од негови интервјуа или изјави: „Македонија е ‘политичка филијала’ на Србија, омразата е институционализирана во Скопје“, „На сите кои продаваат македонизам, а имаат ‘српска’ политичка меморија“, „Не може да има држава со лажен идентитет“, „Македонија е под целосна контрола на Белград, а албанските политичари се негови слуги“, „Белград ја напиша денешната историја на Македонија, за да ја оддалечи од Бугарија“…

Никој не може да му забрани на Мехмети да има свој став, да го аргументира и брани, но нема право неговите сограѓани Македонци да ги ословува како Славомакедонци. Со вакви слаломи, самиот се легитимира како аналитички слуга на националистички кругови во Софија, кој добил внимание со тоа што на еден прилично експлоатиран начин го девалвира македонскиот идентитет.

Бидејќи не го сметам за неинформиран, претпоставувам дека јасно му е оти денес не е тешко да се стигне на насловни страници во Софија: секој што ќе извезе два-три збора на бугарската евергрин тема „Македонци под влијание на Белград“, добива и црвен килим и минутажа во прајм тајм, пракса што одамна стана дегутантна.

Неприфатлив е обидот српските петна во однос на Албанците (од Косово) да бидат расчистувани преку грбот на денешна Македонија низ призмата на нејзиното минато во СФРЈ, а во контекст на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ и на лидерите на земјите-учеснички.

Ако истото треба да важи за кој било сосед (а не ексклузивно за Србија), тогаш сите земји од Западен Балкан, кој е преоптоварен со историја и замрзнати конфликти, ќе треба да се помират дека никој никогаш и со ниеден сосед не треба да соработува, зашто во спротивно ќе биде прогласен за вазал на некогашната престолнина на југословенската федерација. Тоа значи земјите да се самоосудат никогаш да направат исчекор. А тоа им одговара само на тие што сакаат од замрзнати конфликти да печалат политички позиции и пари.

Како што вистината за чувствителни настани излегува по одредена временска дистанца, така еден ден на виделина ќе исплива и една поразителна вистина – зошто токму по потпишувањето на Договорот од 2017 година, македонско-бугарските односи тргнаа кон ќор-сокак? Има многу изненадувања во оваа приказна, но ниту едно не е поврзано ни со Гоце, ни со Самуил. Поврзано е со неостварените апетити за бизнис-проекти на некои политичари, по што историските спорови станаа одлично покритие за неуспехот на таа шема. Искрата толку бргу се претвори во пожар, што дури и искусни бугарски „пожарникари“ не успеаја да се справат со него, а притоа платија и изборна цена. Тоа се нарекува „со свој камен по своја глава“.

Да беа Македонците без Белград како дете без мајка, земјата немаше во 1991 година да прогласи независност. А можела и поинаку. На пример, и по распаѓањето на СФРЈ, Црна Гора остана во државен сојуз со Србија сѐ до 2006, а потоа и таа тргна по свој пат.

Ама не се сеќавам дека Мехмети со ваква жестина се обрати кога кај Зебрњак претставници на македонската влада со српски политичари ја славеа 100-годишнината од српската окупација врз сопствена држава. Добро, тогаш Груевски беше на власт, па можеби не смеел да зуцне. Ако на Бугарија толку ѝ пречи српското влијание, нека се занимава со тоа во својот двор, доколку мисли дека има проблем што Бугари „сечат вени“ на српски песни. Или да се зачуди што во албански кафулиња ечат песни на Цеца. Да, да, онаа на Аркан.

Не гледам грижа ни пред прекорот од Брисел дека Бугарија со издавањето пасоши на граѓани на земји од регионот создава „транзитно државјанство“, бидејќи тие пасошот го користат за да работат и живеат во други земји, а Бугарија тоа го користи за други цели.

Затоа, без продавање басма. Ние треба да градиме пријателски односи со Бугарија заради граѓаните на двете земји, но не на штета и дисквалификација на соработката со други соседи. Тие односи треба да ги градиме на принципиелни позиции и не преку барања што излегуваат од рамката на Договорот од 2017 година.

Бугарија не треба да негува, ниту да потхранува надежи дека преку интегративната блокада на Македонија ќе ја притисне земјава за го добие во мир она што не го освоила низ војните во минатиот век

Да имаше Бугарија мудра дипломатија и искрени намери, ветото никогаш немаше да биде нејзина алатка. Ако сакала да бие битка со, од неа претпоставеното и предимензионирано српско „влијание“ (не во минатото, туку денес), немала подобар начин, освен да гласа „за“ почеток на нашите преговори со ЕУ.

Ако се служиме со таа терминологија, Бугарија имаше простор да наметне свое „влијание“ во време кога земјава немаше ниту една вакцина. Таа шанса Софија ја пропушти. Подоцна помогна, искрено благодариме, ама и тој потег го замагли со самокритики во споредбата дека „каскала зад Србија“.

Македонија не е полигон за бугарски натпревар со некој трет. Бугарија не треба да негува, ниту да потхранува надежи дека преку интегративната блокада на Македонија ќе ја притисне земјава за го добие во мир она што не го освоила низ војните во минатиот век. Политичарите се минливи и менливи (кој не верува, нека ги праша Борисов и Каракачанов), но комуникацијата меѓу граѓаните на двете земји не смее да биде нарушена заради политичките елити, без оглед колку „национални“ причини ќе смислат тие за да ги прикријат нивните далавери.