Десоросоизација

Десоросоизацијата започна на единствениот вистински можен начин – од врвот. Како инаку може да се протолкува одењето на претседателот на државата и некогашниот член на Управниот одбор на Институтот Отворено општество, Ѓорге Иванов, во Египет, освен како решителна борба против дестабилизацијата на државата што толку упорно ја води американскиот милијардер.

Ете, ваквата разврска ја најави и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во едно од безбројните продолженија на серијата мега и гига интервјуа, дадени околу Нова година, велејќи дека Сорос има инфилтрирано луѓе и во највисоките инстанци на државната администрација, па и на власта. И, како што впрочем се очекуваше, започна да ја чисти државата и на тој начин да ја стабилизира.

И резултатите не можеа да изостанат. Барем во еден период од нашите животи. Македонија во еден момент остана без претседател на државата, без претседател на парламент, без политичка влада, со пратеници кои лажно се претставуваат како премиери и министри, со што нивните одлуки стануваат автоматски неважечки итн. Ако мене ме прашувате, јас Македонија никогаш не сум ја видел постабилна. Овие денови немаше ни „к“ од криза, ништо за криминали, за корупција, за судство… Идила.

Мошне сум задоволен од досегашниот процес на десоросоизацијата и сигурен сум дека ќе продолжи со несмалено темпо

Дури и ракометарите добро го почнаа Светското првенство, докажувајќи дека и без голмани може да се победува. Речиси и грипот се повлече. Па и сонцето огреа, го стопи снегот и замрзнатите цевки и ги замолчи сите оние лелекања околу (не)способноста на институциите да се справат со атмосферските појави. Веќе на минус два Целзиусови поверувавме дека дојде пролет.

Ете, излезе дека и „Македонија пат“ не залудно потрошила онолку евра за ангажирање фирми за чистење патишта. Кризата беше само десетина дена и веднаш да се мрчело, бре! Како божем да не знаеме дека глобалното затоплување ќе стаса и до нас. Добро, со вообичаено задоцнување, ама еве ни го пред врата.

Кога министерот за надворешни работи, Никола Попоски (или беше пратеник, не се сеќавам повеќе), го давал интервјуто за оној опскурен италијански весник со прилично македонско име (La Verita, „Вистина“), веројатно процесот на десоросоизацијата уште не бил започнат, па пратеникот вели, апелира, вика, напросто крикнува, Сорос да престане да ја дестабилизира Македонија. Просто ми заличи на Зола и на неговото „Обвинувам“.

Оваа споредба не е претерана. Не само затоа што и Драјфус и Сорос имаат еврејско потекло туку повеќе глобалниот импакт што го предизвика оваа објава на министерот-пратеник. Апелот веднаш го слушнаа нашинците од Њујорк и му се нацртаа на идниот претседател на САД Доналд Трамп пред онаа негова многукатна куќа. Претпоставувам дека, во духот на десоросоизациската традиција, му ја испеаја и онаа коледарско-вмровско-српска песна: „Излези Доналд на тераса, да ја видиш Гоцевата раса“. Во секој случај, малку гласно, ама сепак љубезно го замолија милијардерот Трамп да ја спаси Македонија од милијардерот Сорос.

Како може Трамп да се приклучи на општомакедонскиот тренд на десоросоизација? Јас знам дека и Трамп, како и големиот Македонец Аристотел, вели: „Мили ми се милијардите и позицијата, ама Македонија ми е помила“, ама навистина не знам какви спасувачки реквизити има во овој случај.

Прво што ми паѓа на памет е со своите пари да ги истисне парите на Сорос од овде. Тоа би одело отприлика вака – Се јавува Трамп на телефон во Институтот Отворено општество и прашува: „Колку ве плаќа вас Сорос? Пет милиони долари? Еве, од мене пет милиони и 50 центи, ама да се викате Институт Затворено општество“. И кај сите соросоиди настанува општа веселба. Истите пари плус кусур да се почести друштвото. А што преостане ќе оди во дневници за следната еднобојна револуција.

Нашинците од Њујорк му се нацртаа на идниот претседател на САД, Доналд Трамп, пред онаа негова многукатна куќа. Претпоставувам дека, во духот на десоросоизациската традиција, му ја испеаја и онаа коледарско-вмровско-српска песна: „Излези Доналд на тераса, да ја видиш Гоцевата раса“

Добро, има и помалку радикални решенија. На пример, да бомбардира легитимни цели во државата, одамна познати како легла на терористи и дестабилизатори, а затскриени зад некакви граѓански и невладини организации. Колатералната штета ќе биде занемарлива.

Веќе ги гледам овдешните патриоти како наместо „Ќосето е жив“ ќе извикуваат „Трамп е жив“ и наместо оние блесави шајкачи со симболи од типот на „Слобода или смрт“, ќе носат американски војнички капи со симболот „Слобода или Сорос“.

Не знам само како ќе се снајде директорот на Државниот архив, Филип Петровски, кој таман го проучи ликот, а особено делото на Ќосето, ќе мора сега да ја проучува современата американска цивилизација, преку ликот, а особено преку делото на Трамп.

И злобни се гласиштата дека повикувањето на Трамп да ја спаси Македонија е повикување на мешање странски сили, да не кажам странски служби во македонските внатрешни работи. Па општо е познато дека Трамп е Македонец со американско потекло. Жена му е Словенка, негувателката Србинка, што со други зборови значи дека е токму наш, онака антички. И нема да се изненадам крај Триумфалната капија преку ноќ да никне еден Триумфален Трамп. На коњ. Онака од стиропор. Ќе го личи. А пред него Артан Груби да прави селфи.

Како и да е, мошне сум задоволен од досегашниот процес на десоросоизацијата и сигурен сум дека ќе продолжи со несмалено темпо. Прашање на момент е кога Никола Груевски ќе се десоросоизира самиот себеси за оние пари што ги прими наводно за декадата на Ромите, а всушност за дестабилизација на државата. Иако, морам да признам, одлично ја заврши работата во име на Сорос. Речиси слично како и претседателот Иванов.

Дури тогаш ќе нѐ огрее сонце. Она македонското, со колку зраци и да е.