Џиновска демагогија

Среќни се народите што имаат здодевна историја (Монтескје)

Нема крај на демагогиите во земјава. Пратеникот (поранешен и актуелен) Антонијо Милошоски, кој лингвистичкиот џин Блаже Конески во 2011 година јавно го нарече „џуџето од Небрегово“ (во време кога беше министер за надворешни работи!), сега е многу загрижен од ставовите во бугарскиот објаснувачки меморандум.

Во една демократија, сосема е природно луѓето да имаат различни ставови за многу прашања и слободно да дебатираат за нив. Не е забрането ни Милошоски да има поинакво мислење за Конески. Но, кога по јазичното прашање ќе се најде на иста линија со бугарскиот меморандум, неприродно, непристојно и конфузно е токму тој да биде опозицискиот фронтмен против пораките на официјална Софија.  

Притоа, воопшто не е спорно барањето да се расправа за меморандумот на собраниска комисија, ниту да се бара информација од МНР. Но, ќе беше посоодветно тоа да го побара некој друг, а не некој што самиот вградил тула во тези, кои сега ни се враќаат како бумеранг.

Колку што бугарскиот објаснувачки меморандум е сведоштво за неговата спротивност со европските вредности и човекови права, толку е одраз и на клиновите што самите си ги забиваме на патот

Бугарскиот меморандум, меѓу другото, црпи инспирација и од пластелин-ставовите на „големи Македонци“, кои прво сами си ја сечат гранката на која седат, а потоа се фрапираат кога гранката ќе ги удри по глава. Ако „јазикот е наша татковина“, негирањето на делото на Конески, што е?

Милошоски никогаш јавно не се извини за таа изјава, (ниту партијата во која членува), иако во повеќе наврати тоа беше побарано од него, што укажува на конзистентност во однос на ставот кон Конески. Тогаш, на што е резултат вознемиреноста: на џуџестата меморија или на џиновската демагогија?

Да биде демагогијата уште поголема, ВМРО-ДПМНЕ пред неколку години објави изборен спот, во кој наратор ја читаше песната „Молитва“ на Конески, а спотот беше илустриран со снимки од протестите на „Шарената револуција“. Груевски, пред да избега во Будимпешта, го преобјавуваше овој спот на својот фејсбук-профил, како еден вид коментар на судските случаи против него.

Кога му гореше под нозе, се соживуваше со творештвото на „џуџето“. А претходно, кога дури и петлите му несеа јајца, кога десет години диктираше што и каде ќе се гради, никогаш не помисли, ниту посака џиновски споменик за лингвистичкиот колос, за разлика од честа што му ја укажа на еден Букефал со воинот над него, на ќосиња и шмизли. Да не зборувам за цехот што беше платен во преговорите со Грција заради неговата инвазивна антикоманија во центарот на Скопје.

Мора да покажеме дека патот до европските вредности овојпат може побргу да води преку Скопје, отколку преку некои други метрополи, кои, за жал, сѐ уште не го оправдале епитетот „европски“

Исто како што Груевски на штета на земјава „патриотски“ ги хранеше грчките тези за „кражба на грчката историја од страна на Скопје“, и Милошоски свесно или несвесно ги нахрани бугарските тези за јазикот, преку омаловажување на кодификаторот на современиот македонски јазик. А тоа е јазикот на кој говориме, пишуваме, твориме, информираме, дебатираме, се смееме, тагуваме, јазикот што сме го наследиле од своите предци…

И така доаѓаме до изреката на Черчил, дека „историјата се повторува, но секој пат сѐ повеќе нѐ чини“. Митот за улогата на тројанскиот коњ во падот на Троја, ние постојано го реализираме во реалноста. Затоа, колку што бугарскиот објаснувачки меморандум е сведоштво за неговата спротивност со европските вредности и човекови права, толку е одраз и на клиновите што самите си ги забиваме на патот.

Членките на ЕУ, семејството кон кое се стремиме, ќе решаваат за употребната вредност на бугарскиот меморандум. Нам сега не ни е потребна ни хистерија, ни вербална експлозивност бидејќи тоа е одраз на луѓе без самодоверба во својот идентитет. Потребна ни е соработка, пријателство и добрососедство. Некои зборови што сега во афект може да ги размениме (од двете страни) може да нѐ претстават токму како „џуџиња“, кои сѐ уште не стекнале свест за потреба од цивилизиран дијалог низ кој се решаваат проблемите.

Земјава не треба да тргне по таков пат, во кој со соседите саемски ќе се натпреваруваме со историски митови и етноцентризми. Односот кон сите историски прашања, преку мултиперспективен пристап, е вистинскиот пат. Исклучивоста, која инсистира дека постои само една историска вистина, го еродира и го урива темелот на научноста во пристапот, и во основа е антиинтелектуална и авторитарна.

Ако бугарската влада, од за неа познати причини загазила на тој пат, не значи дека и ние треба да тргнеме по истиот. Мора да покажеме дека има и друг начин, и друг пат. И дека патот до европските вредности овојпат може побргу да води преку Скопје, отколку преку некои други метрополи, кои, за жал, сѐ уште не го оправдале епитетот „европски“.