Регион

Потребни се радикални промени во Обвинителството на БиХ

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Зградата на Судот и на Обвинителството на БиХ. Фото: Обвинителство на БиХ.

Во новиот извештај на британската судијка, Џоана Корнер, објавен  во Сараево, се вели дека работата на Државното обвинителство за случаите на воени злосторства и квалитетот на истрагите и бројот на обвиненија е намален во споредба со 2016 година, кога беше направена последната проценка.

Обвинителството сè уште ги има истите проблеми, како и кога беше напишан последниот извештај, истакна Корнер, поранешна виша обвинителка во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

„Решавањето на некои од овие проблеми ќе бара радикален пристап“, вели таа во извештајот под наслов „Унапредување на процесирањето на предметите на воени злосторства на државно ниво во БиХ“, нарачан од мисијата на ОБСЕ во БиХ, а поддржан од британската влада.

Обвинителството целосно исполнило само 4 од 32 препораки, дадени во претходниот извештај на судијата Корнер, се вели во новиот извештај.

Корнер наведува дека причината за падот на бројот на обвиненија од 2018 година па наваму, не е работењето на посложени предмети, како што често изјавува главната обвинителка на БиХ, Гордана Тадиќ.

„Иако ваквите бројки можеби би биле прифатливи, доколку се работеше за  обвиненија и завршени судски постапки во најсложените предмети, т.е. оние што вклучуваат командна одговорност или најтешки злосторства, во согласност со критериумите утврдени во Националната стратегија, тоа не беше случај, бидејќи во многу обвиненија e опфатен еден обвинет, кој сe товари за директно извршување на злосторството“, се наведува во извештајот.

Корнер посочува дека главната обвинителка Тадиќ, сè уште не назначила раководител на Посебното одделение за воени злосторства, и покрај фактот дека имала право на тоа.

Британската судијка наведува дека „е очигледно оти главната обвинителка се занимава и со најмалите детали во секојдневната работа на Посебниот оддел, како што е распределбата на предметите на обвинителите и разгледувањето на сите обвиненија“ и дека „начинот на ваквото раководење ја оптоварува и забавува работата на предметите на воени злосторства“.

Во извештајот, исто така, се посочува дека Државното обвинителство продолжува да покренува обвиненија против лица кои не се во БиХ, па оттука ним и не може да им се суди, и против осомничени кои веќе се наоѓаат на издржувње на долгорочни затворски казни за други воени злосторства.

Во извештајот од 2016 година, Корнер нагласи дека ова значи „непотребно трошење ресурси што можат да се искористат за истраги и гонење на сторителите кои сè уште не се идентификувани како воени злосторници“.

На претставувањето на извештајот во Сараево, шефицата на мисијата на ОБСЕ, Катлин Кавалек, ја истакна потребата од побрзо префрлање на помалку сложените предмети на воени злосторства, од државно, на ентитетско ниво, бидејќи одложувањата се една од главните пречки да се дојде до правдата.

„Илјада потенцијални осомничени допрва треба да се најдат под истрага. Ова континуирано одложување ги остава семејствата на жртвите во неизвесност“, посочи Кавалек.

Милан Тегелтија, претседател на Високиот судски и обвинителски совет, рече дека не сака да го коментира новиот извештај на Корнер, бидејќи сè уште не го прочитал.