Спознавањето на другите е интелигенција.
Спознавањето на себеси е мудрост.
Лао-Це
Проверувајќи го квалитетот на нашите состојби преку зборовите на кинескиот мудрец, но и преку фактите на теренот, се доаѓа до поразително сознание дека ниту мудроста ниту интелигенцијата не ни се иманентни во пристојна доза, која е неопходна да се легитимираме како разумни и мислечки субјекти.
Еден од доказите за тоа е односот кон прашањето за употребата на албанскиот јазик, а ги изнесе на површина сите примитивизми и ширење на ирационални стравови: дека обидот за негова целосна имплементација, која каска 15 години, ќе го загрози унитарниот карактер на државата.
Оние кои го плашат македонскиот народ со овие приказни треба да им го прочитаат на граѓаните членот 7 од Уставот и да им објаснат дека тој не предвидува јазичен унитаризам. Напротив.
Но, тука прилично се калкулира со неукоста и неинформираноста на граѓаните. Најмногу се манипулира со оние кои немаат избор, кои сѐ уште не добиле шанса да обезбедат парче леб, работа, уште помалку да создадат семејство, а најмалку право на основна вакцина за своето дете. Тие егзистенцијално ранливи групи се оценети како најпогодни за заплашувања со поголема мака, некоја нова општествено-опасна Баба Рога, која се доближува до прагот и ќе им земе сѐ… што немаат.
Оние кои го плашат македонскиот народ треба да им го прочитаат на граѓаните членот 7 од Уставот и да им објаснат дека тој не предвидува јазичен унитаризам. Напротив
Да, очекувано беше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде неуспехот за формирање влада да го покрие со некоја нова стража на браникот на државата. Но, пред да почне да стражари, со претходница од тврдокорни црнокошулаши и политиканти во мантии, Груевски ќе мора да им признае на граѓаните дека во преговорите со ДУИ дал согласност за истиот законски предлог за албанскиот јазик.
Ако тоа го смета за продавање на унитарноста на државата, тоа значи дека тој прв ја шитнал. Тоа што ја испуштил власта од раце, се должи единствено на неговото несогласување да се продолжи мандатот на СЈО. Крај на приказната.
Но, вистината не смее да се сведе на каква било „продажба“. Јас му честитам на Груевски што дал согласност за затворање на прашањето со употребата на албанскиот јазик, како што јавно и децидно потврдуваат од ДУИ. По десет години поминати на премиерската функција, веројатно низ секојдневната институционална практика и самиот Груевски се уверил дека има многу ситуации кои го лимитираат или го оневозможуваат правото на граѓаните Албанци да го употребуваат мајчиниот јазик на нивото што им го гарантира Уставот.
Но, она што мора да го научи подобро од тие неколку редови на албански јазик, е дека политичкиот живот ниту почнува, ниту завршува со една влада. Тоа е процес на континуирани промени, во кои едни концепти и партии ќе победуваат, други ќе губат, но секогаш е најважно земјата да оди напред, а транзицијата на власта да биде демократска, мирна и достоинствена.
Не треба да се дозволи дел од, со години освојуваните стандарди, преку ноќ да бидат згазени или поништени.
Велат, на човек му требаат две години да научи да зборува и отприлика 50 години да научи да молчи. Груевски во изминатите десет години кажа сѐ што сакаше да каже. Никој не го спречува да кажува и понатаму. Но, мора да биде свесен за одговорноста од кажаното. Не знам каква е таа „долга листа на чекори“ што ја крои партијата, најавувајќи тензии ако СДСМ и ДУИ формираат влада, но не е тешко да се прогнозира дека таа може да стане најкраткиот пат до самоуништување на ВМРО-ДПМНЕ.
Правото на протест е демократско право, но создавање тензии од поголем формат кои можат да ги загрозат стабилноста и безбедноста на земјата преку мижење пред хушкачките реторики полни со крв и кубури, не е јазик ниту на демократијата, ниту на зрела партија. ВМРО-ДПМНЕ деновиве е пред опасност епитетот „демократска“ во нејзиното име, без оглед дали и во која мера го оправдала досега, дури и како декларативен украс да го изгуби под налетот на манири својствени за одамна минати времиња.
Последиците од такво сценарио ќе бидат погубни, не за нечиј јазик туку за државата во целина. Негувањето потенцијал за конфликти сигурно ќе биде силно осуетено и казнето од демократските сили во општеството. Проодноста на манипулациите е прилично стеснета, граѓаните се освестени, а на сцената доминира критичко преиспитување на лажните толкувања на стварноста за потребите на една партиска врхушка.
Не знам каква е таа „долга листа на чекори“ што ја крои партијата, најавувајќи тензии ако СДСМ и ДУИ формираат влада, но не е тешко да се прогнозира дека таа може да стане најкраткиот пат до самоуништување на ВМРО-ДПМНЕ
Нема да успее тоа националистичко оро во кое ја туркаат државата, само затоа што една група панично бара начин како да се откачи од орото на правдата. И тука не помага никаква замена на тези, преку продавање федерализација заради страв од правна санкција.
Просторот на артикулација и репродукција на суверена моќ во една демократска заедница се нарекува јавен простор. Тој јавен простор во едно мултиетничко општество не смее да биде узурпиран во еднојазична смисла и лингвистички затворен наспроти сето друго што ги одразува политичката и јазична плуралност, преку кои граѓаните ги артикулираат своите позиции и права.
Државата има обврска да им овозможи на граѓаните право на јазикот што сите го разбираат, но и право во истиот јавен простор да го користат и јазикот кој го говорат други етнички заедници. Тоа право мора стуктурно да биде впишано и вградено во системскиот поредок.
Слушам деновиве „аргументации“ колку многу ќе чини преводот ако албанскиот јазик се користи во институции на централно и регионално ниво, или во судската практика. Ќе чини. Демократијата е скапа работа. Но, не е поскапа од војна, на пример, или од мегаломански споменици, кои на никаков начин не ги подобруваат квалитетот на животот, правата и демократските вредности туку на најсуров начин ги исмејуваат.
Затоа, преуредувањето на нашата реалност е неодложна потреба и зависи од искрена волја и демократска визија. Никој нема лиценца или авторски права врз правото и опсегот на употреба на чиј било јазик. Оние кои и натаму се залагаат за провинцијално и националистичко уредување на нашево општество, не можат да се затскриваат зад лажна одбрана на македонскиот јазик и на унитарноста. Доколку навистина им беше важен јазикот, имаа широк полигон да покажат како ги бранат македонските апостоли на зборот.
Наместо тоа, тие го лустрираа Славко Јаневски, но и се самолустрираа со тој срамен чин. Блаже Конески ем го прогласија за „џуџето од Небрегово“, ем бесрамно посегнаа по неговата „Молитва“ за да си ја рецитираат во нивни изборни спотови. Не беше доволно тоа, па нивни пропагандисти решија и великанот Кочо Рацин да го прогласат за џуџе. Токму ваквиот однос кон овие икони на зборот и јазикот, е вистинскиот показател кои се недораснатите џуџиња на нашето време и затоа пред прогресивните граѓани на Македонија стои гигантска обврска за конечно детронизирање на лагата и на нејзините промотори.