Домаќине, четворица гости ти дојдоа

  • 4
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Новите мерки за заштита од ковид19 што ги препорачала Комисијата за заразни болести може да имаат ефект само ако се во корелација со рестрикциите и во другите сегменти каде што е видлива голема фреквентност и групирање на граѓаните. Станува збор, пред сѐ, за градскиот и меѓуградскиот превоз.

Мерката „домаќине, четворица гости ти дојдоа“ не би имала никаков ефект ако дозволените гости секојдневно се дел од вообичаените турканици во градските автобуси. Па, дури и за еден гостин да се работи, каква е гаранцијата дека останал заштитен од вирусот за време на превозот од и до работното место со јавен транспорт, во кој едни носат, а други не носат заштитна маска, а главно сите си дишат во лице.

Па, дури и сите да носат маски, бројката на толку лица во автобусите не овозможува минимум дистанца меѓу нив, а постојано се потенцира дека таа е исклучително важна.

Ако сѐ уште има пари за свежи икебани на масите во сите функционерски кабинети, тогаш може да има повеќе пари и за здравствените работници

Второ, вирусот нема работно време и не оперира во трета смена, само по 22 часот. Забранатa за групирање на повеќе од четири лица на отворен и затворен простор по 22 часот ќе има смисла и ефект само ако се избегнуваат поголеми групирања и во текот на целиот ден: во јавниот превоз, моловите, маркетите, шалтерите…

Во моментов, таа флуктуација на луѓе во текот на денот сѐ уште е огромна. Пролетната дисциплина што се создаде во однос на чекањето во ред пред маркетите, касите и шалтерите одамна е разлабавена и повеќе зависи од свеста на вработените во тие објекти и од нивната ревносност во одржувањето на дистанцата, иако во суштина треба да зависи индивидуално од секој граѓанин.

 Проблемот е што сите не се подеднакво сензибилизирани во однос на заштитата од ковид 19. Причини има многу: образовни, социјални, егзистенцијални…

Тие што се занимаваат со анализата на причините поврзани со личната, здравствената и комуникациската култура имаат широк спектар за истражување. Но, тие што работат во здравствените институции немаат време да се занимаваат со тоа. Дури и не мора да ги читаат билансите на новозаболени. Го чувствуваат тоа преку обемот на работа, кој секој ден е драстично поголем од тој вчера.

Зборувам за лекари, медицински сестри и друг здравствен персонал, кои, исто така, имаат семејства, имаат потреба да земат здив, да видат дали децата успешно им се логирале на системот за онлајн-настава и дали се вратиле од училиште без загрижувачки симптоми. На сите ним им должиме да го подигнеме нивото на свеста за превентива од заразата, секогаш кога ќе се најдеме во искушение да заобиколиме некоја мерка.

Секое заобиколување на мерките нѐ води директно во ковид-центрите. А таму, секој ден има сѐ помалку слободни болнички кревети, и сѐ повеќе истоштен здравствен персонал, изморен од нови и нови „регрути“, кои ги окупираат болниците по разни масовни домашни прослави и забави со поголема масовност.

Некои од здравствените работници си заминуваат од болниците токму поради таа истоштеност. Колку што се во прашање личните примања, некаде и заборавени бонуси, толку е во прашање и незадоволството од нашиот личен однос кон превентивата, а со тоа кон нив и нивната сѐ пообемна и прекувремена работа.

Трудот и тешките дежурства им го почитуваме повеќе декларативно, ама кога ќе дојде во прашање дружењето без протоколи, повеќе го одбираме второто, со лабаво оправдување – „баш јас ли ќе се заразам“? Инфективните одделенија најмногу се полнат со „неверни Томи“.

Бројките што ги имаме денес се резултат на здружени напори во неодговорноста. Нема подобрување на состојбата ако едни ги почитуваат мерките, а други се уверени дека „маската е штетна, дека не постои корона и оти виновен е „Вил Гејтс“ или „Бил Гејц“.

Ако едните го девалвираат учинокот на другите, ќе се вртиме во маѓепсан круг, во кои бројките вртоглаво ќе растат, а здравствениот систем многу бргу ќе колабира. Кој има корист од тоа? Никој.

Покрај нужната сеопфатност и комплементарност на сетот од рестриктивни мерки, значајно е и да се награди трудот на здравствените работници, кои најдиректно и деноноќно работат на инфективните одделенија. Иако во голема мера е важна, пред сѐ, почитта и вниманието кон нив, сепак, вонредните напори што ги вложуваат, мора да бидат и подобро финансиски валоризирани.

Секое заобиколување на мерките нѐ води директно во ковид-центрите. А таму, секој ден има сѐ помалку слободни болнички кревети, и сѐ повеќе истоштен здравствен персонал 

Незадоволство има и не е ендемско. Истите проблеми ги мачат и здравствените работници во соседството. Лекар од Петтата градска болница во Софија, кој работел на првата линија во битката со ковид 19, во знак на протест деновиве решил да ја продаде наградата добиена во 2012 година. Испратил писмо до министерот за здравство, во кое ја објаснил причината за неговата постапка: наградата добиена за лекување на настраданите од терористичкиот напад извршен на аеродромот „Сарафово“ во 2012 година, во Бургас, лекарот ја ставил на продажба за 638 лева и 24 стотинки зашто точно толкава била дупката во неговиот месечен семеен буџет. Добивал нето-плата од 830 лева, но не добил ниту еден лев повеќе како бонус за секојдневната посветеност во лекувањето на ковид 19.

Да, корона-кризата насекаде ја влоши економската состојба и ги истенчи буџетите, но може да се најдат средства за овие работници преку укинување разни непродуктивни трошоци. Ако сѐ уште има пари за свежи икебани на масите во сите функционерски кабинети, тогаш може да има повеќе пари и за здравствените работници. Тие се цветовите што треба најмногу да ги негуваме. И не само за време на корона-кризата.

Здравствениот и образовниот систем се огледало на секоја држава. Од сите зависи дали ќе сакаме да се погледнеме во тоа огледало или да го скршиме. Со неодговорност секој ден го правиме второто.