Досие 1.568

Не им верувам на дел од оние што денес леат крупни солзи за судбината на Универзална сала. За да им поверувам, ќе треба да одговорат на едно прашање: како од илјадници тони градежен материјал потрошен за „Скопје 2014“, токму за Универзална не остана ни трошка. Ни шајка не заковаа во неа.

Отпосле се фалат дека за неа оставиле „голем проект“. За искреноста говорат делата, а не намерите запишани на хартија. Ако толку им значела, прво неа ќе ја реновирале. Тешко е човек денес да се пробие низ толкав метеж од демагогија.

Една сала не умира кога покривот ќе почне да пропушта вода или кога ќе се потскине штофот на столчињата. Умира кога ќе исчезне идејата за култура и поимањето на културата, воопшто. Таа ‘рѓосана лименка беше многу топло место и кога најчесто немаше греење во неа, а беше издржливо и кога немаше ладење.

Нивелирањето на чувството за топло-ладно го правеше сцената. Тоа беше онаа мала по габарит, но по содржина богата сцена, на која започнаа многу кариери, или блескаво беа овенчани нивните завршетоци. На неа продефилираа дебитанти, ветерани, странски гости, танчари, балерини, џезери, глумци, солзи радосници, деца, возрасни, треми, аплаузи, балони, цвеќиња, конфети…

Зад сцената никнуваа безброј анегдоти, поврзани со скудните можности – од сопки во тесниот простор, до скршени потепетици или потскинати фустани што се закачиле на стари столчиња и шкафчиња во гардеробата.

Универзална сала има 1.568 седишта и 54 години зад себе. Не се тоа обични бројки. Тоа се капсули во кои е меморирана културната историја на градот и државата. Во нејзините ѕидови се впиени сите наши омилени евергрини

Памтите ли колку луѓе стоеја пред салата, секогаш кога немаше доволно места за сите што сакаат да посетат нечиј концерт? Колку луѓе сакаа да се прошверцуваат во неа од задниот влез, најчесто со лажни новинарски легитимации или со образложение „треба да му го однесам костумот на пејачот“? Колку луѓе седеа не скалите покриени со стари излитени теписони, а без да се чувствуваат непријатно? Неброено многу.

Памти салата и многу љубови на прв поглед кон уметноста што се случиле токму таму, силни инспирации кои одредиле нечии професионални ориентации. Памти салата голема енергија и синергија меѓу публиката. Памти и запросувања (за едно од нив правото да ве потсети му го оставам на Сашко Коцев). Не случајно Универзална стана епицентар на многу индивидуални и колективни спомени и носталгии.

Во таа најубава грда скопска лименка беа скршени табуата дека сцената им припаѓа само за познатите. Нејзината топлина ја почувствуваа и многу категории лица за кои беа организирани хуманитарни концерти.

Деновиве се потсетив на една вечер кога „златните славејчиња“ требаше да одржат проба со Тоше за неговиот хуманитарен концерт. На пробата, тој долета директно од концерт во Сараево, со претходно наминување до болница да прими инфузија поради истоштеност, но и висока температура. На концертот, ни по гласот, ни по изгледот, никој не можеше претпостави дека „гори“ од температура. Даде сè од себе, и многу повеќе од тоа.

Во првиот ред пред сцената седеа лица во инвалидски колички и плачеа од радост и возбуда. Некои за првпат тогаш се насмеаја. Шибаше провев од сите страни, а салата се топлеше од аплаузи и од восхитот на нивните лица. Дечиња од соседството залепени со носовите на стаклата однадвор го слушаа нивниот миленик.

Нека се изгради нова концертна сала на друга локација, но најубавата грда лименка во Скопје мора да продолжи да живее. На истото место, со нова енергија и со публика што ќе ги сака нејзините брчки

Па денес, кога некои „загрижени“ бројат колку концерти таму реализирале домашни и светски уметници, а неодминливо го спомнуваат и Тоше, забораваат дека на салата ѝ го „реновираа“ единствено името, и тоа на многу непријатен начин.

Иако на предлог на советничката група на СДСМ, во јануари 2014 година, Советот на Град Скопје донесе заклучок салата да го носи името „Тоше Проески“, како симбол на уметноста и хуманоста, владата на ВМРО-ДПМНЕ подоцна ја промени таа одлука и ја прекрсти салата во конгресен центар „Александар Македонски“.

Затоа велам: една сала нема да умре кога ќе ѝ протече покривот, ќе се расклатат столчињата или ќе падне дел од плафонот. Умира кога ќе биде убиена идејата за култура и почитта кон оние што ја создаваат и промовираат. Петре Шилегов, во кампањата за градоначалник на Скопје митингуваше токму пред Универзална сала, со песната на славејчињата „Градот убав пак ќе никне“. Не рече дека Универзална ќе „рикне“.

Универзална сала има 1.568 седишта и 54 години зад себе. Не се тоа обични бројки. Тоа се капсули во кои е меморирана културната историја на градот и државата. Во нејзините ѕидови се впиени сите наши омилени евергрини.

Да, стара е, крцка како винил-плоча, ама тоа е убав звук. Нека се изгради нова концертна сала на друга локација, но најубавата грда лименка во Скопје мора да продолжи да живее. На истото место, со нова енергија и со публика што ќе ги сака нејзините брчки.