Друштво на мртвите поети

Тешко е, дури и со бујниот јазик на книжевната фела, да се дефинира она што деновиве се случува со и во Друштвото на писателите на Македонија. Не е тоа ниту козерија, уште помалку трагедија, а богами не е ни комедија. Не е ни сага, а богами не е ни водвиљ.

Можеби најдобрата дефиниција е „сапуница“, во значење на оние ужасно долги телевизиски серии, кои немаат никаква логика, ниту смисла во нивното сиже.

Иако и претходната седмица го искористивме овој простор за „случајот ДПМ“, пресвртите во „внатрешните“ односи во Друштвото се одвиваат со таков интензитет, што речиси беше нужно ова прашање да се истретира токму така – како серија. Само се надеваме дека нема да влеземе во стапицата на „сапунските опери“.

За читателите што не се во тек, тука ќе наведеме само куса хронолошка фактографија.

Никој и никаде не спомнува како и зошто ДПМ го штити јазикот, на пример? Или зошто функционирањето на ДПМ би било некаква гаранција на идентитетот?

На четврти октомври, осум од девет членови на Претседателството поднесоа оставки на своите функции. Седум поднесоа колективна оставка (без особено образложение), а еден член (Бранко Цветковски) поднесе издвоена оставка и како причина го наведе кршењето на Статутот на ДПМ од страна на неговиот претседател, како и самоволието во раководењето со оваа институција.

Со оглед на фактот дека ниту еден од останатите седум члена на Претседателството под оставка не излезе јавно да ги образложи сопствените мотиви за ваквиот чин (или барем јас не нотирав такво нешто), останува само да се потпреме на кусата писмена оставка на Цветковски, но и на бурните реакции што главно преку социјалните мрежи стасаа до колку-толку пошироката јавност. И секаде, речиси, без исклучок се повторуваа обвинувањата за „приватизација“ на Друштвото, за кршење на Статутот и самоволие во раководењето.

На деветти октомври, токму на денот кога на ова место излезе текстот „Панаѓур на суетите“, Претседателот на ДПМ, Христо Петрески, преку официјалната фејсбук-страница на Друштвото, поднесе неотповиклива оставка на оваа функција, наведувајќи ги здравствените причини како причина за напуштањето на функцијата.

Веќе следниот ден, преку  истата таа страница, претседателката на Собранието на ДПМ, Кристина Николовска закажа Вонредно собрание на Друштвото за 25 октомври, без конкретно да го наведе дневниот ред.

На 13 октомври, Петрески, повторно преку фејсбук-страницата на ДПМ ја повлече „неотповикливата“ оставка и реши да го продолжи мандатот. Петрески вели дека оставката не ја депонирал во ДПМ, односно дека таа била изнудена под „притисоци и уцени“, без да конкретизира за какви уцени и притисоци се работи. Како тривија ќе наведеме дека од насловот на текстот на веќе објавената оставка на страницата, „Неотповиклива оставка“, тој ден волшебно исчезна зборот „Неотповиклива“.

Истиот ден, 21 член на ДПМ потпишаа јавен повик до Претседателката на Собранието за одржување Вонредно изборно собрание во закажаниот термин, што, според нив, е единствениот начин да се реши кризата во раководењето (и работењето) на ДПМ.

Со оглед на „пишман аџија“ практиката на најтесното раководство, останува нејасно дали Собранието воопшто ќе се одржи на 25 октомври или Николовска имала само намера да го свика, а формално правно не го свикала. Во краен случај, Вонредното собрание може да се одржи, но да не биде изборно, односно да биде само расправа за „актуелните состојби во ДПМ“, како што меѓу редови може да се прочита и од самото соопштение за неговото свикување. По новововедениот обичај, ниту Николовска не излезе во јавност да образложи за што всушност се работи.

Иако и самиот Петрески (преку Фејсбук) апелираше Фејсбукот да не се користи за расправи околу состојбите во Друштвото, на членовите, а и на другите заинтересирани се чини и не им останува ништо друго, туку внимателно да ја следат токму фејсбук-страницата на ДПМ, ако евентуално сакаат да разберат што се случува и што ќе се случува.

Медиумите, иако, би рекле, покажаа завиден интерес за темата, со оглед дека се работи за култура, односно област што вообичаено бегло ја третираат, сепак се ограничија само на еден извор на информации – токму фејсбук-објавите. А фејсбук-објави не се ништо друго, туку само тоа – фејсбук-објави.

Некои медиуми објавија дека поставиле по некое прашање до Петрески, но не добиле одговор. И толку. Никаде немаше, или барем јас не сретнав, некаков обид да се анализираат причините и последиците од ваквата состојба во ДПМ.

Она што надворешниот набљудувач, каков што впрочем е и авторот на овие редови, може да го забележи од бројните преписки по социјалните мрежи е дека и условно речено, двете страни во судирот главно се ползуваат со повеќе или помалку фрази и флоскули, па дури и со речник повеќе својствен на политичарите, отколку на писателите. Злоупотреби, самоволија, уцени, закани, идентитети, национални интереси и сѐ во тој стил.

Од двете страни се цитираат основоположниците на ДПМ. Двете страни се повикуваат на неговата традиција и неговата улога во развојот на литературата, културата, па и државата. Двете страни пишуваат горливи објави за достоинството на писателот и потребата да се слушне неговиот глас. И, конечно, двете страни се обвинуваат за „растурање“ на ДПМ.

Никој и никаде не спомнува како и зошто ДПМ го штити јазикот, на пример? Или зошто функционирањето на ДПМ би било некаква гаранција на идентитетот? Или што се подразбира под „достоинство на писателот“ и кои се инструментите со кои ДПМ ќе може да го чува или унапреди тоа достоинство?

На крајот на краиштата, никој не ја проблематизира улогата на ДПМ во оваа и ваква Македонија во 21 век. Јасно е дека улогата на ДПМ и на неговите основоположници во историскиот развој на македонската современа држава не е спорна, спорна е неговата поставеност денес.

И, еве, ќе се смени Христо Петрески (или барем ќе му истече мандатот), ќе значи ли тоа дека ДПМ автоматски ќе стане модерна и флексибилна организација?

И, гледај чудо, ниту една страна не зборува дали ДПМ, вакво какво што е, е историски анахронизам и дали треба да се постави на сосема други основи, посоодветни на денешното време.

На пример, да преземе дел од задачите на непостоечката агенција за книга. Да унифицира авторски договори. Да ја утврди минималната цена на напишаниот збор. Да преземе иницијативи за објавување собрани дела на заслужни писатели. Да организира писателски размени со светот. Да се вмрежи со слични и сродни организации во светот. Да направи пробив на македонската објавена литература во светот. Со еден збор, да биде креативно.

Што се однесува до мене, јас не се сомневам во аргументите на двете страни, особено на онаа што бара одржување Вонредно собрание, затоа што кризата со менаџирањето на ДПМ е очигледна. Но, „колнењето“ во постоечкиот статут, а не барањето негови промени, говори само дека единствениот виновник во пропаѓањето на ДПМ е Христо Петрески.

И, еве, ќе се смени Христо Петрески (или барем ќе му истече мандатот), ќе значи ли тоа дека ДПМ автоматски ќе стане модерна и флексибилна организација? И значи ли тоа дека ДПМ до 2022 година (до изборот на сегашното раководство) била таква? Дека достоинството на писателот било на повисоко ниво? Дека македонскиот идентитет бил заштитен? И така натаму.

Од една страна, јас го разбирам сентиментот на членовите кон Друштвото, но без оглед на нивната убеденост во неговата сѐ уште жива „државотворност“, не е на одмет да потсетиме дека ДПМ, пред овдешните позитивни законски акти, не е ништо друго, туку едно од многуте здруженија на граѓани. Тие што сакаат да се здружат во такво здружение, се здружуваат. Оние што не сакаат, не се здружуваат или бараат форми што повеќе им одговараат.

Но, како што сега се чини „сапунската опера“ продолжува…

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија