Ако Никола Груевски замина во Виена длабоко искомпромириран, но колку-толку жив, во Скопје се врати како тотален политички мртовец. Човек мора или да е многу фрустриран или целосно дезориентиран, ако во вчерашниот тажен и срамен ден за Македонија сметал за потребно најпрво да нагласи дека „настаните го затекнале на средбата со Карл Фон Хазбург“.
Прво, нека им каже некој на оние што ги пишуваат соопштенијата во Центарот за комуникации, дека презимето е Хабзбург. Да додадат „б“. Второ, тоа е политички провинцијален и беден обид за себепромоција на „посакуван соговорник“ преку користење на името на внукот од славната династија. Трето, кога слушнал за настаните, Груевски „веднаш ја прекинал средбата со Карл“. Со оглед дека се врати со редовен лет, смешна е потребата да промовира таква промптност и загриженост за насилството, кое овде со денови калорично го гоеше.
И додека тој разговарал со Карл за големи политики, плочата веќе му ја изгравираа ниските страсти на оние со многу мускули и малку ум, кои ТОЈ ЛИЧНО секој ден ги мобилизираше, најавувајќи дека „ќе оди до крај“ и дека „тој не може да го исконтролира гневот на народот“.
Каде беше коалицискиот партнер, зоти Али Ахмети, додека неговиот сопратиец Талат Џафери го избираа за претседател на Собранието?
Сега ќе му биде појасно што значи поговорката „Со свој камен по своја глава“, или како што милуваат да си кажат во фамилијата – „Каменот од блиску доаѓа“. Тоа може да му го потврди и неговиот внук од прв братучед, кој како што го снимиле телевизиите, упаднал во парламентот и се поздравувал со разни тврдокорни извршители на патриотско-фамилијарни налози. Затоа, сега е доцна за осуда на насилството.
Човекот кој ја втурна земјата во тешка институционална криза со кршење на Уставот и негово паљурско толкување, вчера се дрзна да изигрува миротворец и да повикува на одговорност и разум – две нешта што ги нема во описот на неговата личност. Од каде Иванов знае што е одговорност и разум? Од лекцијата со аболицијата, од смртта на Коста Крпач кому посредно му стави мета на челото или од брзите курсеви по руска демократија?
И уште најдрско ќе порача дека „оваа состојба може да се надмине само преку почитување на правниот поредок на Република Македонија“.
Оваа состојба може да се надмине само со одново воспоствавување на правниот поредок, бидејќи тој сега не постои. Урнисан е од токму од Иванов и оние што го кандидираа за свој измеќар. Зарем тој не виде како повеќе од два часа беспрекорно функционираше МВРО-ВМРО? Чиј симбол е тоа – на институционалниот или на партискиот поредок во државава?
„Не е страшно ако претседателот на државата ви е невешт. Се случува. Страшно е кога претседателот ви е глуп“, напиша во една прилика колегата Петар Луковиќ.
А што може да се прави со такво сознание, ако субјектот за кој се однесува оценката никогаш нема да стекне спознание за своите реални капацитети.
Кога би било поинаку, единственото нешто што Иванов требаше да го направи, е да си поднесе оставка и да им се извини на граѓаните на Македонија што поради неговото однесување државата ја изложи на потсмев во светот, но и на стравувања од извоз на тензии.
Доцна е сега и за лидерска средба. Иванов може да организира само дилерска средба со истите оние тепачи кои беа главни протагонисти и синоќа, како што беа и во насилствата пред општина Центар. А ќе биде многу интересно ако се утврди дека дел од насилниците биле осуденици помилувани токму од шефот на државата и врз основа на што ја заслужиле неговата милост!?
И додека Груевски разговарал со Карл за големи политики, плочата веќе му ја изгравираа ниските страсти на оние со многу мускули и малку ум, кои ТОЈ ЛИЧНО секој ден ги мобилизираше, најавувајќи дека „ќе оди до крај“ и дека „тој не може да го исконтролира гневот на народот“.
Третиот политички мртовец е Али Ахмети. Ќе се извинам јавно ако сум згрешила, ама јас оваа персона вчера никаде не ја видов. Ниту во Собранието, ниту со изјава, ниту на прес-конференција. Па јавно прашувам, каде беше коалицискиот партнер, зоти Али Ахмети, додека неговиот сопратиец Талат Џафери го избираа за претседател на Собранието? Да не бил и тој случајно во Виена или можеби на телефонска врска со Виена? Навистина, каде беше Ахмети додека Заев, Села, Шеќеринска, Спасовски, Манчевски, Локвенец… се справуваа со локвите крв и водеа битка за деблокирање на демократските процеси, дури и по цена таа да им биде последна? Можно ли Ахмети да се сокрил во глувчешка дупка во Мала Речица, токму на денот кога парламентарното мнозинство во согласност со Уставот, законите и деловникот, реши да ја ефектуира волјата на мнозинството?
Одговорот не го барам за мене, го барам за сите граѓаните пред кои лидерот на ДУИ го даде и неговиот потис и декларативно застана зад новото мнозинство.
Но, како што велат, на мака се познаваат јунаците. Некој вчера избра да биде на „штрасе“, некој во Мала Речица, некој изгубен во претседателската кожа. Беше добро да се види и што значи да си „врвен патриот“. Тоа во основа значи „храброст“ од зад грб да нападнеш жена, мајка, сограѓанка, пратеничка, да ја туркаш и влечеш за коса. Тоа е веројатно главен супститут за очигледниот недостиг од храброст на патриотите да застанат пред лажниот партиски светец, кој во сите клучни моменти „случајно“ не е овде, да го почекаат да се врати, да му врзат „два-три јаки шамари“ и да го испратат во срамната страна на историјата, каде што напорно си го одработи местото.
Секако, шансите не се пропуштени. Ова особено важи за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Вчерашните настани се црвената линија која ќе ги легитимира на која страна припаѓаат: на страната на демократската иднина или на страната на криминалната небиднина, што ја бранат за туѓи бели дворови. Последен миг е да ја направат таа разлика. Потоа ќе биде доцна.