Деновиве на социјалните мрежи прочитав една навистина поучна приказна, која отприлика оди вака:
Во едно кралство, кралот, седејќи во своите простории, слушнал како некој надвор вика: „Купете свежи јаболка“. Ѕирнал низ прозорецот и видел еден старец, качен на кола полна со јаболка, а околу него голема турканица од купувачи. Му се пријало на кралот јаболка, па на својот аѓутант и му рекол: „Еве ти пет златника. Купи ми јаболка од старецот“. Аѓутантот го викнал мајордомот и му рекол: „Еве ти четири златници, купи му јаболка на кралот“. Мајордомот го викнал главниот генерал и му рекол: „Еве ти три златници, оди да му купиш јаболка на кралот.“ Овој го викнал командирот на стражата и му дал два златника за да му купи јаболка на кралот. Командирот на стражата викнал еден стражар и му рекол: „Еве ти еден златник, купи му јаболка на кралот“. Стражарот излегол во дворот и му се развикал на стариот продавач: „Што се дереш, бре! Не ти е ова пазар, туку кралски двор. За казна ќе ти ја конфискувам колата“ и му ја зел целата кола полна со јаболка. Се враќа стражарот во дворецот и му вели на командирот на стражата: „Еве половина кола јаболка за еден златник“. Командирот на стражата оди кај главниот генерал и му вели „Еве една гајба јаболка за два златника“. Главниот генерал оди кај мајордомот и му вели: „Еве една торба јаболка за три златници“. Мајордомот оди кај аѓутантот и му вели: „Еве половина торба јаболка за четири златници“. Аѓутантот оди кај кралот и му вели: „Велики кралу, еве пет јаболка за пет златници“. Кралот ги гледа јаболката и размислува: „Пет јаболка за пет златника. Едно јаболко – еден златник. А луѓето чекаат во ред за да купат! На овој народ треба да му се зголеми данокот!“
Приказната е поучна поради пластичниот пример на функционирање на една корумпирана држава, а особено во делот на формирањето на даночната политика. И секако актуелна поради полемиките околу прописот за физичките лица што стануваат ДДВ обврзници ако направат промет поголем од милион денари.
Државата се однесува како оној јунак Суперхик од фамозниот стрип за Алан Форд, кој крадеше од сиромашните за да им подели на богатите. А тоа е дефиниција за корумпирана држава
Имено, меѓу обврзниците се третираат и оние што својот приход го остваруваат преку авторски хонорари и договори на дело. Од лично искуство можам да ви кажам дека не сите хонорари пристигнуваат во годината кога работата е завршена. Напротив.
Сепак, еве да кажеме дека еден литературен преведувач, на пример, успеал на годишно ниво да собере околу 20.000 евра. Тој автоматски станува ДДВ обврзник и од тие пари мора на државата да ѝ плати 18 проценти. Но, колку што мене ми е познато, ако еднаш станува ДДВ обврзник, тој, без оглед колкав промет ќе направи натаму, останува даночен обврзник најмалку пет години, што значи дека ако следната година заработи, на пример, две илјади евра, тој мора и на нив да плати ДДВ. Конечно, за него нема поврат на ДДВ-то, затоа што, едноставно, во својата работа нема таков тип трошоци.
Слична е работата и со оние што заработуваат врз основа на договор за дело. За нивните примања се исплаќаат сите давачки што одат и на редовната плата, а платата е ослободена од плаќање данок на додадена вредност. Тоа значи дека оние што ги примаат оние енормни плати, кои деновиве излегуваат во јавноста, се амнестирани од плаќање на овој данок, за разлика од оние што едвај успеваат да обезбедат некаква егзистенција преку несигурниот договор за дело. Конечно, од додадениот данок на вредност се ослободени и патните трошоци на пратениците, кои по оваа основа најчесто дебело го надминуваат законскиот лимит. Со други зборови, оваа мерка само го продлабочува јазот помеѓу оние што имаат и оние што немаат.
Затоа и не можам да се ослободам од чувството дека со примената на овој закон, државата се однесува како оној јунак Суперхик од фамозниот стрип за Алан Форд, кој крадеше од сиромашните за да им подели на богатите. А тоа е дефиниција за корумпирана држава. Македонија, сведоци сме, имаше државен апарат каде што значителен број функционери се подложени под сериозни обвиненија за коруптивни одлуки и злоупотреби на својата позиција. Исто така сме сведоци дека враќањето на украдените пари оди бавно или, поточно, не оди никако, а оној предизборен бројчаник на Триумфалната капија никако да проработи. Затоа, пак, многу добро одат решенијата да се одземаат пари од оние што во буквална смисла тешко ги стекнале.
Оној предизборен бројчаник на Триумфалната капија никако да проработи. Затоа, пак, многу добро одат решенијата да се одземаат пари од оние што во буквална смисла тешко ги стекнале
На крајот на краиштата, по дефиниција данокот за додадена вредност го плаќа крајниот потрошувач, односно крајниот корисник на услугата. Да му се вратиме на оној преведувач што, ете, успеал во една година да заработи 20.000 евра преку објавување на негови преведени книги. Тој ќе го плати данокот на додадена вредност, а него ќе го плати и купувачот на неговите книги. Со други зборови, излегува дека тој создал двојна додадена вредност, за разлика од оној доктор чија плата е над 200.000 евра, кој, ете, не создал никаква додадена вредност.
Ако сето ова не е доволно да се докаже дека примената на оваа мерка е глупост, ќе додадеме уште еден аргумент – таа нема да го зголеми буџетот, туку ќе ја зголеми – сивата економија! Имено, ако некој има шанси да ги заработи овие милион денари, тој едноставно ќе отвори нерезидентна сметка во Косово или во некоја од блиските држави каде што тоа е можно. Или, секако ќе бара начин да си ги задржи заробените пари.
И ако повторно не е доволно – прочитајте ја уште еднаш приказната за кралот каде што едно јаболко вредело еден златник!