Дупка во теренот за голф

Се чини дека за една таква спортска и туристичка велесила каква што е Македонија, единствената алка, да не кажам дупка, што недостасува е токму – терен за голф. И токму во селото Лисиче! Ете, веќе чувствувам како ме чешаат прстите за овој планетарно популарен спорт.

Отприлика исто како што го чешаат и градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, кој од сите дупки на голф-теренот, најмногу ја гледа дупката во својата предизборна програма. Или како што го чешаа добриот, стар Марк Твен, кој за голфот ќе каже дека му доаѓа нешто како „одење во природа со куси прекини и странични пречки“.

Но, да не бидеме неправедни. Во временската дупка меѓу стариот Марк Твен и нешто помладиот Златко Марин, Македонија бележи голема голферска традиција. Во погаѓањето дупки, се разбира.

Ако не сте знаеле, Македонија веќе десет години има своја голф федерација, а на нивната официјална веб-страница е наведено дека во неа членуваат дури шест клубови, кои редовно одржуваат државен шампионат – во Банско, Бугарија. Водејќи се, претпоставувам, од оваа неодржлива ситуација, владата на Никола Груевски, есента 2014 година ќе ја објави својата намера да гради две голф игралишта, во Зелениково и во Дојран, на површина од 65, односно 60 хектари.

Во временската дупка меѓу стариот Марк Твен и нешто помладиот Златко Марин, Македонија бележи голема голферска традиција. Во погаѓањето дупки, се разбира

Медиумите од тоа време јавуваат дека „веќе се отпочнати постапките на отуѓување и урбанизација на градежното земјиште во овие општини“. И уште додаваат дека „спроведените истражувања на географската локација и климата покажуваат дека токму Зелениково и Дојран имаат идеални услови за голф игралишта“.

 Пролетта следната година, тогашниот градоначалник на Зелениково, Веле Груевски објавува дека документацијата за изградба голф терени е целосна и завршена и дека Општината отпочнала преговори со заинтересирани инвеститори. Летото 2016 година, медиумите јавуваат за пропаднатиот конкурс за концесионер на несудените голф-терени и за подготовка на нов конкурс.

Тогаш веќе настанува вистинска епидемија од голф-игралишта. Како главен фаворит за изградба на голф-терен сега се јавува Општина Петровец, која на ова прашање, по иницијатива на Владата, работела веќе неколку години. По расчистувањето на имотно-правните односи, на локација од дури 96 хектари било предвидено да се изгради хотел, но и – филмско студио!

Петровец како можно одредиште за голф терен се споменува и по средбата на тогашниот вицепремиер Зоран Ставрески со Британската бизнис-асоцијација во Македонија (јуни 2017), кога се зборува и за можно инвестирање во десетина локации низ целата држава за оваа намена (дури се разговарало за популаризација на крикетот во земјата). Британската бизнис-асоцијација набргу се откажува од оваа идеја, со образложение дека цената на земјиштето е прескапа.

Истовремено, Општина Гази Баба размислува да го намени земјиштето на некогашната депонија „Вардариште“ токму со изградба на терени за голф. Според студијата за ревитализација на „Вардариште“, освен терените за голф, тука треба да има терен за пеинтбол и парк. Сето тоа на површина од 41 хектар. Инвестицијата за оваа намена е проценета дури на 11,2 милиони евра.

Да не ја споменуваме тука и онаа несреќна епизода со Субрата Рој, кој, меѓу другото, во Љубаништа требаше да гради и голф-игралишта.

Што е тоа што го тера македонското политичко битие кон голф игралишта? Развој на туризмот? Развој на спортот?

Што е тогаш идејата со голф-терените? Одговорот е едноставен, хектари и хектари обработливо земјиште да се претворат во градежни парцели

Ако малку посериозно се прогугла, ќе се види дека голфот од 2008 година наваму е во длабока криза. Се проценува дека за десет години, бројот на голф-играчите на глобално ниво е намален за повеќе од десет милиони. Се затвораат игралишта и клубови. Играчката популација рапидно старее. Помладите (читај: оние под 50 години) повеќе сакаат да изиграат голф на својот мобилен телефон, отколку да одат до Лисиче или до Петровец. Дури и „Најк“ и „Адидас“ се повлекоа од спонзорирањето на овој спорт, што веројатно е доволен индикатив за неговата актуелна состојба.

Падот на интересот значи и пад на приходите на и онака скапите голф-терени, кои, според статистиките, во САД стануваат рискантен, губитнички бизнис. На крајот на краиштата, ниту Тајгер Вудс, единствената препознатлива глобална ѕвезда на овој спорт, не е повеќе она што беше и сега ужива во своите пензионерски денови.

Календарскиот почеток на кризата на голфот е симптоматичен – поплавата на нови голф-терени се врзува за градежната грозница, која доведе до големиот слом на пазарот на недвижнини, што на крајот доведе и до голема економска криза. Последиците од падот на приходите од голферскиот туризам и денес ги чувствуваат такви велесили на ова поле, како што е Португалија, на пример. Треба, конечно, да се знае дека светскиот просек на вработени во професионалните игралишта за голф е 50 лица, така што ни тука не се гледа некој особен бенефит.

Што се однесува до спортот и спортскиот туризам, не дека Македонија немала спортски успеси. Имала, ама успеала ефикасно и експресно да ги уништи сопствените ресурси. Тука првенствено мислам на боречките спортови, на боксот и традиционалното борење (слободен стил).

Се сеќавам, на пример, пред Олимпијадата во Лос Анџелес, 1984 година, во Скопје на подготовки дојде американската репрезентација во борење. Знаете зошто? Затоа што Спортскиот центар во Сарај беше најпознат европски центар за подготовки во овој спорт, плус како бонус добивате совети, па и тренинзи од најдобрите светски борачи и тренери.

Низ овој Центар, во текот на целата година поминуваа сите репрезентации и клубови што имаа какви било амбиции во овој спорт. Натаму, боксерскиот турнир „Златен гонг“ имаше светско реноме, а Скопје ги угостуваше најдобрите боксери на тоа време, заедно со нивните придружби, се разбира.

Што е тогаш идејата со голф-терените? Одговорот е едноставен, хектари и хектари обработливо земјиште да се претворат во градежни парцели, а наводниот развој да се гледа низ призмата на забава за снобовските елити.