Тоа вообичаено така се случува: малите проблеми секогаш се решаваат со поголеми. Поминавме низ фрустрирачки предизборен период, низ избори полни со надеж и, еве, повеќе од два месеца немаме влада, а кога (и дали) ќе ја имаме не се знае. Во меѓувреме во оптек се големи наративи: се спомнуваат граѓански војни, разнебитувања, федерализации, кантонизации, двојазичности, платформи…
Великаните на македонската култура се прогласуваат за џуџиња што умреле на време; ЦИА, МОСАД, КГБ, УДБА, КОС, БИА, а богами и МИА, барем судејќи според јавниот говор, се поактивни во Македонија, отколку каде било во светот; чадорот никако да се затвори; Сорос, покрај одминатите години, прилично е жилав во своите подли намери, додека ДУИ сѐ уште игра „еци-пеци-пец“ со нивните пет опции кои се сѐ уште „на маса“.
Во една таква атмосфера, првиот официјален новинарски штрајк во поновата историја на земјата секако е „мал“ проблем, кој, како таков, некако глуво поминува низ нашето секојдневие. Иако штрајкуваат новинарите на дури три дневни весници, „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“, односно весниците на најголемата новинско-издавачка куќа во земјата МПМ, иако штрајкот започна на 17 февруари, Денот на македонското новинарство (додуша, се чини, дека овој датум беше избран повеќе принудно, отколку симболички), иако сопственичката структура во МПМ се промени речиси преку ноќ, иако во МПМ влезе дури и Специјалното јавно обвинителство, колегите од останатите медиуми, а преку нив и јавноста, останаа релативно незаинтеесирани за она што се случува во значаен дел од медиумската индустрија. Едноставно, една таква „ситна“ тема како што се работните и социјалните права не успеа да се избори за свој простор меѓу „граѓанската војна“ и петте опции на ДУИ!
Оние силни зборови за слободата на печатот и достоинството на новинарите, во контекстот на МПМ, ја добиваат токму истата тежина како и она катастрофално погрешно читање на Рацин. Никаква
Можеби може да се има одреден степен разбирање за некаде очигледно искажаната пизма кон МПМ како институција, затоа што општо е чувството дека во уредувачката политика на весниците не се интервенираше хируршки туку со секира; или за дефицитот на солидарност од страна на колегите кои во изминативе десетина (а и повеќе години) останаа без професионален ангажман (голем дел од нив беа најгрубо отстранети и од самиот МПМ), односно за тврдењето дека колегите одамна требало да го напуштат бродот, не затоа што тој тонеше туку напротив – затоа што пловеше на погрешен курс. Но, сепак, јавноста е премногу важна работа, а медиумите се основна алатка на демократијата која не смее да се остави на злоупотреба без борба.
Преку евентуалната вивисекција на овој случај може да се стаса до целиот инструментариум на манипулирање со јавноста, а веројатно и до некои противзаконски дејствија од типот на прекршување на Законот за работни односи, па сѐ до перење пари (сетете се само на шишето со парите). Преку МПМ можат да се видат сите системи и инструменти за отстранување на „неподобните“ новинари, сите механизми на наметнување теми и агенди, на држење на новинарите на тенок свилен егзистенцијален конец, преку кој се манипулираат како марионети…
Интересно е тука да се забележи дека политичките партии потрошија часови и часови во Пржино, договарајќи ги таканаречените медиумски реформи; дека користеа и најмал новинарски случај за прибирање политички поени, а дека сега, кога се случува првиот официјален штрајк, речиси никаде ги нема. Едноставно, новинарите на МПМ ја имаа таа (не)среќа да штрајкуваат во оваа безвластна лимбо состојба кога не се знае ни кој е власт, а камоли кој е опозиција.
Преку МПМ можат да се видат сите системи и инструменти за отстранување на „неподобните“ новинари, сите механизми на наметнување теми и агенди, на држење на новинарите на тенок свилен егзистенцијален конец, преку кој се манипулираат како марионети
Всушност, станува збор за прегрупирање на силите, кога практично не се знае кој кому, зошто и како ќе му биде потребен во освојувањето на власта. А медиумите, тоа барем кај нас одамна се покажа, се значаен лост во формирањето и задржувањето на власта. Оттука оние силни зборови за слободата на печатот и достоинството на новинарите ја добиваат токму истата тежина како и она катастрофално погрешно читање на Рацин. Никаква.
Кога сме веќе кај нападот врз Рацин, во контекстот на МПМ, не можам да се ослободам од чувството дека станува збор за наметнување една тврда неолиберална клима, која ќе ги прогласи за неуспешни и општествено непотребни сите оние што без своја вина ќе се најдат на улица. Која ќе ја оправда (зло)употребата на голиот наемен труд, затоа што таа е, нели, нужна за да можат „успешните“ да бидат „поуспешни“.
Само што новинарството, дури ни според гнилата неолиберална логика не може да се сведе под наемен труд. Како, впрочем, ни занаетчиството во песната „На Струга дуќан да имам“ (песна за систематското осиромашување на граѓанската, односно средната класа), која на авторот на памфлетот за Рацин, му послужи како повод за оној монструозен напад. Тоа е клима во која треба да се уништи сѐ што намирисува на граѓанско (а не национално), а медиумите се секако главна одлика на граѓанското општество. Жално е што авторот на памфлетот е новинар. Или барем тој мисли дека е.
А големите проблеми? За нив откога навистина ќе се позанимаваме со вистинските проблеми.