Ефектот на пеперутката

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Дали треперењето на крилјата на пеперутка во Бразил може да предизвика торнадо во Тексас? Одговорот е дека – не може! Ова прашање кое пред неколку децении на научна конференција го постави математичарот и метеоролог Едвард Лоренц, е иницирано од неговите истражувања на непредвидливото однесување на детерминираните нелинеарни динамички системи, кои се менуваат со текот на временските услови.

Но, со текот на годините, луѓето ова прашање си го трансформираа во потврден факт, а метафората позната како „ефектот на пеперутката“ остана повеќе тривијално да се користи за опис на разни непредвидливи ситуации, кога нешто мало налик на пеперутка ќе ја тестира издржливоста и стабилноста на системи создадени од човекот.

Под тоа го подведоа и случајот од крајот на мај, кога едно полжавче предизвика краток спој и застој на 30 возови со кои се превезуваат повеќе од 12.000 луѓе во една јапонска провинција. Пред три години, големиот хадронски колајдер прекина со работата откако ласица предизвикала краток спој. Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН) објави дека акцелераторот претрпел „тешко електрично нарушување“ и дека ќе бидат потребни денови за да се поправат штетите што ги направила ласицата.

Во март 2016 година, ласица предизвика краток спој и во трафостаница во Козле, по што половина Скопје остана во мрак. Се сеќавам дека во Драмски театар публиката со мобилни телефони ја осветлуваше салата, помагајќи ѝ на актерската екипа да ја заврши претставата „Живот во тесни чевли“.

Луѓето сакаат да веруваат во тривијална верзија на „ефектот на пеперутката“ и тоа го поистоветуваат и со други ситуации, како на пример, кога мал бран на јавна критика бргу се претвора во океан од критика

Цело Скопје остана во мрак и во конфликтната 2001 година. Но, поради тогашните состојби и шпекулации дека се можни саботажи од тој тип, состојбата предизвика и дополнителна паника, сѐ додека не се утврди дека се случил краток спој во системот, во кој „прсти вмешала“ – љубопитна верверичка!

Луѓето сакаат да веруваат во тривијална верзија на „ефектот на пеперутката“ и тоа го поистоветуваат и со други ситуации, како на пример, кога мал бран на јавна критика бргу се претвора во океан од критика. Такви се последните примери по  намерата на премиерот да министерува со ресорот финансии, демантираните најави дека интервенциите за промена на полот ќе паднат на товар на Фондот за здравство, за бројни иницијативи за суштински, а не реформи на хартија итн.

Иако само пројавните облици на бранување во јавноста можеби наликуваат на „победа“ според ефектот на пеперутката (од мало ветерче на критика – до тајфун), во суштина се работи за нешто друго – ефект на ларва. Тоа е кога не постои свест за крајниот производ до кој може да доведе одредена идеја. Кога не постои свест за исходот од процесот на метаморфоза, во кој една ларва се преобразува во пеперутка. Кај нас се останува зачаурено, закапсулено во орбитата и обвивката на идеите/ларвите, на кои им се пресудува да запрат уште во почетната фаза.

Имам впечаток дека постои страв од промени, од одење чекор напред и дека некогаш само поради притисок на жестока критика се прават потези на повлекување или откажување. Кога таа критика е оправдана и стручно аргументирана, без дилема треба да се прифати. Но, кога супститут за аргументите станува гласното и жолчно критизирање, треба да се размисли дали одлуката ќе зависи само од децибелите или од аргументите.

Повлекувањето одредени намери/одлуки под притисок на критика, понекогаш носи повеќе штета отколку ако се опстане на спроведување на замислата. Повлекувањето укажува на манир за кокетирање со масите, кои, пак, не мора да се квалификувани за стручен став за одредено прашање

Непостоењето разлика меѓу аргументирана критика и постојано критизерство за сѐ и сешто води кон шума од гласови, кои вистинската артикулација на проблемот/темата целосно ја изместуваат од колосек. Тоа е чекор назад, особено  кога процесот на отворена дебата почна да носи одредени предности во општеството – многу поотворено се расправа за проблемите или грешките, се бара отчетност, одговорност, акција, епилог.

И добро е што е така, затоа што на тој начин практично по 30 години за првпат вистински се поставуваат темелите на една отчетна и одговорна политичка култура.

Но, оваа забревтана и неизживеана фаза, во која секој држи лекции, носи и нус-производи, како што се исклучителното ниско и навредливо ниво на јавна комуникација, што често ги обезвреднува и аргументите во дебатата, го отсликува степенот на општествена (не)зрелост и лекциите кои допрва треба да се учат за да постигнеме ниво на културна дебата.

Евидентно е и дека во поларизацијата на партиските ставови и желбата да се обезбедат политички поени, и натаму цврсто доминира битката за партискиот, а не за јавниот интерес, иако формално сѐ се прави во име на второво.

Повлекувањето одредени намери/одлуки под притисок на критика, понекогаш носи повеќе штета отколку ако се опстане на спроведување на замислата. Повлекувањето укажува на манир за кокетирање со масите, кои, пак, не мора да се квалификувани за стручен став за одредено прашање, а кај властите рефлектира и колебливост во презентираната аргументација. Тоа „тргни – застани“ на долг рок може да создаде една практика, во која под притисок на каква било „врева“ може да паднат важни одлуки од јавен интерес. И наместо да добиеме пеперутка, да се помириме со „замрзната“ ларва/идеја, која никогаш нема да доживее метаморфоза.

Историјата е богата со многу личности со раскошни визионерски крила и способности, кои не прифатиле да останат заглавени во ларвина обвивка заради калкулации од каков било вид

Јасно е дека е потешко да се покаже непоколеблив став, а многу полесно да се весла на популизам. Државава ќе излезе од хроничното „ни на небо, ни на земја“ тогаш кога раководните елити ќе се охрабрат да му стават крај на политичкото кокетирање на сигурен („народен“) терен, бидејќи нивна обврска е визионерски да водат, а не калкулантски да каскаат зад масите. 

Историјата е богата со многу личности со раскошни визионерски крила и способности, кои не прифатиле да останат заглавени во ларвина обвивка заради калкулации од каков било вид. Тие се доказ дека разликата ја прават најхрабрите, а не најгласните.

Ние како граѓани редовно сме расположени за критика, но малку за самокритика. Ние сме гласни критичари, но мрзливи практичари, слаби иницијатори „брзи“ како полжави, и „храбри“ како ласици, кои случајно заскитале во отвор на некоја трафостаница. И притоа се надеваме дека летот на некоја пеперутка во Скопје ќе ги затресе прозорците во Брисел. Тешко со ваков менталитет.