Еnfant terrible

Како изгледа кога ќе се јавите во Брисел за да го слушнете ставот на ЕУ? Се вклучува автоматска телефонска секретарка, која прецизно објаснува: „Ако сакате да го слушнете ставот на Берлин, изберете 1. За ставот на Париз изберете 2. За ставот на Лондон изберете 3…“ И така по ред. 

На крајот доаѓа главната препорака: „Ако сакате да го слушнете заедничкиот европски став – ве молиме почекајте, ве молиме почекајте…“, повторува папагалски автоматската секретарка, додека во заднина се слушаат звуците на „Одата на радоста“. 

Ваков виц кружеше во бриселските политички кулоари пред една деценија. Тоа што на вицов сѐ уште не му е истечен рокот на траење, само покажува дека работите до денес не се смениле драматично. Се уверивме во тоа и на последниот европски самит, кога најдиректно го почувствуваме значењето на поговорката „Се фатил сиромавиот за орото, се скинал тапанот“. 

Токму кога требаше да биде донесена одлука нашата земја да почне преговори со ЕУ, линијата број 2 (Париз) за поважна ја истакна потребата од нова методологија за преговори со земјите аспиранти. Залагајќи се за посилна и реформирана Европа, Франција на Европа ѝ го приреди спротивното: шок и разочараност, а во регионов огромно обесхрабрување, тотален сомнеж во намерите на Унијата, закажани избори во Северна Македонија и еуфорија кај противниците на европските вредности и интеграцијата во Унијата.

Во превод – без оглед што дел од аргументите на Макрон се оправдани, начинот на кој тој реши да ги операционализира преку последната блокада, воопшто не водат кон решението за кое се залага. Тој неколку години зборува за таа методологија, но ништо од тоа до денес не беше предложено. Немаше забелешки ни лани, кога ЕУ ја претстави новата стратегија за земјите од Западен Балкан. Целта беше преку охрабрување на можностите за членство да се поттикнат реформите. 

Зборуваме за регион, кој благодарение на предолгото седење во чекалната на ЕУ, самиот си произведе виц, кој точно го илустрира овдешното доживување на европската „наклонетост“ кон овој дел од континентот: „Оптимистите веруваат дека Турција ќе ѝ се придружи на Унијата за време на албанското претседателство, а песимистите веруваат дека Албанија би се придружила на ЕУ за време на турското претседавање“. 

Во превод – никогаш!

Не му е забрането на Макрон да си брка рејтинг во домашната јавност, но не по цена на мирот и стабилноста на Европа. Ниту ЕУ, ниту регионот не треба да плаќаат цена за тесните интереси на францускиот претседател

И кога двете земји засегнати од француското „не“ се обидуваат да ги дешифрираат сите сигнали на Париз, се јавува Макрон со интервју во „Економист“, по кое ЕУ со месеци ќе мора да ги собира шрапнелите што произлегоа од неговите изјави. 

Мене како граѓанин воопшто не ми прави чест неговото постсамитско признание дека за разлика од Албанија, земјите-членки биле „за“ отворање преговори со Северна Македонија. Не ми прави чест, бидејќи таа ЕУ со која ние треба да преговараме тој ја спореди со континент „на работ на амбисот“, а НАТО во состојба на „мозочна смрт“. 

А зошто институциите на земјата што тој ја води ќе ни го ратификуваат протоколот за членство во НАТО, токму во време кога според него Алијансата е во клиничка смрт. Зошто такво лицемерие? 

Ова не е јазик што треба да го користи еден претседател, особено не некој што се обидува да се наметне, божем како реформатор и лидер на земја која е еден од главните мотори на Унијата. Неговите вербални авантури ниту водат кон реформи, ниту кон зацврстување на довербата меѓу европските партнери, ниту со партнерите преку океанот. Напротив, длабоко ги поткопуваат и им подаруваат аргументи на сите, од кои Макрон наводно сака ЕУ да биде заштитена. 

Па, видовме кој прв аплаудираше на неговата изјава дека НАТО е во мозочна смрт. Ги слушнавме реакциите од европски лидери и од други политичари, со оценки дека неговите изјави се драстични, дека не се одраз на реалноста и дека само ја засилуваат крајната десница. 

Во моментов, ЕУ е соочена со суетата на возрасен лидер, кој се однесува како еnfant terrible, дете на кое не му е јасно кои теми се за разговор дома, а кои пред гости

Не му е забрането на Макрон да си брка рејтинг во домашната јавност, но не по цена на мирот и стабилноста на Европа. Ниту ЕУ, ниту регионот не треба да плаќаат цена за тесните интереси на францускиот претседател. Ако со блокадата на македонските и албанските преговори со ЕУ тој се сведе на истомисленик со екстремната Марин Ле Пен, со изјавата за НАТО падна дури и под речникот на екстремната десница во Франција. 

Па, дури и претскажувачката на Груевски во приватната тет-а-тет сеанса не употребила толку остри зборови за НАТО. Надарена со моќи по наводно со преживеани три нивоа на клиничка смрт (каква коинциденција со „здравствената состојба“ на Алијансата), таа беше многу потактична во соопштувањето на предвидувањата: „НАТО вештачки ќе го држат, а Европа ќе се распадне“, „Дај Боже да не нѐ примат во ЕУ, што бараме со нив“…

Шегата настрана, но во моментов ЕУ е соочена со суетата на возрасен лидер, кој се однесува како еnfant terrible, дете на кое не му е јасно кои теми се за разговор дома, а кои пред гости. Да е лицемерието уште поголемо, тој како да „заборава“ дека ова не е првпат да се драматизира на француски јазик со судбината на ЕУ и НАТО, исклучиво за внатрешни интереси и потреби.

Ајде да се потсетиме кој во 2010 година на Грција ѝ продаде оружје за повеќе од една (1) милијарда евра, и тоа во време кога земјата преговараше за да го добие првиот спасувачки пакет вреден 110 милијарди евра!!!

Беше тоа, пред сѐ, француски чин. Франција учествуваше со најголема вредност во таа сума на продадено оружје на Грција – 794 милиони евра. Па, се прашувам, кој е сега на ред да му продадат нешто, не за профит, туку за да јакне европската безбедност, а патем и НАТО да се „спаси“ од клиничка смрт! 

„Бизарно“, би рекол францускиот претседател. Навистина бизарно.