Етнички пир околу Алмир

Верувам, не постои човек што не жали за малиот Алмир. Во сликата на малото насмеано детенце, штотуку зачекорено во животот, ги гледаме сите наши деца, такви какви што се: мали, невини, морално неизвалкани, неконтамирани од дневно-политички, етнички и други домашни вируси што ќе ги демнат зад секој агол тогаш кога нема да бидат толку мали.

За жал, некои постапки драматично ја злоупотребија трагедијата на Алмир, и ја мултиплицираа комплексноста на овој случај, во насока која нема никаква врска со заложбите да се задоволи правдата, туку таа да се стави во други погони. Целиот предмет е изместен од правното тежиштето и префрлен на многу опасен терен, со доминантно етнички пристап во анализата на судската одлука и обвинителската квалификацијата за делото.

Тоа се случува и во судницата и надвор од неа. Асмир Алиспахиќ, адвокатот на семејството Алиу, крајно неодговорно фрли пред јавноста една многу опасна изјава: „Имаме сериозен проблем во правораздавањето кога станува збор за лица од албанска етничка припадност“.

Тоа е играње со оган, на терен кој нема голема имунолошка отпорност за ваков вид хушкачки игри. Имаше бројни протести почнати со благородна цел, но во крајниот ефект како доминантна се покажа желбата правдата да биде одредена како што ќе каже улицата. Таму веќе беше пресудено кој по вторпат го убил Алмир, кој по третпат. 

Правото не се раководи од тоа кој ќе биде најгласен на улицата или во судницата, кој ќе организира повеќе протести, кој ќе донесе повеќе кадифени мечиња, или ќе  кој ќе нацрта поголема дупка од куршум на челото на јавниот обвинител. Последново, особено загрижува, бидејќи укажува на филозофијата и начинот на кои борците за правда би делеле „поеднаква“ правда.    

Правото не се раководи од тоа кој ќе биде најгласен на улицата или во судницата, кој ќе организира повеќе протести, кој ќе донесе повеќе кадифени мечиња, или ќе  кој ќе нацрта поголема дупка од куршум на челото на јавниот обвинител

Чекор по чекор, се создаваат опасни услови генерацијата на Алмир да расте со стереотипот дека етничкиот аргумент мора да надвладее на правниот, бидејќи во спротивно ќе станува збор за уште еден „монтиран процес“, како што вели Алиспахиќ. Македонија, за жал, навистина има искуство со процеси кои оправдано го добија тој епитет, но тоа не значи дека без основа за такви може да се прогласуваат и сите други.

За жал, со овој случај процесот на реформи во правосудството во старт е компромитиран од обиди за етно-политички интервенции, во кои, не Судот туку публиката ќе ја одредува правдата, според тоа дали на обвинителна клупа седи Илиќ, Илија или Илир.

Наместо овој случај да послужи за силна општествена поука како може да заврши една глупава и непотребна караница за ред во амбуланта, тој се надградува со елементи кои етнички, а не правно, ја оптоваруваат неговата судска разврска. Уште повеќе ја оптовари доскорешниот министер за правда Билен Салији, кој го злоупотреби овој случај за да си поднесе оставка, односно да ја избегне претстојната реконструкција со тоа што ќе си направи политички капитал.

Со тоа, од позиција на претставник на извршната власт тој лично изврши најдиректен притисок врз независноста на обвинителско-судската власт. А се пофали дека зад себе остава изработена Стратегија за реформи во правосудството. Ако таа се темели на ваква „одвоеност“ меѓу двете власти, подобро нека си ја однесе дома како ролна тоалетна хартија, што би рекол Илија Димовски.

Правдата е комплексна работа, а во случајов тривијално е сведена на две слики:  четиригодишно дете кое милно ни се смешка од протесните пароли, од друга – средниот прст на братот на Илиќ. „Доволно“ за јавна пресуда дека имало умисла. На чаршијата и е дозволено да гради ставови на впечатоци, на фелата не. Таа не смее да се претвори во чаршија и впечатокот го става над доказите. Оти врз база на впечаток, една толпа може да обеси некого на плоштад без да знае зошто – ниту како се случил инцидентот, ниту кој го почнал, ниту како течел и во какви околности така завршил.

Наместо овој случај да послужи за силна општествена поука како може да заврши една глупава и непотребна караница за ред во амбуланта, тој се надградува со елементи кои етнички, а не правно, ја оптоваруваат неговата судска разврска

Утврдувањето на фактите  бара одговорни луѓе, а кај нас таквите се ендемска форма.  Повеќе ги имаа оние кои по дефиниција врескаат во хор „во одбрана“ на Алмир, а всушност го користат кутрото дете како платформа за политичка промоција на неаргументирани и опасни изјави. „Беса“ веќе пресуди дека случајот Алиу е метафора за неправдата во Македонија. Велат „одлуката за казнување на убиецот на Алмир како случаен убиец, а не како убиец со умисла, е уште еден доказ дека кога станува збор за правдата што треба да им следи на Албанците, всушност нема никаква промена“.

Врз основа на кои докази „Беса“ пресудила дека имало умисла? Второ, каква е таа правда што треба да им следи на Албанците? Има ли некаков договорен контингент во проценти, на кило? Дали кога Македонец, Албанец, Влав или Ром ќе одат на суд за конкретно индивидуално дело, треба да сметаме дека со него автоматски е инволвиран целиот етнички колективитет и дека пресудите ќе се одвиваат по линија на етничка диференцијација, а не врз основа на правна аргументација? Тоа е таа погубна етнификација која и Беса и ДУИ ја подметнуваат во судството, и уште на тоа ја тестираат неговата независност. 

Погубните искривувања на состојбите низ етничко-стереотипни конструкти и наметнување на партиски прирачници за спроведување на правото, нема да ги зајакнат правосудните институции, туку ќе ги урнисаат, водејќи го општеството кон натамошна атомизација и по други основи, се до аномија

Претпоставувам дека знаат какви се системите во кои партии интервенираат издавајќи обврзувачки упатства како треба да се применува правото. Па, кога од ДУИ  ќе им објаснуваат на амбасадорите од ЕУ колку сакаат правна држава, нека им објаснат дека под тоа подразбираат тип на правен поредок во кој судските одлуки треба да се потчинети на дискурсот на етничкиот колективитет и спроведени преку политичка директива лажно приврзана за независно судство. Ако се стремат кон таков систем, тогаш не може да се стремат и кон ЕУ и НАТО, бидејќи таму не познаваат вакви „стандарди“. 

Судовите во ЕУ не одлучуваат според етнички припадности, туку според докази и аргументи. Затоа е опасно кога „Беса“ ја фрла во етер забелешката „како крвта на еден Албанец вреди помалку од таа на еден Македонец!“ Кој го рекол тоа? Со вакви политикантски рецензии на судските постапки, не само што не се можни реформи, туку ни елементарно разбирање на вредностите врз кои треба да се гради македонското општество.

Погубните искривувања на состојбите низ етничко-стереотипни конструкти и наметнување на партиски прирачници за спроведување на правото, нема да ги зајакнат правосудните институции, туку ќе ги урнисаат, водејќи го општеството кон натамошна атомизација и по други основи, се до аномија.

 Со оглед дека партиите во оваа смисла се недораснати и незрели за растечките очекувања на граѓаните, потег мора да повлече стручната фела и решително да повлече црта. Дали во Советот на јавни обвинители се сеќаваат на случај кога обвинители се оградувале и коментирале правна квалификација што ја дал нивни колега? Најмалку што може да се каже дека тоа е подривање на институцијата.

За жал, и во овој случај етничкиот пристап е испочитуван – потпишани се само обвинители Албанци. И Адвокатската комора не смее да молчи пред изјавите што ги даваат лица од одбраната на семејството Алиу, кои поттикнуваат верска и етничка нетрпеливост. Тие се службени лица во постапката и се обврзани да ги почитуваат етичките стандарди на адвокатурата, а не да ги кршат, ниту со постојано прозивање на имињата на судијата и обвинителот да мотивираат хајка против нив.

Политиката може да сака да застапува и да задоволи повеќе спротивни интереси, но правдата мора да има внатрешна кохерентност. Создадената општа хистерија во врска со овој случај, не помага за одвојување на каколот од житото. Па, кога човек апелира – оставете ги судиите да си ја вршат работата, ризикува веднаш да биде прогласен дека е против Албанците. Таква диференцијација е неприфатлива.

Утре, не дај Боже, некој сличен случај ќе се соочи со преседаните на кои сега се инсистира, а протагонистите ќе бидат од иста етничка заедница. Па ќе се уверат во суровоста на поговорката: Внимавај што посакуваш. може да ти се оствари.