Истражувањa

Телефони со докази за 27 април намерно кршени или „изгубени“

Tелефонот што на 27-ми април го користел членот од обезбедувањето на Груевски бил механички драматично оштетен, со видливи траги на интервенции

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Обвинителството треба да побара исказ од поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со оглед дека тој го знае идентитетот на лицето од неговото обезбедување кое го користело телефонскиот број, а кое во диспозитивот на обвинението за настаните од 27 април е наведено како непознато лице, велат правни експерти за БИРН.

Во обвинението беше посочен телефонски број, сопственост на Службата за општи и заеднички работи на Владата, од кој НН лице од обезбедувањето на Груевски (кој тогаш како претседател на ВМРО-ДПМНЕ бил во Виена), на 27 април 2017 година во 14:30 часот контактирал со обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, сега во бегство, а кој потоа заедно со обвинетиот Никола Митревски Кољо телефонски контактирале дел од другите обвинети кои го мобилизирале членството од Скопје и други градови за насилен упад во Собранието.

Телефонот што на 27-ми април го користел членот од обезбедувањето на Груевски  бил механички  драматично оштетен, со видливи траги на интервенции, најверојатно од удири со метални предмети, со цел да биде уништен и бескорисен за евентуална проверка

По медиумските наводи дека споменатиот телефон го користел Бојан Василевски, брат на обвинетиот Александар Василевски – Нинџа, Груевски одговарајќи на новинарски прашања изјави: „Јас разговарав со членот на моето обезбедување откако ги прочитав овие наводи. Тој ми рече дека како и секој кога ќе замине на пат во странство, имал краток телефонски разговор со неговата сопруга, семејни разговори, и со неговиот брат, исто така, семејни разговори. И тоа е сѐ. Ништо повеќе од тоа“, рече Груевски, додавајќи: „Да имаше ‘д’ од доказ против мене, јас одамна немаше да бидам тука“.

Од Обвинителството потврдуваат дека продолжува истрагата за настаните од 27 април и дека секое ново сознание ќе биде земено предвид, но во овој момент нема да соопштуваат кои лица дополнително ќе бидат повикани да дадат исказ. Но, извори упатени во истрагата тврдат дека по споменатата изјава, Груевски сигурно ќе биде повикан во Обвинителството.

Телефонот механички оштетен

Увереноста на Груевски дека во овој контекст нема ни „д“ од докази против него, можеби се темели на информацијата до која деновиве дојде БИРН, а за Груевски најверојатно е позната подолг период: дека телефонот што на 27 април го користел НН членот од неговото обезбедување, во Службата за општи и заеднички работи на Владата бил вратен со крупни механички оштетувања. Односно, во таква состојба бил предаден по барање на Обвинителство, кое потоа го дало на вештачење.

„Тој телефонски апарат механички е драматично оштетен, со видливи траги на интервенции, најверојатно од удари со метални предмети, со цел да биде уништен и бескорисен за евентуална проверка“, велат нашите извори.

Постојат непобитни докази кое лице од кабинетот на претседавачот Вељаноски ги отворило вратите за насилниците да влезат и во други простори на парламентот, но и докази кое лице ги дало клучевите за најпрво да бидат отклучени главните собраниски врати, а потоа симната и втората пречка – заштитните греди

Станува збор за еден од телефонските апарати, сопственост на владината СОЗР, кои се даваат на употреба на членови на владини делегации при нивно патување во странство. Нема одговор кој одобрил таков телефон да го користи член на обезбедувањето на Груевски, кој во тој период не беше премиер, а во Виена замина приватно, од позиција на партиски лидер. 

Но, и без овој апарат, според извори од одбраната, и упатени во истрагата, има докази дека во деновите пред критичните настани, Груевски раменувал СМС пораки со пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски. Сепак, листинзите од неговата комуникација отвораат и друго прашање: колку телефони користел лидерот на ВМРО-ДПМНЕ?

Од два телефонски броја што фигурирале како негови, најфреквентни комуникации имал на 26 април, ден пред „крвавиот четврток“ и ден кога медиумите веќе информираат за неговите први средби во Виена. Тој ден Груевски имал разговори со претседателот Ѓорге Иванов, со техничкиот премиер Емил Димитриев, со Богдан Илиевски-Бетмен од иницијативата „За заедничка Македонија“ и со повеќе партиски соработници.

На 27 април, пак, биле регистрирани само две комуникации: вечерта околу 21 и 40 минути разговарал со Иванов, а околу 21 и 50 со Митко Чавков. Индикативно е што разговорот со Чавков траел нешто повеќе од една минута, а практично е реализиран откако ситуацијата во парламентот веќе е ставена под контрола на полицијата и привршува постапката за евакуација на пратениците. Колку за илустрација, медиумите околу 21 часот ја објавија веста дека Заев е евакуиран од парламентот.

Од кој телефон разговарал Груевски?

Од кои телефонски броеви комуницирал Груевски со странските државници и партиски соработници ќе треба да открие истрагата

Лани во интервју на „Топ тема“ на 28 април, само еден ден по „крвавиот четврток“, Груевски не можеше да се сети во колку часот разговарал со Чавков, но објасни дека самиот го побарал за да го праша што се случува.    

„Од обезбедувањето ми го прекинаа состанокот, и тоа го направија паметно, со право, за да ме информираат дека во нашата земја се случи тоа што се случи. Во тој момент првото што го направив, бидејќи ми кажаа дека има некаков пренос, сакав да видам што е тоа. Прво погледнав на интернет, да видам за што станува збор, зошто ме извадија од состанок?! Откако добро го видов тоа, почнав да вртам телефони кај сите мои соработници. Меѓу другите, го побарав и Чавков, да го прашам што се случува. Ми објасни што се случува, и она што го кажав беше дека полицијата треба професионално да си постапи и да ги одбрани животите на сите таму, доколку се загрозени“, изјави Груевски.

Во истото интервју рече дека на 27 април се слушнал со повеќе лица.

Според податоци до кои дојде БИРН, на 27-ми април, освен со Иванов и Чавков во доцните вечерни часови, на двата броја на Груевски не се регистрирани други разговори, ниту со странски претставници, ниту со посочените партиски соработници, како што тој тврдеше подоцна во интервју за Топ тема

„Јас синоќа (27.4.- н.з) со десетина претставници на меѓународната заедница се слушнав телефонски (…) Се слушнав и со Никола Тодоров. Се слушнав со Илија Димовски. Се слушнав со уште четири-пет пратеници. Нормално е да се слушнам. Што да правам? Да седам и да гледам во таван?“, реторички праша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, неговата изјава не се совпаѓа со податоците за појдовни и дојдовни повици од неговите два телефона. Според податоци до кои дојде БИРН, на 27 април, освен споменатите комуникации со Иванов и Чавков во доцните вечерни часови, на неговите два броја не се регистрирани други разговори, ниту со странски претставници, ниту со посочените партиски соработници. На 28 април на тие два броја не е регистрирана ниту една телефонска комуникација на Груевски. Првиот и единствен разговор го реализирал дури на 29 април, со братучедот и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков.

Од кои телефонски броеви комуницирал Груевски со странските државници и партиски соработници ќе треба да открие истрагата, а вештачењето – какви тајни крие оштетениот телефон на СОЗР.      

Чавков го изгубил мобилниот?

Покрај индициите дека е намерно оштетен телефонот во сопственост на СОЗР, контроверзна е и „судбината“ на уште еден телефонски апарат: вториот телефон на тогашниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. По приведувањето, на 30-ина осомничени им биле одземени сите мобилни телефони со кои располагале, но од Чавков бил одземен еден телефонски апарат. За другиот, за кој е утврдено дека исто така активно го користел, Чавков изјавил дека го изгубил на пат од една до друга болница, кога лани во јули претрпел срцев удар.

Протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, кои поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ ги објаснуваше како резултат на спонтан револт на народот, според доказите до кои дојде БИРН воопшто не се автентичен чин инициран од неколку луѓе. Иницијативата дошла најдиректно од ВМРО-ДПМНЕ

Од друга страна, во тетра-системот на МВР, кој случајно или не подолг период не бил функционален за вербална комуникација туку само за испраќање пораки, во критичниот ден како настани со можен ризик биле посочени само еден кошаркарски и еден фудбалски натпревар. Кога почнале првите собирања на граѓаните пред парламентот и понервозни реакции, преку тетра-системот била испратена порака дека пред Собранието е тензично и дека е можно влегување на толпата во парламентот.

Оваа порака можеле да ја видат сите структури во МВР, но никој не изреагирал, особено не надлежниот шеф на Оперативниот штаб, Митко Чавков. Но, и двата телефона кои ги користел во критичниот ден, особено во периодот кога бил недостапен за министерот за внатрешни работи, според записите во базните станици, зрачеле на подрачјето на општина Центар, во реонот на Белата палата.  

„За заедничка Македонија“ родена во Белата палата

Иницијативата за настаните во Собранието, дошла најдиректно од ВМРО-ДПМНЕ, откриваат доказите на БИРН

Доказите до кои дојде БИРН, откриваат дека тој партиски штаб имал улога во настаните што претходат, а кулминираат на 27 април. Имено, протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, кои поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ ги објаснуваше како резултат на спонтан револт на народот, спонтани народни протести итн., според овие докази, воопшто не се автентичен чин инициран од неколку луѓе. Иницијативата дошла најдиректно од ВМРО-ДПМНЕ.

Од оваа партија биле повикани лица кои биле прашани дали сакаат да учествуваат во создавање и натамошно раководење со таа инцијатива, која во јавноста треба да биде прикажана како спонтана и народна. Слична била и матрицата на претходното формирање на т.н. патриотски здруженија, сите со идентичен статут, потоа обединети во Сојуз и координирани од еден центар.

Од тие здруженија потекнуваат и најголемиот број обвинети, а вештачењата на нивните комуникации ги откриваат и мрежата и намерата. Покрај комуникацијата на еден од обвинетите пратеници, кој друго обвинето лице го прашува „Кај сте, зошто не влегувате?“ (во парламентот – н.з.), детектирани се и бројни комуникации кои откриваат кој со кого сакал да се пресмета, пораки од типот „Оставете ми ја Шеќеринска мене“ или „јас ќе го средам Заев“…

Постојат индиции дека дел од нив во парламентот во ранци внеле одредено количество оружје, но има конкретни докази за пиштолот со кој располагал еден од обвинетите, кој во еден момент дури и му паднал, а бил виден од повеќе сведоци присутни таа вечер во парламентот. Тоа лице, според анализа на објавените снимки, има помагачи кои му го расчистуваат патот низ толпата до просторијата каде што планирал да го употреби оружјето. Постојат непобитни докази кое лице од кабинетот на претседавачот Вељаноски ги отворило вратите за насилниците да влезат и во други простории на парламентот, но и докази кое лице ги дало клучевите за најпрво да бидат отклучени главните собраниски врати, а потоа симната и втората пречка – заштитните греди. Изминативе денови свој исказ за настаните во Обвинителството дал и тогашниот претседавач во парламентот, Трајко Вељаноски. Во зависност од резултатите од одредени вештачења кои сѐ уште не се завршени, можно е истрагата да биде проширена.