Како и повеќето луѓе во регионот, и мене длабоко ме потресе веста за трагедијата во Нови Сад што однесе 14 жртви. И ме наполни со пизма и бес!
Секако дека секоја смрт е траорна и трагична на свој начин. И секако дека човекот со искуството и зрелоста знае дека е минлив и дека смртта е само завршниот дел од животниот циклус. Но… Не можам ни да замислам како изгледа тоа. Одиш на железничка станица да отпатуваш некаде или да пречекаш некого и одеднаш ќе те – снема. И тоа во страшна смрт. Потиснат од стотици тони напрегнат бетон. Последното што ќе го видиш е бетонскиот прав. Нема повеќе да ги видиш најблиските. Нема повеќе да си ги гушнеш децата. Нема повеќе да излезеш на пиво со пријателите. Само бетонски мрак.
Целата реконструкција не била ништо друго, туку само некаква козметика, шминкање и крпење од некаквиси предизборни и лукративни (читај: коруптивни) причини
Читателот ќе ми прости за патетизирањето на оваа трагедија, но тука не станува збор за природен циклус. Не е ни природна непогода, земјотрес или поплава… Не е ни сообраќајна несреќа кога се случуваат несакани умирања. Не е дури ни смрт од небрежност. Прегрубо ќе прозвучи, ама како што сега стојат работите, јас оваа трагедија можам да ја оквалификувам само како злосторство, како масовно убиство со намера.
Не можам поинаку да објаснам дека вакво нешто може да се случи на неодамна реконструирана зграда. Што реконструирале? Првичните наоди на стручњаците велат дека токму реконструкцијата е можна причина за падот на 30-метарската бетонска настрешница. Дополнително ја оптовариле, без да ја проверат статиката.
Тоа, со други зборови значи, дека целата реконструкција не била ништо друго, туку само некаква козметика, шминкање и крпење од некаквиси предизборни и лукративни (читај: коруптивни) причини.
Живот на среќа
Зборувам за Нови Сад и Србија, а мислам на Скопје. Само ден или два пред новосадската трагедија, во центарот на Скопје, на улицата Македонија се урна дел од оние релативно новопоставени барокни фасади. Своевремено некој рече дека луѓето во Скопје живеат на среќа. Никогаш не знаат што ќе им се урне на глава или кога ќе им се урне некој ѕид во новоизградените (и прескапи) згради.
И навистина, жива среќа е што парчето гипсиран стиропор се урна во раните претпладневни часови, кога кафулињата на улицата сѐ уште не беа отворени или беа празни и кога пешачкиот сообраќај е прилично разреден.
Своевремено некој рече дека луѓето во Скопје живеат на среќа. Никогаш не знаат што ќе им се урне на глава или кога ќе им се урне некој ѕид во новоизградените (и прескапи) згради
Но, она што мене ме интересира е што ќе се случеше, ако, не дај боже, не баш малото парче фасада погодеше некого? Кој ќе одговараше? Од Градот Скопје велат дека станува збор за приватни станови, односно за приватна зграда, така што тие се одговорни за одржување на фасадата. Што значи тоа? Дека онолкаво парче фасада е некаква саксија, лошо поставена од некој неодговорен домаќин? Дека куќниот совет ќе одеше во затвор? Дека европската престолнина на културата не ја интересира како ѝ изгледа центарот на градот? Дека градските татковци (и мајки) не ги интересира што делови од фасади наскоро ќе паѓаат како метеорски дожд, гаѓајќи минувачи по случаен избор?
Ваквото небулозно префрлање на одговорноста би можело дури да биде и забавно, ако не е енормно опасно.
Имам неколку полуреторички прашања за господата (и госпоѓите) од Градот Скопје, за кои знам дека никогаш нема да добијам одговор. На пример, кој беше инвеститорот на фасадите? Приватните сопственици на становите? Тие ли го избираа изведувачот на работите? Тие ли го правеа надзорот на квалитетот на извршената работа? Тие ли избираа кои материјали ќе бидат искористени? Или тоа беше Град Скопје?
Што треба да се случи, па некој да понесе некаква одговорност? Зошто, наместо да се обвинува „портирот Мишко“, не се искористи несреќнава можност да се испита целата документација на фасадирањето на центарот на Скопје, да се видат сите матни зделки и конечно да се лоцираат одговорните лица за не неквалитетната, туку скрпената работа со скопските фасади, кои не можат да издржат ниту неколку години?
Или и тие беа правени од некакви предизборни и лукративни (читај: коруптивни) причини? Балашевиќ своевремено пееше: „… фасадата држи, темелите се лизгаат“. Кај нас, ете, не држи фасадата, па можам да замислам какви се тек темелите.
Сепак, и покрај сите несреќи, на некој перверзен начин, Скопје е среќен град. Тука не може да се случи идентична трагедија како во Нови Сад. Железничката станица, за среќа, не е градена во ерата на плурализмот, туку во екот на „едноумието“ и според највисоките стандарди. И повторно за среќа, никому не му паѓа на памет да ја реконструира, така што шансите нешто да се упропасти се сведени на минимум.
Одговорноста не живее тука
Натаму, среќа е и што Скопје е во котлина и тука не дуваат силни ветрови. Можам само да замислам како ќе изгледаше градот при една осредна бура. Веројатно, некој кризен штаб преку медиумите ќе даваше соопштенија од типот: „За утре се очекуваат големи наноси на фасадни парчиња. На граѓаните им се препорачува без неодложна потреба да не излегуваат од дома“: А, на оние што ќе мора да излезат, им се препорачува да бидат тивки и да се движат како да се на првата линија на солунскиот фронт.
Одговорноста одамна не живее тука. Затоа кога се движите низ градот, секогаш бидете со поглед кон небото и со надеж дека среќата ќе ве следи и овојпат
Затоа што во Скопје ветрот нема да дува за да ги расипе фризурите, туку, што би се рекло, да ги открие трагите на целиот гнилеж на урбаната мафија и барокните фасади.
Добро е, велам, дека никој не е повреден при падот на фасадата. Но, искуството нѐ учи дека дури и да имаше некој таков инцидент, повторно никој немаше да биде одговорен или уште помалку виновен. Се сеќаваме белки на онаа поплава во Стајковци и на обиколницата, кога живи се удавија повеќе од 20 луѓе. Историски гледано, таа поплава беше светски куриозитет. Немаше ниту една река излиено. Ниту една водна површина не се прели. Луѓето настрадаа од дожд!
И што беше одговорот на одговорните: „Ваков дожд паѓа еднаш во илјада години“! И никому ништо! Не беше пронајден проблем во тоа што обиколницата нема атмосферска канализација и што во тој момент практично профункционирала како брана, создавајќи цело езеро од дождовницата. Нема проблем во тоа што Скопска Црна Гора е оголена од дрвокрадците. Не е важно што во Скопје речиси и нема зелена површина што ќе ја впие дождовницата. Ништо не е проблем. Виша сила, велат.
Одговорноста одамна не живее тука. Затоа кога се движите низ градот, секогаш бидете со поглед кон небото и со надеж дека среќата ќе ве следи и овојпат.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија