Филателистички фашизам

Пред точно сто години, во 1920 година, на Годишното собрание на Американската нумизматичка асоцијација, извесен Семјуел Браун предизвикува вистинска сензација, презентирајќи ја својата колекција од пет кованици од по пет центи, датирани од 1913 година. Работата е во тоа што овие кованици со ликот на статуата на слободата на аверсот прекинале да се произведуваат година претходно, односно во 1912. Сите тогашни врвни експерти во откривање фалсификати ги провериле кованиците и констатирале дека се – вистински.

Браун ја продал целата колекција во 1924 година и, како што се наведува во литературата, со тие пари успеал да ја преживее големата светска криза. Како и да е, парите оделе од рака на рака, а нивната цена сѐ повеќе растела. Денес, два од овие примероци се наоѓаат во музеи, а три се во приватни раце. Еден од овие примероци, во 1972 година е прва паричка продадена по цена над сто илјади долари. Во 1996 година, таа е продадена по цена од над милион долари. Во 2003, еден примерок е продаден за 3,1 милиони долари, а во 2010 таканаречениот олсенов примерок е продаден за 3,7 милиони долари.

Семјуел Браун умира во 1944 година и со себе ја носи тајната на потеклото на овие единствени кованици. Дури во 1965 се открива дека Браун работел во државната ковачница за пари во Филаделфија до 1913 година и дека на крајот на 1912 или на почетокот на 1913 наложил да се направат овие пет примероци како пробни за серијата таа година, веројатно знаејќи дека од февруари 1913, овие парички ќе бидат заменети со монети со глава од бафало. Набргу дава отказ и ги прибира примероците со себе. Во меѓувреме создава цела приказна околу кованиците, објавувајќи огласи во нумизматичките гласила дека откупува кованици од пет центи со главата на статуата на слободата, произведени во 1913 година и на некој начин го крева интересот за овој феномен.

На оваа приказна се сетив веднаш кога разбрав дека Поштите на Република Северна Македонија отпечатиле „пригодна“ поштенска марка по повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, на која во „братска прегратка“ се наоѓаат мапите на Независна Држава Хрватска и на Република Северна Македонија. Имено, веднаш се знаеше дека целиот тираж (6.000 примероци) ќе биде уништен, ќе следат извинувања и ќе се работи на дипломатско минимизирање на штетата.

Секој што имал работа со печатница, знае дека се печатат пробни примероци и дека постои нешто што се нарекува маклатура, односно отпечатените примероци додека не се постигне соодветниот однос на боите. Еве, јас верувам дека некаква комисија изброила или ќе изброи 6.000 примероци од марките и комисиски ќе ги уништи (иако и од овој тираж лесно можат да се спасат четири-пет марки), но којзнае колкава е маклатурата, односно колку марки се отпечатени и прогласени за неквалитетни и којзнае колку марки се отпечатени како пробни примероци. Доволно е, велам, да се тргнат настрана четири-пет парчиња, кои евентуално ќе ги видиме по некоја деценија на некоја меѓународна аукција како достигнуваат вртоглави цени.

Како и да е, оваа марка претставува врвен цинизам на македонската политичка и воопшто општествена сцена, и онака преполна со овој тип „достигнувања“. Прво, интересно ми е како тоа во „прегратка“ се најдоа мапата на „голема“ (и никогаш неостварена) Хрватска и мапата на „малата“, односно сегашна Македонија, особено ако се знае дека кај нас, во последните десетина и повеќе години, се продуцирани многу повеќе мапи на „голема“ Македонија, отколку на оваа, во чии граници живееме сега.

И најголемиот политички блам во тридецениската историја на суверена Македонија, објавувањето фашистичка марка на Денот на победата над фашизмот ќе помине токму така како што ќе помине – со разрешување извесен раководител на Бирото за филателија, кој, не се сомневаме во тоа, ќе биде згрижен на некоја исто толку лукративна позиција од каде што ќе може непречено и натаму да си ги тера сопствените политички амбиции

Второ, не можам да поверувам дека станува збор за грешка од незнаење. Можам (иако тешко) да прифатам дека некој оперативец од Пошти на Република Северна Македонија никогаш не слушнал за Втората светска војна, за Независна Држава Хрватска и за нејзините злосторства, па дури ни за усташкото движење, ама како тогаш се нашла картата на НДХ во неговите раце?

Ако пребарувате на Гугл, многу полесно ќе пронајдете мапа на рудници на минерали во Хрватска отколку картата на НДХ. Освен, се разбира, ако не ја барате со намера токму мапата на оваа фашистичка творба. Ако ја барате со намера, тогаш намерата е кристално јасна – да ја избламирате сопствената држава токму во времето кога целиот свет ја слави победата над фашизмот.

Во духот на македонската традиција, би можел лесно да помислам дека намерно е одбрана токму НДХ, а не на пример Недиќевска Србија или Вишиевска Франција. Имено, македонско-хрватското пријателство датира токму од оној унгарски логор Јанка Пусте, каде што инструкторите на ВМРО и оперативците на Усташкото движење здружно и братски увежбуваат терористички напади.

Резултатот е познат, главниот инструктор на ВМРО ќе го изврши Марсејскиот атентат врз југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ и францускиот министер Луј Барту. Двете страни од триаголникот, Македонија и Унгарија, поврзани преку самоповиканите наследници на ВМРО, овојпат со додавката ДПМНЕ, се веќе актуелни, недостасуваше само усташка Хрватска.

Мислам дека веќе е редно (а и досега беше), целото општество да се замисли над улогата и целите на Поштите на Северна Македонија. Белки не ни избледеа од сеќавањето сите оние тешки кражби на комбињата што разнесуваа пензии, во кои имаше и жртви, а кои се случуваа речиси редовно пред некој изборен циклус. Или оној катастрофален пожар што ја опустоши главната поштенска зграда, предизвикувајќи енормна материјална и бесценета културна штета (славниот мурал на Борко Лазески).

Не се сеќавам дека имаше некоја посериозна одговорност или санкција за кој било од овие случаи, иако причините за пожарот, на пример, се познати – недоизгасната цигара во канцеларија во која е забрането пушење!?

Впрочем, треба конечно и дефинитивно да се замислиме врз кадровската политика на сите нивоа што се финансираат од буџетски пари. Овој случај најдобро покажува дека кадрите што се задолжени да го штитат државниот интерес, всушност, се избираат од редовите на ситни партиски и политички калкуланти, чии калкулации најчесто им се побитни од угледот на државата на која ѝ служат.

Нешто сѐ си мислам дека и најголемиот политички блам во тридецениската историја на суверена Македонија, објавувањето фашистичка марка на Денот на победата над фашизмот ќе помине токму така како што ќе помине – со разрешување извесен раководител на Бирото за филателија, кој, не се сомневаме во тоа, ќе биде згрижен на некоја исто толку лукративна позиција од каде што ќе може непречено и натаму да си ги тера сопствените политички амбиции.

Техничкиот премиер ќе скокне до Пробиштип или каде веќе ќе го повикаат да отвори некаква административна зграда и оттаму ќе повика „целосно да се расчисти случајот“. И толку. Имаме ние и поважни приоритети – па, избори се ближат и нема белки сега да ги расипуваме нашите односи со коалициските партнери, со верските заедници и со сите оние кои евентуално ќе ни ја овозможат привилегијата местата во јавната администрација да продолжиме да ги полниме со ситнопартски калкуланти. И така во круг.

Деновиве ни беше полна устата со улогата на Македонија во борбата против фашизмот. Претходно со Гоце Делчев. Време е малку да помислиме за она што ни се случува денес.