Просто е фрапантно како пратеничката група на владејачкото мнозинство успева да нѐ дефокусира од битните теми во државава, работејќи толку фокусирано во полза на сопствената штета. Да дозволиш поради „деконцентрација“, „збунетост“ или „дефокусираност“ да паднеш на гласање кое би требало да е чиста формалност, и тоа на важни теми како „човекови права“ и „другарот Прибе“, е исто како да се сопнеш сам од себе на прав пат и притоа со коленото да се ѕвекнеш по темето и да си го повредиш малиот мозок. Звучи неверојатно? Да звучи, впрочем како и објаснувањето на некоординираниот координатор на пратеничката група на СДСМ Тунтев дека, види богати, не биле расонети.
Ќе ја врателе точката на дневен ред повторно. Видете да ви кажам нешто. Тогаш кога вие пратениците сте си ги чешкале задниците од кожните столчиња во обид да произведете искра што ќе ви ја запали желбата за работа (тешка физичка работа со напорно стискање на копчињата „за“, „против“ и „воздржан“), некој доктор во клиника веќе ја прави третата операција дента. Можеби под нож кај докторот е токму вашето дете.
Како би реагирале ако тој поради „дефокусираност“ направи грешка? Ќе му го вратите утредента на повторна операција со надеж дека овојпат ќе е сконцентриран!? Или ќе почнете рововска битка да го оставите тој неодговорен доктор без лиценца за работа?
Притоа, вашите плати се малку поголеми од тие на докторот што оперира деца. Живот, што да правиш.
Кога вие пратениците сте си ги чешкале задниците од кожните столчиња во обид да произведете искра што ќе ви ја запали желбата за работа (тешка физичка работа со напорно стискање на копчињата „за“, „против“ и „воздржан“), некој доктор во клиника веќе ја прави третата операција дента
А ова со успехот да го изместите фокусот на јавноста е за секоја пофалба. Во време кога правдата се затркала колку-толку, ја очекуваме првата пресуда за случај на СЈО, очекуваме да видиме како новиот јавен обвинител ќе почне да си ја врши работата, чекаме екстрадиција на Неџби и Христо, се надеваме дека парите ќе ги вратат и слично, вие, секоја чест, не можете ни сосе дузина зашеметени пратеници од опозицијата да постигнете реален кворум. То ест, имате кворум според бројот на задници во столчиња, но половина ви блеат во сликите и мозаиците наоколу, или паметот им е во шопинг, па место картичка за гласање – уфрлиле кредитна картичка во системот.
Ова што го правите вие на вашето работно место, ова бескрупулозно работење во полза на сопствената штета, е како да сте го уапсиле крадецот што ви крадел по дома, сте му ставиле лисици, сте тргнале да го носите во станица, но попат сте застанале на бензиска да си купите цигари и сте го оставиле и заборавиле да го заклучите комбето. И сега не убедувате дека не може далеку да побегне со лисици и дека кај и да е пак ќе го фатите. Зошто бе така, другари?
„Само еден мој број е прислушувам 732 дена, нели е тоа кршење на човековите права“, ги запраша судиите со растреперен глас поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, на расправата во судот за тоа дали осум „бомби“ да бидат доказ во постапката за набавка на „Мерцедесот“ на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Кој мори Гоцо црна те прислушувал? Саше ли? Или Неџби? Кој им беше министер додека те прислушуваа? На кој премиер му ги носеа транскриптите за политички да мастурбира врз човековите права на најмалку 24.000 граѓани?
За да биде уште поперверзно, Јанкулоска исто така цитираше пресуди на Европскиот суд за човекови права при што им објаснуваше на судиите зошто ѝ е нарушена приватноста.
На Гоца замислете ѝ била нарушена приватноста додека била министерка за внатрешни работи. А тек како им било на тие што не биле министри за внатрешни работи, а исто така биле прислушувани и потоа прогонувани, уценувани, казнувани, зашто во транскриптите јаделе бурек за Горданчево, Сашето, братучетчето и останатата багра од режимот чиј главен извршител и џелат беше токму таа.
Да, чувме веќе, денес-утре оваа грешка во Собранието ќе биде исправена. Детето во операционата сала куртули од скалпелот на нерасонетиот доктор. Но, дали ќе е така и во првата следна прилика на дефокусација?
Кој мори Гоцо црна те прислушувал? Саше ли? Или Неџби? Кој им беше министер додека те прислушуваа?
Да сум јас Тунтев, би поднел барање за самоказнување на целата пратеничка група со одземање на дневницата за тој работен ден. Нека ја донираат каде било, макар и на Горде ѝ ја доделиле за лечење на траумите од самоприслушувањето, само нека почувствуваат некаква казна за неодговорното работење. Довербата тешко се стекнува, ама лесно се губи!
Дванаесет години власта нѐ дупеше во здрав мозок. Не растури ко Југославија – Заир, или Македонија – Лихтенштајн. Но, како да кажам, барем се знаеше кој дупи, а кој има здрав мозок. Сега веќе ништо не се знае. Освен дека здравите мозоци се отидени во дефицит поголем и од буџетскиот.
Оваа нова масовка е толку застранета и збунувачка што веќе не само што не се знае кој кого дупи, туку и затоа што сите очигледно, пред се, се дупат самите себеси, а потоа евентуално уште некој по грешка. Натпревар на автоголови.
Ние сме Брајан од „Житието на Брајан“ на Монти Пајтон, си висиме така распнати цела една деценија, и таман да испуштиме душа, доаѓа пратеничката група на СДСМ да не спаси од сигурна смрт, благонадежна насмевка се развлекува на нашето лице, противничката војска се разбегува пред нивниот страшен налет, радоста се распрснува како огномет на ден на избори, среќа на сите страни и кога – овие што дојдоа да ти биле Самоубиствениот вод на Јудеја. Доаѓаат, се претставуваат војнички, се поклонуваат пред нас и наместо да не симнат од крстот на кој висиме, вадат мечеви и си ги забодуваат в срце. Јеботе лудаци!