Ахмети реши да глуми Буриданово магаре. Исправен пред одлуката кон кој стог сено да пријде – дали кон оној лево, или кон другиот од десно, тој е подготвен свесно да остане гладен, во надеж дека пропуштениот оброк нема да му го загрози политичкото здравје, ама дека жртвата подоцна ќе му се исплати со двојна порција мајско-руска салата. Односно, со нови избори. Секако, тоа му е најризичната надеж, бидејќи „неутралноста“, особено лажна, е поголема од предавство во кризни времиња, без оглед какви оправдувања ќе бидат смислени.
Освен ако не се случи чудо во последен миг, во моментов е извесно дека Ахмети е подготвен да направи двоен лупинг. Ако во партијата има отпор да му помогне на ВМРО-ДПМНЕ да остане на власт, односно ако мора да му одмогне, тогаш ќе се потруди ниту на СДСМ да не му помогне, или, како што би рекол Бујар Османи, да не „аргатува“ за нив.
Ставен под отворена закана од досегашниот коалициски партнер – ВМРО-ДПМНЕ, дека евентуалното збогување со Мајскиот договор во иднина скапо ќе го чини ДУИ, како и под притисок на пораката што му ја испратија албанските гласачи со преполовен изборен скор, Ахмети си најде меѓупозиција, од која веќе се крчкаат две пораки: дека не е подготвен да го прекрши Мајскиот договор, наводно, во корист на долгорочни интереси на Албанците, и дека на тој план нема да го изневери ВМРО-ДПМНЕ, дури и по цена да биде во опозиција.
Мора да се признае дека Ахмети многу вешто ги пренесува жедни преку вода сите во ДУИ кои веруваат дека Груевски си седи, везе гоблен и чека Али да му заѕвони откако ќе ги изанкетира сите од Зајас до Липково, и од Мала Речица до Гевгелија
Лидерот кој целиот пржински процес го помина со еден рефрен на усните – „државните интереси над партиските“, сега кога треба да се создаде основа за ефектуирање на тие цели, како да не е подготвен да ги жртвува разните препеви на мајскиот рефрен, заради јануарски скок во студена вода. За таа цел му беше потребно да одглуми лажна еквидистанца кон двете македонски партии и тоа го стори на два начина: со партиски заклучок дека „ДУИ нема префериран партнер во македонскиот политички блок“ и со тоа што по средбата со мандатарот Никола Груевски, веднаш се сретна и со Зоран Заев.
Демек, со тоа си обезбеди „лиценца“ за целосна неутралност. Но, сега доаѓа оној поинтересниот дел од приказната. Потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, вели дека овојпат нема класични преговори со ВМРО-ДПМНЕ, дека нема работни групи за преговори, дека единствената одржана средба е меѓу Груевски и Ахмети, и дека ДУИ е посветена на анализи, на средби со ограноците, со електоратот, со аналитичарите и со претставниците на меѓународната заедница.
Логично ли ви е, ваквиот однос на ДУИ да е О.К. за ВМРО-ДПМНЕ? Очекувано ли е да не реагира воопшто што е на таков „строг пост“ во контактите со ДУИ, и ниту еднаш да не се пожали на таквата рестриктивност, невидена во заедничката практика при досегашното составување влади?
Мора да се признае дека Ахмети многу вешто ги пренесува жедни преку вода сите во ДУИ кои веруваат дека Груевски си седи, везе гоблен и чека Али да му заѕвони откако ќе ги изанкетира сите од Зајас до Липково, и од Мала Речица до Гевгелија. Или, можеби до сите во ДУИ не стигнуваат информации колку многу фреквентни се средбите на високи функционери од двете партии, секако, не без знаење на лидерите, и не зад кулисите туку многу често и не случајно на фреквентни места. Да не речам, во центарот на Скопје. Или, да не речам во „Мериот“. И сето тоа е легитимно.
Во ДУИ треба да се свесни и дека играта на Ахмети не е само двоен лупинг кон македонскиот блок туку и двоен лупинг во партијата. Ахмети точно проценил дека и во ДУИ сега мора да балансира и да вози паралелен слалом
Но, во ДУИ треба да се свесни и дека играта на Ахмети не е само двоен лупинг кон македонскиот блок туку и двоен лупинг во партијата. Ахмети точно проценил дека и во ДУИ сега мора да балансира и да вози паралелен слалом. Па во моментов оние што се противат на коалиција со Груевски ги храни со информации какви што сакаат да слушнат, а оние другите со приказни за опасност од можна политичка асимилација на Албанците, доколку „не се одбранат границите“, како што вели Бујар Османи.
Тоа значи дека сега мора да се одржи главната лекција и да се постави правилото: македонските партии (читај СДСМ) да си гледаат во својот двор и да се борат исклучиво за довербата кај Македонците, а Албанците да му ги остават на Ахмети.
Оти тие се негова своина. Откако ќе му ја дадат довербата, единствено тој може нивната волја да ја сервира на масата на ВМРО-ДПМНЕ или на нечија друга. Тоа му доаѓа нешто слично како „овластен дистрибутер“. Но, за грев се смета ако Албанците самите решат волјата да ја стават на масата на СДСМ или на некоја друга партија. Зошто? Затоа што така ја намалуваат вредноста на акциите во холдингот на ДУИ. Ако паѓаат акциите, паѓа и круната на Ахмети.
Ако Албанците продолжат со ерес, односно да гласаат за СДСМ, паѓаат и акциите на ВМРО-ДПМНЕ, па Ахмети брзо ќе остане без работа, бидејќи ќе нема од кого да ги спасува Абанците. Ќе сфатат дека клучот за спас е исклучиво во нивните, во рацете на граѓаните, а не во етничкото сметководство на ДУИ.
Затоа, на Ахмети ужасно му треба еден ваков наратив. Затоа Бујар Османи заборава да каже зошто и тој не ги одбрани границите кога мандатот во „тројката“ го бараше преку колачиња со пораки и на македонски јазик. Заборави и дека ДУИ отвораше ограноци во Кочани и други градови во источна Македонија, што би рекол, „отаде границата“, и никој не се противеше на тоа, освен ВМРО-ДПМНЕ. Зошто? Бидејќи истата логика и нив ги држи во бракот од интерес, сѐ додека со ДУИ си спијат на точно поделени страни од креветот.
Ако Албанците продолжат со ерес, односно да гласаат за СДСМ, паѓаат и акциите на ВМРО-ДПМНЕ, па Ахмети брзо ќе остане без работа, бидејќи ќе нема од кого да ги спасува Албанците
Затоа Османи вели дека ДУИ веќе нема да дозволи поделба на албанскиот глас. Во оние Албанци што гласале за СДСМ тој не гледа заеднички именител или мост кон реализацијата на заедничките државни приоритети туку опасност од растечко „аргатство“ за македонска партија. Не затоа што навистина не гледа нов граѓански квалитет туку затоа што мора да плати уште една надница на страв кон ВМРО-ДПМНЕ. Притоа „заборава“ колку илјади гласачи го казнија ДУИ, затоа што функционирал како вазал на ДПМНЕ и не спречил Албанците да бидат „попишани“ како Индијанци во статистичко-вредносниот систем на коалицијата.
Ете, тоа е големиот успех и стандард кој може да го изгубат Албанците ако решат од „гордото и достоинственото“ вазалство да спаднат на обично аргатство. На такво „лаконско достоинство“ без реална подлога, Ахмети ќе ги брани одлуките на партијата. Нив во ТВ-настап многу јасно ги навести Бујар Османи, кој се претстави како „задолжен за пропаганда во партијата“, што по изнесените ставови станува непобитен факт.
Иако постојат и опции кои би можеле да ја намалат ризичноста на планираната операција за вовед во нови избори, а со тоа во нова агонија и ново продлабочување на кризата, жално е што тие не произлегуваат од демократска зрелост на општеството за интересите и напредокот на државата.
А Буридановото магаре, во надеж дека со сопствената воздржаност најмногу ќе го нахрани коалицискиот партнер, навистина може да одигра клучна улога во насока на нови избори, но со извесен и потврден ризик тоа да биде и неговата последна улога.