Анализи

Непознати факти за странските инвестиции

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
Синот на министерот за странски инвестици, Џери Наумоф е дел од сопствеништвото на странска компанија што вложила во Македонија

Синот на министерот за странски инвестици, Џери Наумоф е дел од сопствеништвото на странска компанија што вложила во Македонија

Меѓу странските инвеститори во Македонија што беа опфатени во базата на податоци Странски инвестиции под лупа има и такви што влечат одредени врски со познати македонски функционери кои долго време биле на јавни позиции, или со нивни блиски пријатели.

Најеклатантен пример што еден актуелен министер, токму за привлекување странски инвестиции, го поврзува со една од компаниите опфатени во базата на податоци е фирмата „Таск Форс БПО“, каде што еден од сопствениците е Александер Наумоф кој, всушност, е син на министерот Џери Наумоф.

Токму тој, во ноември лани, во изјава за медиумите, ја промовираше оваа компанија како успешен пример на реализирана странска инвестиција во Македонија.

„Уште еден успешен пример во Битола е токму американската компанија ‘Таск Форс’ која во јануари отвори канцеларија. Веќе имаат 30 вработени, многу брзо се развиваат, успешно работат и се планира да стигнат до 50-ина вработени. Доколку работите одат напред, планираат и натаму да се шират на македонскиот пазар. Вработуваат млади кадри кои завршиле медицинско образование за да работат на медицинско кодирање за итни центри во Јужна Каролина”, изјави министерот Наумоф, меѓутоа, не сподели со јавноста дека еден од сопствениците е токму неговиот син.

БИРН се обрати во кабинетот на министерот Џери Наумоф, директно до министерот, како и до компанијата, меѓутоа не добивме никаков коментар. „Тоа не е ваша работа“, кратко ни рекоа во „Таск Форс БПО“.

За оваа компанија не постои одлука дека добила државна помош.

По објавувањето на истражувањето две компании реагираа до БИРН за податоците за државната помош. Од „Космик девелопмент“ велат дека наспроти најавите на градоначалникот на Битола дека ќе им обезбеди општински простории, тие никогаш не користеле никаква државна помош. И од холандската „Антура“ велат дека не биле корисници на државна помош, наспроти решенијата на Комисијата за заштита на конкуренцијата и објавите во Службен весник.

Инвестиции со офшор шмек

51_51_kap_kon1

„Кап-кон“ е најавена како американска фирма, меѓутоа сопствеништвото ѝ потекнува од офшор-острови

Истражувањето на потеклото на странските инвестиции, честопати нѐ носеше  до познати офшор дестинации. Една од таквите специфични инвестиции е израелската „Ај скај грин“, која е најавена во 2016 во материјалот на ВМРО-ДПМНЕ за изборите, наречен „Реално“. Партиската програма пишува само дека фирмата ќе отвори погон во Неготино и дека ќе рециклира гуми.

Она што нема да го прочитате во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е дека капиталот на инвестицијата не доаѓа директно од Израел туку од фирма на Сејшели, позната светска офшор-дестинација.

Компанијата е регистрирана на адреса на адвокатско друштво на Сејшели, чијашто основна дејност е формирање офшор-фирми. И како по некое непишано правило, фирмите во Македонија со капитал од даночните оази, како и оваа, ги управува лице од Кипар.

Офшор структура има и компанијата „Кранфилд фаундри“ што ќе инвестира во леарница во индустриската зона Неокази, во непосредна близина на Пробиштип.

Фирмата сопственик на македонската „Кранфилд“, која е презентирана како носител на руски капитал, е регистрирана на Девствени Oстрови.

Според истражувањето на „Скуп Македонија“, на истата адреса на Девствените Oстрови е регистрирана и фирмата-сопственик на познатата „Метрудхем“, која пред неколку години неуспешно се обиде да ја рестартира Велешката топилница. На оваа идеја ѝ се спротивставија еколошките друштва, политичарите што потекнуваат од Велес и граѓаните.

Уште една, трета инвестиција доаѓа преку даночните оази. „Кап-кон“ е најавена како американска компанија, но инвестицијата во Македонија ја носи преку офшор-државите во Атлантскиот Океан, Бермудите и Кајманските Острови.

Поранешниот премиер Никола Груевски во 2014 ја најави „Кап-кон“ како американска компанија што ќе произведува делови за воздушни перничиња, но не откри дека во тој момент како сопственик на „Кап-кон“ е наведена фирма со потекло од Бермудите и оти подоцна ја продала фабриката на друга фирма од Кајманските Oстрови.

Друга, најавена, меѓутоа нереализирана инвестиција се поврзува со бизнисменот Орце Камчев, којшто е близок до партијата што беше 10 години на власт, ВМРО – ДПМНЕ.

Станува збор за изградба на хотел зад скопски „Рамстор“ што летото 2008, тогашниот премиер Никола Груевски го најави со поставување камен темелник како инвестиција на британската компанија „Херитиџ Лондон и Хановер лимитед“ (ХЛХ ЛТД).

Груевски ја промовираше британската компанија како странски инвеститор, меѓутоа брзо се откри дека фирмата е во посредна врска со „Орка холдинг“ на македонскиот бизнисмен Орце Камчев, преку британската „Џејрома“ во сопственост на Ендрју Фелдман, со кого „Орка“ имала долгогодишна деловна соработка.

hlh-llc

Локацијата во Скопје каде требаше да се изгради хотелот „Резидор“

Интересно е дека фирмата ХЛХ, која не го изгради хотелот „Резидор“, беше застапувана од адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“, исто како и една друга најавена странска инвестиција, онаа на британската „Елан пропертиес“.

„Елан пропертиес“ во 2007 беше најавена како англиски инвеститор, кој  требаше да гради нов трговски центар, исто така, зад Рамстор, веднаш до хотелот на ХЛХ. Но, и оваа инвестиција не се оствари.

Она што се знае е дека „Елан пропертис“ сѐ уште функционира во земјава, односно дека има три компании под истиот бренд – „Елан пропертис“, „Елан пропертис БЦ“ и „Елан пропертис инжинеринг“.

Први сопственици на „Елан пропертис“ се адвокатите Серјожа Марков и Лазар Чукиќ, сопственикот на „Елан пропертис БЦ“, пак, е фирмата „Алфекс инженеринг“ чиј сопственик, пак, е офшор-фирма од Холандски Антили, а газда на третата фирма „Елан пропертис инжинеринг“ е офшор-фирма од Курасао.

Дури и Народната банка во своите извештаи за приливите на странски инвестиции, меѓу најголемите инвеститори по земји ги рангира токму најпознатите офшор дестинации како што се Панама, Сент Винсент и Гренадини, Бермуда, Белизе. Меѓутоа, гувернерот Димитар Богов, објасни во јавноста дека „има приливи и одливи кон офшор дестинации како Панама или Белизе, но по автоматизам не мора да значи дека секоја од нив е нелегална трансакција“.

Странски инвестиции, домашни екопроблеми

Промоција на инвестицијата на „Сардич“

Првиот човек на Дирекцијата за технолошко индустриски зони, Виктор Мизо, во март 2014 ја најави украинската инвестиција на „Константиновски плант оф металурџикал еквипмент“ (АД „Сардич“), која треба да ископува руда и да произведува бакар и бакарни производи на неколку локалитети во Македонија.

Неизвршен член на ова АД е поранешниот министер за земјоделство и ексамбасадор во Украина, Аце Спасеноски од Социјалистичката партија, коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој станал неизвршен член само неколку месеци откако заминал од амбасадорското место во Киев.

По најавата на оваа инвестиција реагираа еколошкото друштво „Калинка“ и географот Глигорие Џилвиџиев.

Тие аргументираа дека рудникот и фабриката за бакар ќе го загадуваат воздухот со прашина, јаглерод и со сулфур диоксид и оти постои опасност јаловината да ги загади почвата и подземните и површински води.

Бучавата исто така би била проблем, бидејќи до индустрискиот комплекс има населено место, а забележуваат и дека „Сардич“ во производството ќе користи вода од прва класа, зашто во регионот нема река или езеро, од каде што вообичаено се користат водите во тешката индустрија.

Еколозите беа загрижени и поради идниот рудник за злато „Иловица“, на кој работи британската „Еуромакс рисорсис“ во близина на истоименото струмичко село.

Тие најмногу се загрижија поради тоа што ниту Министерството за животна средина, ниту, пак, самата компанија долго време не ја објавија целата еколошка студија за овој проект.

Подоцна, „Еуромакс рисорсес“ ја објави студијата на својата веб-страница.