Министерот за здравство, Арбен Таравари, го искритикува директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Стефаноски, дека не доаѓал на работа, дека ги одбивал неговите повици и дека бил незаинтересиран за промените кои се повеќе од потребни во здравството. Директорот преку Фејсбук му одговори на министерот: „Колку помалку време посветите на јавни полемики, толку повеќе време останува за работа“.
Веројатно, сега Таравари треба да се извини што „се меша“ во својата работа и што ја нарушил директорската нирвана на Стефановски. Друго нема. А што да мислат здравствените осигуреници, кога ќе се соочат со вакво „ниво“ на директорски одговор?
Најмалку што ќе се запрашаат е – по кој критериум се избирале раководителите на ФЗО. Да, во критериумите за избор не се бара минимум лична и професионална култура и одговорност кон угледот на институцијата, бидејќи тоа по правило „се подразбира“. Но, изгледа не треба да се подразбира туку да подлежи на претходна, и на тековна проверка.
Македонија ќе биде успешна земја кога трансферот на раководните позиции нема да биде дочекуван со опструкции и желби за разни подметнувања, како што сведочеше и одлуката на Никола Тодоров за повисоки цени на лековите, потпишана еден ден пред истекот на неговиот мандат
Стефановски, меѓу другото, му порача на Таравари и дека „министерското место не е позиција на шоумен. Aegroti salus suprema lex е моја агенда (Доброто за пациентот е најважниот закон – н.з). Ви препорачувам да биде и Ваша!“
Ова е многу „храбра“ порака од директор кој најчесто го немаше кога требаше да даде одговор на прашања врзани за неговата надлежност. Но, блесна како ѕвезда на јавната сцена на 16 декември минатата година, пет дена по изборите, кога партијата што го именуваше на директорската функција, протестираше пред просториите на ДИК, додека течеше одлучувањето по партиските жалби за изборите.
Да, неговиот настап беше јавно декларирана грижа за постизборното политичко здравје на ВМРО-ДПМНЕ. Но, остварувањето на желбата за граѓаните – „да сте живи и здрави“, воопшто не зависи од децибелите со кои ќе биде изговорена туку исклучиво од политиките со кои ќе се инвестира во здравствениот систем. Па сега кој е тука шоумен? Тој што држи грлати партиски говори, или што молчи кога здравствените осигуреници се жалат на долги бирократски битки за лекување во странство и на тоа дека не можат да ги најдат потребните лекови во аптектите?
Настрана од примитивизмот, оваа полемика укажува на една суштинска потреба: новата влада да размисли каков кадар ќе именува на раководната позиција на ФЗО. Тој сигурно не треба да биде партиска реплика, со друг предзнак. Стефановски, стоматолог по професија, зад себе има претседателска функција во Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, а во ФЗО дојде по оставките на двајцата директори на Фондот по „случајот Тамара“, и тоа од позицијата државен секретар во Министерството за одбрана (!?), по претходно иста таква во ресорот локална самоуправа (!?).
Со желбата да ѝ се наштети на новата власт, им се прави штета на граѓаните/народот, во чиешто име постојано се колнеше претходната власт. Зошто такво лицемерие?
За волја на вистината, ни тоа „шетање“ во ресори надвор од професионалната вокација не мора да биде проблем, ако човек е посветен на функцијата. Но, непримерните јавни полемики и опструкции не спаѓаат во тоа. Тие не носат ништо добро, освен несигурност и натамошно нарушување на довербата на осигурениците во здравствениот систем.
Македонија ќе биде успешна земја кога трансферот на раководните позиции нема да биде дочекуван со опструкции и желби за разни подметнувања, како што сведочеше и одлуката на Никола Тодиоров за повисоки цени на лековите, потпишана еден ден пред истекот на неговиот мандат.
Со желбата да ѝ се наштети на новата власт, им се прави штета на граѓаните/народот, во чиешто име постојано се колнеше претходната власт. Зошто такво лицемерие?
Сето ова, за жал, наликува на атавизам на средновековна битка за слава, чест и обнова на гордоста, но во суштина носи пораз за оние кои фрлаат таква непринципиелна „ракавица“, кога политичката битка се води преку здравјето и здравствените услуги за граѓаните.
Граѓаните бараат крај на „лекувањето“ со ветувања. Тие бараат повисок здравствен стандард, а не да се потпираат на инстинкт за какво такво преживување, зачуван како традиционален реликт од овдешниот политичко-малограѓански и „магарешки“ менталитет.
Езоповско-макијавелистичките методи инсталирани во менаџирањето на здравството мора да се симнат од „позитивната листа“ и да завршат како медицински отпад. Процесот ќе мора да започне, а оние што сакаат да го опструираат нека мислат на последиците и од позиција на пациенти, за да не се случи најпрво тие да се соочат со последните „резултати“ во кои самите инвестирале.