Не беше тешко да се предвиди дека Грција ќе го покрене прашањето околу (не)почитувањето на Договорот од Преспа на меѓународно ниво. И дека уште еден сосед задоволно ќе трие раце кога Атина на Скопје ќе му припише „целосно непознавање на историјата“.
Ако потегот на премиерот, претходно и на претседателката, беше крик, обид за свртување на вниманието кон непрекинатата низа услови или билатерални диктати со кој е обременет патот на Македонија, и покрај тридецениските компромиси, тие навистина успеаја во тоа.
Сега медиумите во засегнатите страни, внимателно бележат дали и кој колку пати во некоја изјава рекол Македонија, а колку пати Северна: „Трипати рече Македонија, еднаш рече мојата држава, двапати рече мојата земја и еднаш татковина“.
СДСМ, во чиј владин мандат беше потпишан Преспанскиот договор, ја пали прачката и фрла чифтиња кон власта – што не го поништите Преспанскиот ако не ви се допаѓа, ете имате мнозинство?!
Кандидатката за партиски лидер, Славјанка Петровска дури изјави дека СДСМ „апсолутно нема да го промени името“, како што налага Договорот, заради усогласување со новото име на ентитетите што добиваат буџетски средства. А партиите добиваат. Вели – ќе се откажеле од средства од државата ако поради тоа треба да го сменат името на партијата. „Ние не сме од тие што едно зборуваат, друго прават“, потенцираше таа.
Духот на Договорот
Значи, полесно е да се смени името на државата, отколку да се смени името на партијата. Партијата е сѐ, државата нешто незадолжително. Така не се брани Преспанскиот договор, само се создава конфузија и впечаток за тотална дезориентираност, дури и кај тие што го бранеле и завериле тој договор.
Да, договорите мора да се почитуваат (Pacta sunt servanda), но тоа е двостран процес. Алармот што го крева Атина е преголем, непропорционален за она што тие го сметаат за овдешен „грев“.
Бидејќи, како што предвидува членот 5 од Договорот, во вршењето на своите работи, страните ќе се раководат од духот и начелата на демократијата, фундаменталните слободи, почитувањето на човековите права и достоинство и владеењето на правото, во согласност со Повелбата на ОН, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација, Конвенцијата за правата на детето, Завршниот документ од Хелсинки, Документот од состанокот во Копенхаген на Конференцијата за човековата димензија на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа и Париската повелба за нова Европа, и други меѓународни спогодби и инструменти кон кои пристапиле двете страни.
Списокот е долг, но изгледа дека реалните можности се куси. Притоа, поразително е што не се препозна фактот дека духот на Преспанскиот договор и неговата додадена вредност е токму во перспективите за поголема соработка меѓу двете земји, а не само во пребројување колку имиња на институции и лични документи се заменети, колку плочки се ставени на споменици.
Камчето во чевелот
Договорот предвидува интензивна соработка во сите сфери. Двете земји со Договорот се согласија да ги зајакнат и натаму да ги развиваат билатералните политички односи, преку редовни посети, состаноци и консултации на високо политичко и дипломатско ниво, да формираат Совет за соработка на високо ниво, кој ќе го сочинуваат претставници на нивните влади, заеднички предводен од нивните премиери, и тоа тело да се состанува најмалку еднаш годишно.
Се состанало ли тоа тело? Колку пати – еднаш, ниеднаш?
Колку што има флуктуација меѓу граѓаните на двете земји, патувања, летувања и бизниси, толку недостига комуникација на политичко ниво. Кога таа комуникација би била честа, сите стравувања околу Преспанскиот договор би биле депласирана тема, бидејќи соработката најбргу гради доверба и премостува недоразбирања.
Денес Грција, на северната граница има сосед, кој, иако е меѓу последните зачленети држави во НАТО, е на 11-то место според висината на средствата што ги издвојува од БДП за одбраната, иако се соочува со потреба од поголеми издвојувања за здравството, образованието, патната инфраструктура…
Зад Македонија на списокот се многу побогати земји, со неспоредливо поголем БДП, кои сѐ уште не го исполниле критериумот за одвојување два отсто за одбрана.
Грција денес има сосед, чија надворешна и безбедносна политика е усогласена со политиката на ЕУ, сосед кој не седи на две или на три столчиња, туку на едно. Сето ова е предност, потенцијал, а не пречка за односите меѓу двете земји.
За почеток, најдобро е ако секоја од страните се стави во „обувките“ на другиот. Така подобро ќе почувствува дали во чевелот на другиот има камчиња што го боцкаат. Така Грција можеби и ќе се потсети колку компромиси направи Македонија уште пред Преспанскиот договор.
Оттогаш многу води протекоа, многу нешта однесоа и донесоа, освен најважното: соработка што ќе ги „изненади“ и надмине границите на Договорот и ќе покаже дека „хемијата“ најмалку зависи од хартијата. Алармот треба да биде активиран само и единствено за тоа.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија