Илјада – зошто?

Али Ахмети го запознав во екот на конфликтот во 2001 година, кога од странски новинар и претставник на Меѓународната кризна група добив покана да заминам со нив во Шипковица. Рекоа дека имаат посредник, кој со сигурност може да обезбеди пристап до селото. Ми изгледаше неверојатно, бидејќи тоа беше најобезбедуваното село во земјава: во него беше сместен главниот штаб на ОНА. За мене селото стана синоним за епицентар на небиднината и м(р)ачните настани, кои земјата ја доведоа до конфликт, жртви и до општествен грч.

Поканата ми предизвика измешани чувства. Од една страна чувствував голема професионална љубопитност и обврска, од друга -огромен гнев. Два дена претходно, улицата ни беше излепена со апели за помош (се бараше зимска облека, школски прибор…) за лицата кои под налетот на престрелките го беа напуштиле Тетовско. Дел од нив беа сместени во хотелот „Пелагонија“.

Апсолутно не сакам да помислам што ќе се случеше ако не запреше огнот, ама данокот за тоа не смее да биде молкот за исчезнатите, за киднапираните, за оние кои до денес останаа раселени…

Однесов неколку торби облека, а се вратив со неброени торби чемер од сведоштва, од солзи, од погледот на нивните малолетни деца, кои не разбираа што се случува, освен дека ќе мора привремено да следат настава во Скопје. Зошто, зошто, зошто…? – редеа тие безброј прашања. И мене ме мачеа истите прашања. Решив да одам во Шипковица.

На денот на тргнувањето, во Скопје падна половина метар снег. Во Тетовско многу повеќе. Се пробивавме низ снегот и неизвесноста, со бела „лада нива“, која личеше на подвижна „мета“, бидејќи такви возила тогаш користеше полицијата. Патот до таму беше „покриен“ со јатаци и припадници на ОНА, кои нѐ запираа на разни пунктови. Еден од нив беше и командантот Лека. Нѐ застана, мислам беше кај Порој, пред кафеана преполна со негови соборци: дел дремеа, дел вревеа, дел прашуваа кои сме и што бараме таму. Оружјето им беше на масите. Ни дозволија да продолжиме по телефонски консултации „со некого од горе“. Секој што нѐ запираше, му јавуваше некому за бројот на регистарската табличка на нашето возило. И со напомена дека во возилото има странци.

Кога по тесниот и длабоко завеан пат во самрак стигнавме до селото, нѐ дочека лице со порака да почекаме малку на блиската ледина. За да се упатиме кон штабот, требаше да чекаме конкретен знак – неколкупати да затрепка светилката пред него. Не знаевме во која од куќите пред нас се наоѓа штабот. По десетина минути конечно затрепка светло, и беше јасно каде треба да се упатиме. Со придружба, секако. Ахмети нѐ дочека во друштво на неколку најблиски соработници – команданти. Не носеше униформа. Беше во спортска облека. За разлика од него до тој ден веќе многу семејства беа во црно.

Мракот во кој сѐ уште се обвиткани многу тајни договори пред Охридскиот договор и по него, мора да биде разбиен. Да светне вистината

Многу „вода“ протече оттогаш. И бистра и матна. Охридскиот договор навистина донесе крај на конфликтот, но не даде одговори на многу прашања. Исто како и таа вечер, многу „зошто“ и до денес останаа неодговорени. Или барем не целосно. Јасно е дека под притисок на рафалите се барале начини што побргу да се стави крај на огнот. Јасно е под каков притисок се правеле договори за амнестија, дури и за случаи кои никако не смеат да подлежат на амнестија. Јасно е дека тоа бил пазарот за расформирање на ОНА, за социјализирање и интегрирање на нејзините припадници и карта за премин од воен – на политички терен.

Ахмети и неговата ДУИ повеќе од една и пол деценија се во власта. Униформите ги заменија со костуми. Калашњиковите се заменети со пенкала, функции, привилегии, стратегии за соодветна застапеност, интеграција, соживот… Но, дали се смени нешто за луѓето во црно? Апсолутно не сакам да помислам што ќе се случеше ако не запреше огнот, ама данокот за тоа не смее да биде молкот за исчезнатите, за киднапираните, за оние кои до денес останаа раселени…

Помирувањето е бавен и тежок процес, со многу свиоци и дупки. Помирувањето ќе има шанси еден ден да стане целосно, само ако и овие прашања бидат одговорени. Без калкулации. Мракот во кој сѐ уште се обвиткани многу тајни договори пред Охридскиот договор и по него, мора да биде разбиен. Да светне вистината. Не како светилка што наменски трепка, туку како полна и континуирана светлина, колку и да е болна. Тоа е долг кон оние што 20 години живеат со прашања и исчекување, но и кон оние што заминаа без да добијат (точни) одговори.