Името на интегритетот

Значи можело. Ама не се сакало. Оти, ако се решел проблемот со Грција, некои наши политичари ќе немале на располагање доволен број надворешни непријатели за правопропорционално да произведуваат идентичен број „патриоти“, што ќе ја имаат „светата можност“ да ја бранат Македонија од Натемаго. Така беше и со Бугарија. 

Надворешниот непријател не беше еден, туку на регионален план најчесто беше персонифициран преку „волци од четири страни кои стрвно ја демнат Македонија, за да ја распарчат“. На поширок меѓународен план, за жал, за непријатели беа прогласувани сите стратегиски пријатели на Македонија, а на внатрешен – нашите сограѓани, погрдно нарекувани како „клетите Шиптари“.

Сега, кога Владата ги разби манипулациите кои со години ги труеја домашните граѓани, меѓуетничките односи и односите со соседите, опонентите на враќањето на нормалноста и едно општество за сите, останаа без арсенал за снаоѓање во новата ситуација. Во недостиг на доволно страшна приказна, во неможност да најдат нов, макар и препариран волк, пред чија отворена челуст драматично ќе раскажуваат како се ближи мигот на исчезнување и на последниот Македонец, се препуштија на стариот рефрен: обезличување, обезименување, капитулација, распродажба на националните интереси…

И сето тоа додека Грците врескаат по Ципрас дека сѐ што е македонско тој им го продал на скопјаните – и македонскиот јазик, и македонскиот идентитет. Нашава опозиција, свесна дека не поминува лесно приказната за обезличувањето, бидејќи идентитетот е загарантиран и никој не може да ни го земе, ниту некој би го дал, сега преминува на процедурални прашања. Демек, зошто не се ратификува договорот во исто време во двете земји, небаре во договорот не ја гледаат динамиката сo која од наша страна мора да се фати чекор во интерес на интеграциските процеси.

Во недостиг на доволно страшна приказна, во неможност да најдат нов, макар и препариран волк, пред чија отворена челуст драматично ќе раскажуваат како се ближи мигот на исчезнување и на последниот Македонец, се препуштија на стариот рефрен: обезличување, обезименување, капитулација, распродажба на националните интереси…

Од друга страна, претседателот Иванов лажно ламентира дека Борисов ги погазил европските демократски вредности кои подразбираат и дијалог, со тоа што одбил да се сретне со него. Така ли? Па ако Иванов знаел дека дијалогот е врвна вредност, тогаш, зошто не остварил дијалог со Заев и Димитров, туку решил да им го сврти грбот? Плус, жив среќен што ни чаша вода не им дал. И згора на тоа бесрамно вели дека „Борисов со постапката заземал страна“ (страната на Заев и на Димитров). Кога неупатен човек би го слушал ова, би помислил дека Иванов е од една држава, а Заев и Димитров од друга! Во Софија уште не можат да поверуваат дека го слушнале тоа што го слушнале. А зошто се чудат? Иванов навистина отсекогаш бил на „друга страна“. На погрешната страна на историјата. Таму си обезбеди „достојно“ место со сите негови упади во законодавната и судската власт, со одбрана и неосуда на насилството од 27 април, и со повик за охрабрување ново…

Сите со иста мисловна матрица како неговата, во неможност да најдат нов тригер за враќање на старото лудило, сега прашуваат како ќе се викале во иднина МАНУ, МРТ… За која Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) прашуваат? Онаа, којашто во јуни 2001 година размислуваше и предлагаше проект „Доброволна размена на територии и население меѓу Македонија и Албанија“? Па, ако тргневме по тој „ум“ денеска немаше да имаме ни држава, ниту ќе преговаравме за името со Грција, а уште помалку ќе го зачувавме идентитетот, бидејќи веќе 17 години ќе бевме сведени буквално на Вардарска Македонија или разделени помеѓу две или три земји.

Сето тоа од „патриотски причини“. Ако не кренеше глас прогресивната јавност, таа која се залагаше за држава во која заедно ќе живеат сите етнички заедници, денеска „патриотите“ во многу градови ќе патуваа со пасош. Се сеќавам како некои академици отпосле гасеа пожари и глумеа генерали после битка, објаснувајќи дека идејата навистина била разгледувана, ама се видело дека е „неприфатлива, нецивилизирана и спротивна на принципите на современите граѓански општества“. Сѐ тоа отпосле, откако цел месец беа скриени во глувчешка дупка. А тоа беше доволен период некои зовриени глави да преминат од зборови на дела. Особено во конфликтната 2001 година.

Да не потсетувам и на содржината на „Македонската енциклопедија“ која стана потенцијал за криза во меѓуетничките односи. Секако, има во МАНУ и мал број академици кои со своите научни постигнувања навистина ја имаат нашата почит, и не заслужија да бидат ставени во ист кош со трговци-поединци. Но, тоа што промптно не се дистанцираа од лудите идеи, фрли голема сенка на нивната поширока општествена улога, како луѓе од кои се очекуваше да се залагаат и за инклузивност, разговор, почитување на човековите права…

Со дијалог стигнавме до Охридскиот договор, со дијалог стигнавме до Пржинскиот договор, со дијалог ќе стигнеме и до Преспанскиот, или како и да биде наречен. Дијалогот, сослушувањето на другиот и разбирањето на неговите потреби, е формула за сечиј успех.

Но, во тоа време никој не праша како ќе се вика Академијата на една „територијално разменета Македонија“? Очигледно, префиксот „македонска“ не бил гаранција дека нашата врвна научна институција работела нешто корисно за Македонија. Затоа, отворете очи, и гледајте кој што работи, а не под кое име ви продава манипулација. Истото важи за МРТ, чие прво име (о)стана „партиска телевизија“. Името „Македонија“, придавката „македонска“ се синоним за идентитет, но и интегритет. Гордоста произлегува од тоа кој си, но и со какви дела го претставуваш тоа име. Секој сака да се пофали дека е Македонец кога негов сонародник во странство ќе биде награден за нешто, но не и кога негов сонародник ќе биде уапсен заради нешто. Кога Македонската академија на науките и уметностите предлагаше размена на територии, не се гордеев со нејзиното „македонство“. Се срамев. МАНУ делумно ја врати довербата кога почна дијалог со другите академии во соседството, на еден цивилизиран и еманципаторски начин. 

Од дводеценискиот спор и напорите за негово решавање денес сите можеме да извлечеме поука. И еднаш да научиме силно да веруваме во себе и во сопствените можности. Доста е од постојаното плачење дека некој нѐ онеправдува и гази, доста е од тажни песни и скептицизам во нашите сопствени сили. Искуството нѐ учи дека сѐ може да се постигне со дијалог, со меѓусебно разбирање и со обединување околу државните приоритети. Со дијалог стигнавме до Охридскиот договор, со дијалог стигнавме до Пржинскиот договор, со дијалог ќе стигнеме и до Преспанскиот, или како и да биде наречен. Дијалогот, сослушувањето на другиот и разбирањето на неговите потреби, е формула за сечиј успех. Кој не верува, нека го праша Иванов. По два залудно истрошени мандата, на крајот и тој научи што значи дијалог. Особено, откако го пропушти.