Издаваштво или уметност?

Во овој момент, Министерството за правда на американската влада на Џо Бајден го води својот прв високопрофилен судски антимонополски процес. Разбирливо е дека овие и вакви процеси секогаш предизвикувале голем интерес во американската, па и во пошироката јавност. Или барем, што би рекле луѓето од македонските стопaнски комори, во „бизнис-заедницата“.

За македонски поими, актуелниот судски процес изгледа прилично егзотично, да не кажеме сосема неразбирливо. Имено, главен предмет на судењето е – издаваштвото. Конкретно намерата на издавачката куќа „Пингвин Рендом хаус“ (Penguin Random House – PRH) да го откупи и припои својот директен конкурент „Сајмон и Шустер“ (Simon & Schuster). 

Станува збор за две издавачки компании што влегуваат во таканаречената издавачка „голема петорка“, која контролира меѓу 80 и 90 проценти од американскиот издавачки пазар, а богами и од англо-саксонскиот свет (Велика Британија, Канада, Австралија…, па дури и Индија). Другите три од големата петорка се  „Харпер Колинс“ (HarperCollins), „Хачет“ (Hachette) и „Мекмилан“ (Macmillan). Остатокот од десетина проценти го држат (без)бројните мали и независни издавачки куќи.

Издаваштвото воопшто не е ефемерен бизнис, туку, напротив – бизнис што „врти“ милијарди долари само од продажба на книги. Доволно е само да се каже дека „Пингвин Рендом хаус“ нуди преку две милијарди долари за откуп на четвртата по големина издавачка куќа „Сајмон и Шустер“

До пред десетина години се зборуваше за издавачката „голема шесторка“, ама во 2013 година „Пингвин“ ги откупи „Рендом хаус“ и така ја намали бројката на големите издавачи на пет и, патем речено, според проценките со ова спојување зафати четвртина од издавачкиот пазар и така го зацврсти своето неприкосновено водство во издавачкиот бизнис. Ако му успее припојувањето со „Сајмон и Шустер“, тогаш „Пингвин“ ќе држи безмалку 50 проценти од американското издаваштво, а „големата петорка“ ќе стане „голема четворка“.

Она што нам ни е малку јасно или сосема нејасно е прашањето зошто американската администрација се занимава со еден таков ефемерен бизнис, каков што е издаваштвото. Одговорот, јасно, е едноставен. Затоа што издаваштвото воопшто не е ефемерен бизнис, туку, напротив – бизнис што „врти“ милијарди долари само од продажба на книги. 

Доволно е само да се каже дека „Пингвин Рендом хаус“ нуди преку две милијарди долари за откуп на четвртата по големина издавачка куќа „Сајмон и Шустер“.

Сепак, круцијалното прашање во актуелните полемики по овој случај во американската јавност не е толку монополската позиција на „Пингвин“, туку колку овој потег ќе влијае врз таканаречената „уметничка“ страна на издаваштвото, односно колку ќе превладее „бизнис-логиката“ над она што се нарекува „уметнички“ и „естетски“ вредности.

Интересно е дека како сведок на обвинението, односно на американската администрација, сведочеше и Стивен Кинг, славниот автор на бројни бестселери- мистерии. Кинг, инаку автор на „Сајмон и Шустер“, се претстави како фриленс писател и како адвокат на своите помлади и помалку познати колеги. Според него, со аквизицијата на „Сајмон и Шустер“ од страна на „Пингвин“, најголема штета ќе имаат авторите, затоа што се губи конкуренцијата меѓу издавачите, односно може да се очекува да се намалуваат авторските хонорари. Кинг вели дека монополската позиција ќе предвидува и произведува бестселери, при што оние автори чии имиња не се доволно познати, ќе останат во сенка или воопшто ќе немаат шанси да го истакнат својот талент или својот труд.

Се разбира дека сме мал пазар. Се разбира дека сме сиромашни, функционално неписмени, етнички мешана средина итн., но дали навистина издаваштвото не може да биде бизнис и кај нас?

Всушност, прашањето на издаваштвото меѓу бизнисот и уметноста е она што мене, во контекст на овој случај, најмногу ми го привлекува вниманието. И тоа во Македонија. 

Се разбира дека, што би рекле луѓето, Америка е далеку. Се разбира дека сме мал пазар. Се разбира дека сме сиромашни, функционално неписмени, етнички мешана средина итн., но дали навистина издаваштвото не може да биде бизнис и кај нас? Дали е тоа причината што Македонија има десетици пати помал број книжарници од една Србија, на пример? Или Албанија? Или Бугарија? Или Хрватска? Или да го поставам прашањето вака: зошто имаме десетина пати помала издавачка понуда од опкружувањето? Затоа што сме десетина пати понеписмени? Или затоа што сме десетина пати помали? Или зајакот лежи на некое место што вообичаено се нарекува „културна политика“?

За разлика од западниот свет, за жал во Македонија не постојат податоци колку пари се „вртат“ во издаваштвото и кои се „главните“ издавачи. Она што може да се види „со голо око“ е дека, барем според општиот впечаток, најголеми се „Просветно дело“ и „Арс ламина“ (редоследот е случаен, за некој од овие издавачи да не се почувствува навредено). 

Нивниот бизнис-модел, барем судејќи според нивните книжарници, може да се нарече „комбиниран“. Особено во случајот на „Просветно дело“. Имено, книжарниците на „Просветно дело“ главно се базираат на ранци, училишни чанти, тетратки и друг училиштен материјал, а многу помалку на издадените книги. Главна активност во издавачката дејност, всушност, им се лектирните изданија и учебниците, нешто што, би рекле, има гарантиран пазар. Она што се нарекува „уметничка литература“ главно зависи од финансиската поддршка на Министерството за култура.

За разлика од „Просветно дело“, „Арс ламина“ е многу поагилен издавач, иако и нивниот бизнис-модел, во голема мера, е базиран на продажба на разни „џиџи-миџи“ сувенирчиња, луксузни шах-табли и други различни дребулии.

Интересен е случајот на издавачката куќа „Три“, една од поголемите меѓу малите издавачи. Тие речиси се специјализираа за изданија од областа на таканаречената „самопомош“, кои очигледно добро поминуваат на пазарот. Она што боде очи е дека освен Коста Петров, и оваа издавачка куќа не успеа да создаде потиражни домашни автори на „зададената“ тема, така што продукцијата главно ја базира на преведени дела.

„Сакам книги“, пак, е издавач, кој главно се базира на преводи на она што се нарекува „палп“ литература. Значи, на љубовни, криминалистички и слични романи, кои имаат некаква комерцијална продажба, ама чии автори не се верификувани како уметнички вредности.

Дали „Пингвин“ ќе успее да го откупи „Сајмон и Шустер“ или нема, за нас е помалку битно. За нас е битно дали ќе сфатиме дека и во културата лежат сериозни пари, барем за наши услови

Другите мали издавачи („Или-или“, „Бегемот“, „Темплум“, „Антолог“, „Полица“…) главно се обидуваат да создадат некаква препознатлива уредувачка политика, која ќе донесе извесни вредности од домашната и од светската литература, но која, сепак, главно се базира на дотациите од Министерството за култура, како и од странските фондови („Креативна Европа“, „Традуки“…).

Иако, онлајн-продажбата е во замав, забележително е отсуството на електронски книги, како и на аудиокниги, кои во последните години доживуваат забележителен пораст на продажбата во светот.

Но, суштинскиот проблем е во дистрибуцијата и пристапноста на книгата до читателот. Непостоењето една независна книжарска мрежа, немањето волја за соработка меѓу издавачите, немањето слух на Министерството за креативните модели на продажба итн. ќе остане „црната дупка“, не само во издаваштвото, туку и во сите гранки на таканаречените „креативни индустрии“. 

А без сериозна дистрибуција на културните добра, нема ни сериозни културни добра. А нема ни бизнис. Дали „Пингвин“ ќе успее да го откупи „Сајмон и Шустер“ или нема, за нас е помалку битно. За нас е битно дали ќе сфатиме дека и во културата лежат сериозни пари, барем за наши услови.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија