Високи цели, ниски резултати 

По неколку непопуларни епизоди, македонската химна вчера конечно беше правилно испеана, со сите стихови и со имињата на македонските револуционери, без нeкој да биде заборавен. Образот го обелија најмладите, членови на најстариот фестивал на Балканот – „златните славејчиња“.

Овие џивџани, за чиј фестивал со години се крати помошта од буџетот, со толку силна емоција ја испеаја националната химна, што потоа и не мораше ништо да се каже. Преносот можеше да заврши. И онака сендвичот од две тури музика и премиерски говор „помеѓу“, со години е еден стерeотипен и некреативен начин на одбележување на празникот, и не само на вчерашниот.

Она што се претвори во голема симболика беа црвените и жолтите балони, кои славејчињата по настапот ги пуштија со намера да одлетаат што повисоко. И – ете ти малер. Завршија под монтажниот покрив на сцената, кој во моментот наликуваше на реален „еталон“ за висината/плафонот до кој можат да одат нашите државни капацитети. 

Социјалдемократите ветуваа промени и реформски „крв, солзи и пот“. Ќе мора со своите партнери да анализираат – како тој ентузијазам, кој на почетокот даде и одредени охрабрувачки резултати, постепено се претвори во антипод на ветувањата?

Во превод – многу ниско, наспроти високите цели што си ги поставуваме. 

На пример, премиерот најави дека зацртана цел е земјава да се зачлени во ЕУ до 2030 година. Тоа се осум години отсега. Колку за илустрација – од почетокот на изградбата на автопатот Кичево – Охрид поминуваат осум (8) години и сѐ уште не знаеме кога ќе биде завршен. А се работи за една делница од 57 километри, за која до летово се завршени 70 отсто од работите. 

Ако една делница не сме можеле квалитетно да ја завршиме за осум години, тогаш како ќе „трасираме и асфалтираме“ толку кластери, поглавја и обврски што произлегуваат од нив, со сегашното ниско ниво на мотивираност и работа, наспроти високата мотивација за корупција и криминал, и уште повисокиот степен на нивно несанкционирање?

Еве и друг пример. 

Многу ни е битна правната држава, ама сто и дваесет (120) пратеници за една и пол година не можеа да изберат уставни судии што ќе ги наследат оние што се пензионирале. И сѐ уште не е завршен тој избор. Да не зборуваме за брзината со која ќе се пополнува потребата од обвинители. Па, како до целта во вакви услови? Во шега, но и со голем степен на искреност, Ахмети сигурно повторно би рекол „како и досега“, а Ковачевски би го потврдил тоа. И сите слатко би се изнасмеале. 

А токму затоа што со години функционираме „како досега“, сѐ е речиси исто, освен календарот. Годините поминуваат, нашите државни перформанси назадуваат или во најдобар случај „само“ стагнираат. Неслучајно, според најновиот Индекс за човеков развој 2021/2022 година на УНДП, Македонија е на дното меѓу земјите од регионот, и компаративно – сега е на нивото што Словенија го имала уште во 1996 година.

Случајно ли е тоа? Не е. 

Тоа е плод на повеќедецениска негрижа за развојот на оваа земја, цицање на нејзините ресурси за лични цели и мандатна промена на олигархиите – една постојано се заменува со друга. Уште во времето на бившата СФРЈ, и без да се гледа на информативни табли, јасно беше кога сте ја напуштиле територијата на Словенија: кога повеќе нема да гледате добро уредено зеленило, патишта без дупки и околина без отпад.

Три децении по распадот на федерацијата, Македонија сѐ уште е далеку од сликата за некогашната југословенска Словенија, а камоли за европска Словенија. Ова е само еден пример. И покрај непрележаните корупциски болести, речиси сите земји од Балканот, помалку или повеќе бележат некаков прогрес, кој нам ни се лизга од рацете поради неработење, постојани тендерски и други марифетлуци, политика „купи ден-помини“ и шверцување разни „Бесмири“ на мала врата во институциите, до ниво што веќе наликува на анархија.

По падот на владата на Груевски, социјалдемократите ветуваа промени и реформски „крв, солзи и пот“. Ќе мора со своите партнери да анализираат – како тој ентузијазам, кој на почетокот даде и одредени охрабрувачки резултати, постепено се претвори во антипод на ветувањата? Вистинската слика за состојбите не е во соопштенија, каде што како сушени преспански „циронки“ се ниже успех до успех, ама на хартија.

За успесите може да говорат единствено резултатите. 

За жал, вчера се потсетивме на изгубените животи во модуларната болница во Тетово на ланскиот празник, во пожар настанат од краток спој на сеопшта неодговорност и вечно префрлање вина на друго место

За жал, вчера се потсетивме на изгубените животи во модуларната болница во Тетово на ланскиот празник, во пожар настанат од краток спој на сеопшта неодговорност и вечно префрлање вина на друго место. Убиството во Истанбул на член на еден од балканските кланови празнично нѐ потсети и на „дигнитетот“ на македонскиот пасош даван незаконски и со туѓ идентитет, во најмалку 215 такви случаи. 

Без работа, чесност и битка против криминалот, нема никаде да стигнеме, особено не со празна фразеолошка „обединетост во слободата“. Така само може да го дотрошиме времето до целната 2030 година. Како? Како досега.

Дури и смешно е да се говори за потреба од „метла“, која во изминатите години стана симбол само за козметички промени и фрлање прав во очите на јавноста. Практично, кај нас никаква метла веќе не може да заврши работа, колку еден багер што ќе срамни сѐ. Полесно е сè да почне од нула, отколку да се коригира накриво насаденото.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија