Југословенство и ЕУ-гословенство

Некако во сенка на македонско-бугарскиот спор и она несреќно интервју на македонскиот премиер Зоран Заев за БГНЕС, а токму во пресрет на 29 ноември, некогашниот Ден на републиката, во Македонија, би рекле сосема незабележано помина анализата на британскиот политиколог и некогашен дипломат на Балканот (меѓу другото и во Македонија) Тимоти Лес, во која тој тврди дека администрацијата на новиот американски претседател Џозеф Бајден ќе мора да работи на создавање нов ентитет на територијата на Западен Балкан, создаден од „шест држави“ и блиску поврзан со Европската Унија.

Лес, овој нов ентитет го нарекува „ЕУ-гославија“ и смета дека ова решение ќе може да ги задоволи американските аспирации за траен мир на Балканот, односно да ги релаксира напнатите односи меѓу и во западнобалканските земји.

„Тоа нема да биде баш нова Југославија, која беше производ на своето време, но фактите на теренот ќе го принудат Бајден да се врати на логиката на неодамнешното минато и да го поддржи она што ќе биде инкарнација на тоа минато во 21 век – новата ЕУ-гославија“, пишува Лес во својот авторски текст „Under Biden, the US will push for a ‘EU-goslavia’“, објавен на британскиот политички сајт opendemocracy.net.

Лес во својот текст, во суштина, ја турка идејата преку таканаречениот „мал Шенген“ (инаку идеја на Трамп, која преку иницијативата на Србија, е практично прифатена во земјите во регионот, да се дојде до една „слободна“ економска зона, а потоа и до поцврсто политичко заокружување – токму по примерот на Европската Унија.

Во суштина е и добро што овој текст на Лес не предизвика некое особено внимание во Македонија, затоа што секое споменување на што било се врзува за Југославија и за југословенството, тука главно предизвикува премногу врева без никаков обид за посериозно проблематизирање на југословенската идеја. Во тоа огромно количество галама, што главно го произведува овдешната десница (ВМРО-ДПМНЕ) и го наметнува како општ наратив, можат да се разберат само две-три точки: повоената пресметка со колабрационистите, воспоставувањето на еднопартискиот систем во 1945, Голи Оток и култот на личноста на Јосип Броз Тито.

Тоа е разбирливо затоа што сегашната Република Северна Македонија ниту во еден параметар не може да ја издржи споредбата со животот и опстојувањето во некогашната заедничка татковина. Ниту во застапеноста во највисоките нивоа на власт, ниту во стопанската и демографската слика на земјата, ниту во социјалната ситуација и станбената политика, здравствената заштита, урбанизмот, архитектурата, универзитетите… Всушност, во ништо од вистинскиот и секојдневен живот.

Лес во својот текст, во суштина, ја турка идејата преку таканаречениот „мал Шенген“ (инаку идеја на Трамп, која преку иницијативата на Србија, е практично прифатена во земјите во регионот, да се дојде до една „слободна“ економска зона, а потоа и до поцврсто политичко заокружување – токму по примерот на Европската Унија.

Токму затоа националистичкиот дел на македонското општество целосно го премолчува или свесно го фалсификува југословенското наследство, додека либералниот дел го признава до нивото на модернизмот во архитектурата и популарната култура (користејќи ги во прилог на таканаречените македонски национални интереси), додека левицата го доживува, или како полигон за глорификација на партизанската борба и на култот на Тито, или, во помал дел, за реафирмација на самоуправувањето и економската логика на социјалистичка Југославија.

На сите овие гледишта, заедничко им е целосното отсуство на каква било поширока перспектива и неспособност да се размислува надвор од контекстот на денешна Македонија и нејзините доминантни вредности.

Она што е важно да се каже во овој контекст е дека југословенството како идеја е многу постаро од нејзините две истоимени државни рамки (Кралството Југославија и социјалистичка Југославија) и се вкрстува со тогашниот панславизам и широко замисленото Илирско движење.

Ако сакаме фактографски да ги гледаме работите, првата југословенска држава, всушност, ја воспоставува Наполеон со создавањето на Илирските провинции (1806 – 1813), што ги опфаќаат денешна Словенија и Хрватска, заедно со Далмација. Интересно е дека на ова искуство, државотворците никогаш не се повикуваа, па не беше ни истакнувано како факт во југословенските процеси.

Всушност, идејата на југословенството е дека станува збор за единствен културен простор, па во некоја рака, државното врамување на оваа идеја повеќе ѝ штети, отколку што ѝ користи. На крајот на краиштата, и покрај крвавиот распад на земјата и целиот одиум создаден околу југословенството, сведоци сме дека заедничкиот културен простор сѐ уште опстојува.

Просторот тука не ни дозволува поопстојно да се задржиме на таканаречената прва Југославија, односно Кралството Југославија (иако има и тука што да се каже), па само ќе споменеме дека станува за држава, која падна на сопствениот легитимитет и дефицитот на демократијата (што најдобро се гледа преку примерот на забраната на Комунистичката партија на Југославија, инаку во тоа време трета парламентарна партија во земјата).

Факт е, меѓутоа, дека Втората светска војна што донесе окупација и распарчување на земјата (вклучувајќи ја тука и Македонија), благодарејќи ѝ првенствено на Народноослободителната борба, отвори нови општествени перспективи. Факт е дека партизаните ја ослободија земјата и ја создадоа АСНОМ-ска Македонија, втемелена на братството меѓу сите тукашни ентитети, а на поширок план и меѓу сите југословенски народи, со што се прави обид за решавање на националното прашање, потоа врз принципите на социјалистичката револуција и на крајот со воведување на модерноста (индустријализација и електрификација). Овие принципи длабински, суштински и квалитетно ја менуваат земјата.

Тоа нема да биде баш нова Југославија, која беше производ на своето време, но фактите на теренот ќе го принудат Бајден да се врати на логиката на неодамнешното минато и да го поддржи она што ќе биде инкарнација на тоа минато во 21 век – новата ЕУ-гославија, пишува Лес

Со почетоците на општата либерализација, која особено дојде до израз по падот на Ранковиќ (1966), југословенското општество станува отворено потрошувачко. Се појавува феноменот на викендичките, шопинг-излетите во Трст, достапноста на летувања на море итн. Сето тоа е проследено со општа модернизација и целосна промена на културната парадигма, видлива во филмскиот „црн бран“, во апстрактната споменичка пластика и модернистичката хотелска и станбена архитектура.

Сите овие процеси се следени и со специфична урбана култура, која го усвојува заедничкиот „југословенски идентитет“ и ѝ се обраќа на иднината, наместо на минатото, првенствено на полето на музиката, но и во филмот, ликовната уметност, театарот…

Сепак, заедничкиот југословенски наратив на крајот се распадна поради конзервативниот опортунизам и неподготвеноста на партиските елити вистински да комуницираат со општеството и со времето, што придонесе за растот на општиот национализам. Како резултат на ова, денес југословенството е ирационален поим, во целост испразнет од неговата содржина и од какво било проблематизирање.

Еден од ретките обиди на оваа тема е токму текстот на Тимоти Лес, инаку добар познавач на балканските прилики, кој, ете, барем кај нас, не наиде на некаков одѕив.