Купувавте ли веќе како милијардер? Купивте ли нешто од „Тему“? Не! Секоја чест. Тоа значи дека останавте отпорни на најголемата интернетска рекламна кампања што Македонија ја доживеала откога е приклучена на глобалната компјутерска мрежа.
Иако во Македонија функционира само од средината на декември минатата година, „Тему“ веќе во стартот го доби имиџот на најголем општествен феномен. Шансите при влез на некоја од социјалните мрежи, или при играње некоја компјутерска игричка, или при отворање на некој сајт… да не ви излезе онаа портокалова реклама на „Тему“ се еднакви на шансите да засадите цреши на Марс.
Просто не ми се верува дека кога ќе го отворам фрижидерот не ми се појавува некоја порака која ми вели дека можам да купувам како милијардер (ако не сте знаеле, „Shop like a Billionaire“ е рекламниот слоган на „Тему“).
Деловен модел
Секако, рекламата е важен дел од глобалниот успех на оваа трговска апликација. Според некои податоци „Тему“ ѝ платил на „Мета“ (фирмата сопственичка на Фејсбук и Инстаграм, меѓу другото) повеќе од две милијарди долари само за рекламирање. И оваа политика вродува со плод. Само во Германија, на пример, се проценува дека на дневна основа се испорачуваат дури 400.000 пратки дневно.
Тоа, покрај геополитиката, состојбата во Украина, европската одбрана и пробивот на екстремните десничари на политичката сцена, практично го постави „Тему“ како една од главните теми на германското општество. Покренати се низа механизми да се намали побарувачката токму од оваа апликација, која е препознаена како опасност во функционирањето на германската трговија. Но, засега без поголем успех. Германските аналитичари велат дека „Тему“ не може да се запре, барем дури не се појави некој друг, уште поевтин провајдер, што реално ќе направи поголеми проблеми на трговскиот пазар.
Моделот е направен според бихевиористичката психологија. Станува збор за таканареченото „анксиозно купување“. Тему ве бомбардира со рокови. „Оваа цена важи само уште 30 минути“
Но, и покрај овој пробив и прогресивниот раст на прометот, стручњаците велат дека реалната вредност на оваа апликација е повеќекратно помала од вистинската вредност на нејзините главни глобални конкуренти „Амазон“ и „Алиекспрес“.
Овој, навидум, парадокс е производ токму на моделот врз кој функционира „Тему“. А тој е прилично едноставен. „Тему“ е мега-платформа за размена, односно посредништво, некој вид грандиозен „Пазар 3“. Само што преку „Тему“ купувате исклучиво нови производи.
Клучното тука е дека купувате преку, а не од „Тему“, затоа што „Тему“ единствено ги пакува нарачаните производи, и тоа само по потреба. Најчесто тоа го прават самите произведувачи. А „Тему“ наплаќа провизија. Тоа значи дека „Тему“ не плаќа скапи магацини низ светот и дека нема потреба од поседување на големи и бројни недвижнини, како што нема потреба ни од голем број постојано вработени.
Вториот дел од овој модел е исто толку ефикасен, „Тему“ со своите партнери, добавувачите и доставувачите, потпишува прилично строги договори. На пример, ако купувачот е незадоволен со купениот производ има 90 дена да го врати. Рекламацијата не се доведува во прашање, но произведувачот чиј производ е вратен мора да ја плати штетата плус казна. Натаму, ако производот не стаса на време, догаш доставувачот мора да плаќа пенали за секој ден доцнење.
Малите кинески произведувачи често протестираат поради драконските казни, но сепак не ги раскинуваат своите договори, затоа што „Тему“ им е единствената шанса да се прошират и да ги пласираат своите производи подалеку од градот каде што се сместени. Токму затоа „Тему“ и не продава стока на големи корпорации или познати фирми.
Нема таму да најдете ништо од „Луј Витон“, „Диор“ или „Најк“.
Но, затоа, ако сте доволно упорен во скролањето по илјадниците производи, можете да пронајдете целосно ист производ со две различни цени. Всушност, станува збор за производ од двајца произведувачи, а претпоставка е дека поскапиот е сепак поквалитетно направен.
„Тему“ дели разни попусти и на онака евтините цени, па дури и бесплатни производи (трошок што влегува во нивните средства за реклама)
Третиот дел од моделот е направен според бихевиористичката психологија. Станува збор за таканареченото „анксиозно купување“. Тему ве бомбардира со рокови. „Оваа цена важи само уште 30 минути“. Па, нон-стоп ве предупредува дека времето истекува. Ако не го купите во одредениот термин, може да ви се случи да наидете на пораката „производот не е повеќе достапен“. Секако, ако сте доволно упорен, ќе го најдете истиот производ само под друго име.
А ако успеете „на време“ да го нарачате производот, тогаш се чувствувате како победник, како да сте добиле на лото. Натаму, „Тему“ дели разни попусти и на онака евтините цени, па дури и бесплатни производи (трошок што влегува во нивните средства за реклама). Токму од бихевиористичката психологија знаеме дека овие методи се методи за создавање зависност. „Тему“ знае да развие вистинска коцкарска зависност. Се разбира, ако сте склони кон овие пороци.
Еден од битните фактори во работењето на „Тему“ е безбедноста на трансакциите. Нема забележени тужби за кражба на лични податоци или кражба на пари од сметка. А веќе споменавме дека купувачот може да ја врати стоката во рок од 90 дена, што дава прилична безбедност при купувањето.
За волја на вистината, мене не ми е најјасно како можам од Македонија да вратам стока во Кина и дали ако нарачам кондури и ги износам три месеци, повторно можам да ги вратам. Но, со оглед на цените на производите мислам дека од овие краишта никој не се ни обидел да врати нешто. Не се исплаќа.
Македонскиот дел од „Тему“
„Тему“ е фирма-ќерка на кинеската корпорација „ПДД Холдинг“, во сопственост на веројатно најбогатиот Кинез Колин Хуанг. Станува збор за еден интересен лик, информатички инжињер кој на почетокот на својата кариера работи во „Мајкрософт“, а подоцна и во „Гугл“.
Во 2006 година се враќа во Кина за да го развие таму сервисот на „Гугл“. Но, веќе во 2007 ја напушта компанијата и формира своја е-трговска апликација „Оки“, која главно се занимава со трговија на храна и многу бргу го освојува кинескиот пазар. Потоа следи апликацијата „Пиндуодуо“, формирана на Кајманските острови, каде што подоцна е создадена и „Тему“.
„Тему“ е релативно нова апликација. Во САД влегува кон крајот на 2022 година, а посериозно е забележана со нивните реклами во време на нивниот најгледан телевизиски настан „Супер боул“. Веќе во 2023 влегува во Австралија, Нов Зеланд, Германија, Франција, Холандија, Шпанија, Велика Британија и Италија. Веќе во 2024 е присутна во остатокот на светот.
Во Германија веќе се предупредува дека дури 95 проценти од играчките што се продаваат преку „Тему“ содржат повеќе олово од дозволеното
Во регионот е некаде од средината на минатата година, а кај нас официјално е од 15 декември 2024.
Најмалата нарачка што може да се нарача од Македонија изнесува 600 денари. Најголемата е во износ од 22 евра во денарска противвредност. Сите цени се ставени во денари, а највисоката вредност е одредена според царинските прописи. Односно „Тему“, барем во почетната фаза, не сака да ги оптоварува своите производи со дополнителни давачки.
Од „Еко логистик сервис“, главниот дистрибутер за производите на „Тему“ велат дека на дневна основа испорачува десетина илјади пратки. И очекуваат интересот да расте и натаму. Овдешните корисници на „Тему“ со кои авторот на овој текст имаше можност да разговара, велат дека ги гледаат истите производи и во нашите продавници, само што се значително поскапи од оние на „Тему“.
Допрва се очекува да се види како „Тему“ ќе делува врз македонскиот трговски пазар. „Зошто да скитам по продавниции да барам нешто, кога ќе ми го донесат на врата, ем поевтино, ем со ист квалитет“ ми вели една нивна корисничка.
Но, да не излезе дека е ова реклама за апликацијата, редно е да се споменат и контроверзите. Во Германија веќе се предупредува дека дури 95 проценти од играчките што се продаваат преку „Тему“ содржат повеќе олово од дозволеното. Од Европската унија се предупредува дека поголемиот број производи не го исполнуваат ЕУ стандардот што значи дека не би можеле регуларно да се увезат на нивната територија.
„Тему“ се обвинува за користење малолетничка и прекувремена евтина работна сила за пакување на производите. Постојат и неразјаснети прашања за авторските права за одредени производи.
Што се однесува до купувачите, првото правило при купувањето гласи: не судете според фотографиите на производите, туку читајте го описот под фотографиите и рецензиите на купувачите. На фотографијата ќе видите, на пример, мобилен телефон по цена од 125 денари и ќе добиете навлака за телефон. Или ќе видите електрична пила за илјада денари и ќе добиете синџир за пилата. Или ќе видите некоја чанта, а ќе добиете паричник. Сепак, во описот е релативно точно опишан предметот на желбата. А уште поточно во рецензиите, особено оние што се проследени со фотографии.
И второ правило: не купувајте глупости што реално не ви требаат. Освен ако не сакате да се чувствувате како милијардери нарачани од „Тему“.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија