Читам во медиумите за настапот на министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на Преспа форумот за дијалог. Од извлечениот наслов: „Културата и младите се нашиот потенцијал во градењето заеднички европски дом“, читателот би помислил дека станува збор за пригоден говор во вакви ситуации, преполн со испразнети флоскули и фрази што суштински ништо не значат. И ќе биде во право. Барем според наведените цитати во медиумите.
Немам никаква идеја да полемизирам со министерката. Впрочем, нема ни што да се полемизира со тврдењата дека „младите се нашата најголема вредност“ или дека „нашето културно наследство и нашиот културен потенцијал се уште една вредност во градењето на заедничкиот европски дом“. Но, сепак, ваквите размислувања на актуелната министерка можат да бидат поттик за вистинското одредување на местото на културата, културните политики и културните творци во денешна Македонија.
Годините ми дозволуваат да правам споредби со некои минати времиња, оние на „темниот“ социјализам и местото и улогата на културата во тоа време. Не можам да се оттргнам од впечатокот дека тогаш зборот на уметничката и културната елита и тоа како беше важен и уважуван од тогашните политички елити. Едноставно, културата во тоа време не беше носител на градењето каков било заеднички дом, ни југословенски, ни европски, ни светски… Таа беше активен и рамноправен дел на севкупниот културен простор.
Jугословенската култура не беше „телохранител“ на никаков „национален идентитет“…на културата и творештвото не им беше примарна задача да го чуваат и да го развиваат „националниот интерес“, туку – да го менуваат општеството!
По природата на работите, југословенската култура не беше „телохранител“ на никаков „национален идентитет“, затоа што во Југославија постоеја многу идентитети, три официјални јазици, многу нации и ентитети, различни традиции, две писма…, а еден заеднички културен простор, кој релативно успешно ги ширеше своите квалитети и надвор од границите на земјата. Во таа смисла, на културата и творештвото не им беше примарна задача да го чуваат и да го развиваат „националниот интерес“, туку – да го менуваат општеството!
Во Македонија, на пример, Матеја Матевски беше член на тогашното претседателство, највисокиот политички орган во републиката. Ацо Шопов, Владо Малески, Трајан Петровски… беа југословенски амбасадори по светот. Истакнатите творци од сите области имаа истакнати позиции во општеството, политички, директорски, раководни… Некои од нив имаа своевидни синекури само за да имаат време да творат. Многумина добија плацови на Водно, тогаш елитната скопска населба за високите политичари и значајните „културњаци“. Со еден збор, нивниот глас беше уважуван и се слушаше. Дури и се наслушнуваше. А денес не се знае ниту дали Славко Јаневски има улица во Скопје или нема.
Се сеќавам дека како млад новинар слушав анегдоти за тоа дека кога Блаже Конески, во својство на претседател на Друштвото на писателите на Македонија, ќе се јавел кај министерот за култура (претседателот на комитет или како веќе во тоа време се викаше ресорот за култура), министерот стоел во став мирно додека телефонски разговарал со Конески. Не сум сигурен дека денес актуелниот претседател на ДПМ, Христо Петрески, може едноставно да стаса до госпоѓата Костадиновска-Стојчевска, ама сигурен сум дека неговото мислење нема да има преголема тежина во нејзиното сфаќање на културните политики и значењето на културата „во градењето на заедничкиот европски дом“.
Мислам дека беше 1987 година, значи седум години по смртта на Тито, кога словенечката уметничка група „Нуе словенише кунст“ (Neue Slovenische Kunst) направи вистински земјотрес на југословенската политичка и културна сцена. Имено, таа година на сојузниот конкурс за плакат за прославата на тогашниот Ден на младоста, победија токму НСК со решение на кое во чист соцреалистички стил е претставен млад набилдан човек со некој факел во левата и развиорено југословенско знаме во десната рака. На врвот на знамето стои гулаб. Откога плакатот беше испромовиран во јавноста, токму самите НСК излегоа со соопштение дека станува збор за плагијат на плакат на нацистичкиот уметник Рихард Клајн, при што германското знаме е заменето со југословенско, а германскиот орел со гулаб.
За разлика од НСК (чии основачи, групата „Лајбах“ деновиве ќе гостуваат во Скопје), оние што навистина го бранеа „националниот идентитет“, не се прославија баш многу
Не, не беше тоа споредување на Тито со Хитлер. Тоа беше потсмевање со естетиката на тоталитаризмот. НСК не го бранеа тогаш словенечкиот „национален идентитет“, туку го менуваа светот! Истите тие НСК во 1991, во екот на распадот на Југославија, прогласија сопствена независна држава, правејќи поштенски марки и пасоши. Разликата меѓу нашата „држава Вевчани“, која, исто така, направи свои пасоши и пари како туристички сувенир, „државата“ на НСК беше „бездржавна“, односно без територија и без етнички определен народ како носител на суверенитетот. „Куќа цел свет братски ми е“ што би рекол Кочо Рацин.
За разлика од НСК (чии основачи, групата „Лајбах“ деновиве ќе гостуваат во Скопје), оние што навистина го бранеа „националниот идентитет“, не се прославија баш многу. Српскиот лидер Слободан Милошевиќ, за своја политичка програма го зеде таканаречениот Меморандум на Српската академија на науките и уметностите. И врз база на тој тогаш необјавен документ го почна раскројувањето на Југославија. Како одговор, Република Словенија го свика таканаречениот Словенечки културен конгрес што се одржа во Цанкарјевиот дом во Љубљана (бев присутен како новинар). Од денешен аспект, тој може да се оцени како сепаратистички или сецесионистички, но во суштина беше само обид да се полемизира со ставовите на САНУ.
Во Македонија во тоа време, кај голем дел од јавноста, Словенија беше перцепирана како република што ја растура државата, а Слободан Милошевиќ како некој вид месија што ќе ја спаси. Во Скопје во тоа време, токму како одговор на словенечкиот културен конгрес, а не на САНУ, во сегашната сала на МОБ се одржа македонски културен конгрес. А во тие години некако и српската поетеса Десанка Максимовиќ, инаку отворен поддржувач на политиката на Милошевиќ, доби Златен венец на Струшките вечери на поезијата. Врачувањето на оваа награда беше повод на единствената службена посета на Милошевиќ на Македонија. (Потоа дојде уште еднаш во Охрид, во рамките на преговарачкиот „циркус“ на претседателите на сите ју-републики во напорот да се спречи крвавиот распад.)
Се разбира дека не ми е поентата да ги фалам или да ги кудам тогашните политичари и нивниот однос кон културната елита. Поентата ми е да прашам каде е културата денес, колку се почитува или барем се слуша нејзиниот глас? Кои се тие „културни потенцијали“ што ги споменува министерката? И што правиме ние во врска со нив?
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија