Мувите касаат, ќе врне!

Сосема ми е јасно зошто постојано се мачиме да го објасниме нашиот идентитетски континуитет – историски и културен. Затоа што страдаме од синдром на самоуништување, самите да се убивме на сто начини, во комбинација со грдата пракса – историјата да почнува одново, сега, од мене/нас. Сите тие микрослики ја сочинуваат нашата голема слика, структурирана како растурена сарма. Примери има многу, ќе ги наведам само последните. 

Од пред десетина дена, на Клиниката за кардиохирургија, нова историја почна да испишува новиот министер за здравство. Историја не се гради со разрешување, туку со дела. Доктор Сашко Јовев тоа добро го знае, ама не и министерот. Но, на јавноста ѝ беше испратена порака дека овде делата не се ценат.  

Секој космодиск е наменет за ’рбет што нема интегритет самиот да се држи во исправена позиција. Мислам на морална позиција

Потписникот на Преспанскиот договор, Никола Димитров не бил поканет на Преспа форумот за дијалог, на петгодишнината од потпишувањето на Договорот. Не бил поканет ни лани. Како што тргнало, и сликите од Нивици еден ден може да доживеат ретуширање. Повикот за единство, обединување и дијалог се докажуваат со потези за поделба и игнорирање. Изгледа шашаво, ама функционира. Впрочем, секој космодиск е наменет за ’рбет што нема интегритет самиот да се држи во исправена позиција. Мислам на морална позиција. 

Ако досега добро нѐ истренираа да се навикнеме што полесно да ги дигестираме ваквите помии во политиката, многу тешко оди кога сведочиме за помии и врз грбот на творците. Само оние што се заседнати во институции по некаков клуч, што во животот шајка не заковале, што светилка не смениле, не разбираат колку е макотрпно чекорењето по овдешните басамаци на културата.

И само тие што не знаат што е творечка пот, а се нашле на места да одлучуваат за некого и нешто, ете тие најлесно може да штанцаат кривични пријави и да „судат“… Кого? Индиректно и себеси.

Со аташе за култура од земја-членка на ЕУ, деновиве разговаравме за културата и идентитетските прашања, тема што деновиве е многу актуелна на политичко-интеграциски план. Бараме гаранции за нашиот многувековен идентитет, етнички, историски, културен, јазичен, ама ме изненади прашањето – дали самите ние ги почитуваме актуелните стожери на културниот идентитет, тие што се легитимациска картичка на Македонија во светот – македонските творци. 

Ја допревме оваа тема од тој, ама и од корупциски аспект. Бидејќи во земјите на ЕУ навистина е незамисливо на лице што укажува на корупциски практики, кое укажува нa судир на интереси и незаконско работење, да му се одговори со кривична пријава, како што направи Агенцијата за филм кон „Банана филм“, продукциската куќа на режисерот Милчо Манчевски

Во тие земји, ваквата одмазда би била врвен скандал. А треба и кај нас да е, бидејќи, согласно со Законот за спречување корупција, никој не смее да трпи последици за пријавување случај на коруптивно однесување. 

Овде зборуваме, пред сѐ, за необјаснивиот порив за отстрел на уметникот – како да најдеш начин да го демотивираш, обесхрабриш, а времето за креативност да му го трошиш со тривијални работи

Не затоа што станува збор за светски реномиран режисер, со долга референца зад себе: со филмови прикажани до денес на повеќе од 300 фестивали, освоени стотици награди, проекции во над 100 држави, а во некои земји вклучени и во наставната програма. Бидејќи никој не е амнестиран од проверка и одговорност, па ни успешните, ајде сите тие заслуги за момент да ги оставиме настрана, заради потребата за расчистување на маглата.

Но, не ќе може да го игнорираме записникот на Министерството за култура, во кој се вели дека кај продукцијата на Манчевски не е утврдено ненаменско или спротивно на договорот користење на средствата добиени од Агенцијата. 

Дури и да сакаме да го игнорираме, веднаш зад аголот ќе нѐ дочека Извештајот на Државниот завод за ревизија од спроведената ревизија во Агенцијата за филм. Во него е изразено „неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива“.

Во Извештајот „нема што нема“: од забелешки за невоспоставена единица за внатрешна ревизија и недонесени деловници за работа, до слабости што може да имаат влијание на субјективно постапување при изборот на филмски проекти и непридржување до задолжителните услови и критериуми од Законот за филмска дејност. Не биле воспоставени контроли во исполнувањето на условите од продуцентските куќи пред склучувањето на договорите и во сите фази од реализацијата имало неажурна евиденција на доделените проекти и непреземени мерки за раскинување договори за проекти кај кои било утврдено непочитување на одредбите од договорите. 

Ова е само едно делче. Кој сака, може да го прочита во целина. Ама најбитно е да го прочитаат надлежните што треба да постапуваат по наодите на ДЗР. Агенцијата за филм не e сестринството на Мајка Тереза. Во изминатиот период беше вртлог на разни скандали, кои многупати беа пријавувани во ДКСК. Некои скандали резултираа дури и со писма од странски министри до овдешните власти, ги полнеа рубриките со наводи за местење конкурси, пари за проекти според ниеден критериум, изигрување закони, провизии под маса… 

И за да се покријат дупки и дубиози, некој решил да стегне кривична пријава. Кому? Ај на Манчевски, бидејќи се дрзнал да алармира за незаконитости, ем им се чинело дека така може да си покријат нивни незаконски активности. Првата – одбивањето да ги доисплатат средствата, кои, според правосилен договор, ѝ ги должеле на „Банана филм“ за филмот „Кајмак“. Втората – незаконското одбивање на Агенцијата да потпише преддоговор за проектот „Биста“, поддржан како филм од национален интерес на конкурсот од лани. Ваквиот потег буквално ги брка копродуцентите од десет земји. А потоа ќе зборуваме за инвестиции и за меѓународна промоција на македонската култура.

Дали самите ги почитуваме актуелните стожери на културниот идентитет, тие што се легитимациска картичка на Македонија во светот – македонските творци? Срамно е и да се изусти одговорот

Ова е школски пример како не треба да биде. Ова е показна вежба на притисок од апаратчици охрабрени од молкот на институциите што мижат пред Авгиевата штала. Случајот е под мониторинг и на Транспаренси интернешнел – Македонија, организација која со право предупредува дека, покрај репутациската, се нанесува и финансиска штета на државата, но и на лица што се охрабриле да пријават незаконитост.

Кој ќе носи одговорност за тоа? Никој не мисли на „зимата“ додека тревата е зелена, а потоа ќе биде предоцна. Овде не станува збор само за финансиски средства. Овде зборуваме, пред сѐ, за необјаснивиот порив за отстрел на уметникот – како да најдеш начин да го демотивираш, обесхрабриш, а времето за креативност да му го трошиш со тривијални работи. 

Во желбата на некои апаратчици од нив да почне историјата, на пат сме и ретките ѕвезди во културата да ги натераме да си заминат што подалеку одовде. Тоа ли е целта? Да остане мала избрана дружина, „мој до моега“, која за сите пари ќе снима државни пиар-пангирици.

И да се вратам на темата почната со споменатиот соговорник – дали самите ги почитуваме актуелните стожери на културниот идентитет, тие што се легитимациска картичка на Македонија во светот – македонските творци? Срамно е и да се изусти одговорот. 

Тоа се моментите кога во себе си велиш „ме изеде нашиот срам“, ама не сакаш гласно да го кажеш, па за да ја прекинеш тишината, ја менуваш темата мрморејќи „колку е спарно времево…“ 

Одговорот наликува на реплика од филм на Манчевски.

„Штом мувите касаат, ќе врне“. 

Сѐ е кажано. И повеќе од тоа.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија